Визуелната култура – нужно зло за политичките елити во Македонија

Македонија поседува исклучителна култура, а во тие рамки и врвни автори од областа на визуелните уметности, индивидуалци кои имаат капацитет и недвојбено се на врвно светско рамниште. Меѓутоа, визуелната уметност како дел од културниот идентитет на Македонија последните децении поминува низ една длабока агонија

Во изминатите 34 години не се сеќавам дека прашањето како живее еден визуелен уметник било предмет на интерес на која било политичка гарнитура. Визуелната култура за политичките елити е нужно зло и не постои волја за поместување од таквиот став, вели Гоце Наневски, скулптор, мултимедијален визуелен уметник, професор и продекан за финасии на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Наневски зборува за неговата кариера во изминатите 30 години, за третманот на визуелните уметности и ликовното образование во државата, воопшто, за неговите преокупации како ликовен педагог и како автор.

Гоце Наневски

Од запчаници и рециклиран метал, инспирација од работилниците и металната индустрија до лендарт, инсталација блиско поврзана со пејзажот, а и трагање по инспирација во природата. Како би го опишале свој уметнички развој во изминатите 30 години?

– Многу комплексно и дијалектичко прашање. Веројатно детерминирањето на нештата ни се случува уште во детските денови. Оттаму почнува сè и тогаш се пали првата искра на „градење“ на алатките кои потоа го детерминираат нашиот креативен и уметнички пат. Сè понатаму е надградување. Уметниковиот развој понатаму се должи на храброста да се биде истраен, искрен и директен, секој компромис на тој пат води кон дезориентација.

Јас сметав дека моите интереси е добро да бидат на дивергентни, едни или други појдовни изразни места. Некои колеги автори веројатно сметаат поинаку, но јас сè уште мислам дека истражувањата на различни локации можат да дадат (не нужно) и нови вредности. Но тука повторно доаѓаме до храброста да се оди кон хетерогеност дури и по цена на неуспех. И тоа конечно е индивидуална авторска проценка како, и што понатаму.

Прашањето каде е насочен авторскиот фокус е длабоко индивидуално и логично на тоа се напластува и развојот на авторскиот ракопис и израз. Јас бев и сè уште сум фасциниран од скулптурата во проширено поле, секако инсталацијата, звукот и видеото. Апетитот за large scale дела сè уште постои баш заради предизвикот за „менаџирање“ на нови концепциски, уметнички и технолошки ситуации. Едноставно ме фасцинираат предизвици кои не зависат само од авторот, овде особено мислам на оние техничко-технолошките и ставот по истите на науката, инженерите, техниката.

Инсталацијата „Мо(ну)мент“ од Наневски

Паралелно со авторскиот аспект оди и наставниот предизвик како работата со младите визуелни уметници, студентите на Факултетот за ликовни уметници. Тука мора да се биде многу внимателен и да се детерминира и систематизира наставата која мора да биде адаптирана на нивните предзнаења, а да биде во духот со времето и од концепциски и од техничко-технолошки апсект. Студентот мора да биде во тек со светските практики и уметнички концепти и изразности за да може да изгради современи индивидуални творечки капацитети со кој ќе може да настапи на уметничката сцена на која тој подоцна ќе биде битен чинител.

Кога зборуваме за инсталацијата тесно поврзана со пејзажот или ленд артот можам да го споменам проектот New Art For(u)m (од кој сум дел) на Факултетот за ликовни уметности замислен како едноседмична работилница за експериментални и интердисциплинарни уметнички дискурси изведена надвор од факултетските ателјеа.

Мултимедијалноста денес ја однесе уметноста во толку многу различни правци. Што ја определува вредноста на едно уметничко дело, колку е оваа оценка кураторски субјективна, а колку треба да биде вреднувана од публиката?

– Мултимедијалноста како платформа во визуелните уметности е логична патека низ која минува(ше) уметноста имајќи го предвид технолошкиот напредок, медиумите, високите технологии, интернетот, дигиталната ера, комуникациите и низ таа призма визуелната уметност едноставно фасцинираше со придобивките кои се недвосмислени од „новото“ време и услови.

Видео од инсталацијата „Мо(ну)мент“ од Наневски

Вредноста на уметничкото дело е тешко мерлива категорија. Особено мислам на мерењето на вредноста на уметноста/делото во пари. Но, кога зборуваме за капиталистичкиот вредносен систем доаѓаме до моментот од кој тешко може да се поместиме – цената на делото е таа за која авторот и купувачот се согласуваат дека е прифатлива за двете страни. Следниот чекор е моментот на наддавање или аукција. Кураторот тука веројатно има посредна улога во директното профилирање на цената на делото. На развиените уметнички пазари публиката учествува во создавањето на цената на уметноста бидејќи таа директно е конзумент на истата и во колекционерска смисла. Со тоа пазарот на уметнички дела има сериозен бонитет, а оттму е и релевантен економски двигател.

Како би го опишале третманот на културата во Македонија денес, со референца на визуелните и мултимедијалните уметности?

– Македонија поседува исклучителна култура, а во тие рамки и врвни автори од областа на визуелните уметности, индивидуалци кои имаат капацитет и недвојбено се на врвно светско рамниште. Меѓутоа, визуелната уметност како дел од културниот идентитет на Македонија последните децении поминува низ една длабока агонија.

Во рамки на стратегиите на државата околу создавање на услови за наука и култура јас не гледам никаква платформа која би ги засилила уметнички истражувања и продукција. Очигледно, дејноста е исклучиво финансирана од самите автори и од ништо друго. Тука не постои развиен арт маркет (како во развиените западни земји) нитѕ поддршка од државата (како во источните во минатото) во кои во меѓувреме се разви и маркетот, за дејноста да може да биде самоодржлива.

Авторите самостојно ја финансираат сопствената уметничка продукција и конечно дејноста така и функционира. Министерството за култура скромно финансира дел од другите трошоци како каталог или слично и секако немаме автори кои работат на large scale дела или високо технолошки проекти само заради тоа што сето тоа е прескапо, а тие ни од далеку не можат тоа финансиски да си го дозволат. Сведочиме еден историски уметничко-технолошки компромис што воопшто не е добро.

„Змијарник“ од Стефан Јакимовски

Како живее и функционира визуелниот автор – во овие 34 години не се сеќавам дека ова било предмет на интерес, кај која било политичка гарнитура. Моето чувство е дека визуелната култура за политичките елити е нужно зло и не постои волја за поместување од таквиот став. Следен проблем е партизираноста наспроти професионализмот. Едноставно не смеете да си дозволите менаџерите на врвните национални институции да ги водат партиски нископрофилни (полу)професионалци само и само затоа што тие се припадници на некоја политичка организација, наместо кадри со врвна биографија, знаење, или имиња со релевантна меѓународна активност. Бидејќи истиот тој кадар ќе треба да креира политики кои треба да донесат бенефит и напредок во дејноста, а не деградација. Партизирањето на културните политики не можат да донесат квалитет и напредок и тоа во овие години одлично практично го докажавме. И уште еден пример за третманот … за авторот кој е национален преставник и кој ја преставува земјата на Венециското биенале (најбитната светска манифестација во областа на визуелните уметности) во Македонија не е предвиден авторски хонорар. Тоа е за жал е баш така и го отсликува односот на заедницата кон дејноста.

Вашиот татко беше ликовен педагог и советник по ликовно образование во Бирото за развој на образованието од 1986 до 2006 година. Денес Вие сте редовен професор на ФЛУ и можете да направите објективна хронолигија на состојбите во ликовното образование, кое денес е доведено до 1 редовен час по ликовно во основните училишта. Кои добри практики се напуштени? Каков е третманот на ликовната уметност во образованието денес?

– Тука лежи одговорот за причините за состојбата од претходното прашање. „Реформите“ во образованието низ годините наместо да ги оптимизираат развојот на суштинските способности кај децата како што е решавање на проблеми од страна на учениците, во најголем дел не создаваат развиени индивидуи со скромни социјални и емоционални интелигенции. Деградирањето на ликовното образование се случува со години наназад. Од два часа од прво до шесто и по еден во седмо и осмо одделение, сега фондот е еден час неделно од прво до деветто од кои во првите одделенија е комбинација со друг предмет. И конечно доаѓаме до свеста, феноменот кој се развива во интеракција со одреден ентитет. Како можеме да очекуваме свест за потребата за силна и развиена културна и визуелна сцена и идентитет конечно, доколку вие имате прескромно образование за истата работа, во случајов визуелната уметност, а во исто време имате моќ за одлучување.

Дело од студентот Сашо Павлоски / Годошна излоба на ФЛУ 2023 година

Во деведесеттите години наставата по ликовно образование беше многу повисоко организирана, со ученички изложби и претставувања тука и надвор од земјата, а наставниците беа организирани во Здруженија. Низ годините од прва рака бев сведок колку татко ми Петре Наневски беше посветен во систематизирање на ликовното образование, со различни семинари и обуки и секако борбата за истото во системот на образование во Македонија. Дома сè уште имаме купишта документи и архивски материјал кој еден ден ќе стане интересен за анализа.

Денес, системот е дополнително бирократизиран и сегашните наставници се оптоварени со несуштински задачи наместо да имаат простор за дообразовање и професионално напредување што директно би имало импакт во резултатите од наставата.

Ликовните уметности и нивното организирано практикување генерираат развивање на продлабочена иновативност и креативност кај ученикот. Креативните, иновативните, и вкупните интелектуални, емоционални и социјални способности развиени од часовите по Ликовно образование, ученикот го детерминираат во индивидуа со развиен потенцијал, односно способности за решавање на комплексни и сложени проблеми во најгенерален смисол. Низ практикувањето на предметот Ликовно образование ученикот минува низ низа креативни процеси кои методолошки ќе умее да ги применува во problem solving ситуации.

Дело од Драган Пендовска / Годишна изложба на ФЛУ 2019 година

Овде секако не говориме за идните визуелни уметници, туку за градење на капацитети на индивидуална креативност и инвентивност кај идните инженери, лекари, научници, архитекти, економисти итн. Тука е добро да се напомене и сеприсутноста на Design thinking нелинеарниот интерактивен процес кој современто општество го користи за решавање на екстремно комплексни предизвици од применет каракетер, а е најблизок со процесите во креирањето во ликовните уметности. Затоа сметам дека е недвосмислено пресудно Ликовното образование да има поинаква застапеност во ообразовниот систем зарад инвестиција во креативни и инвентивни кадри.

Каков е интересот за студирање на Факултетот з аликовни уметности во последните години? Каде има најголем интерес?

– Во последната деценија нтересот за студирање ликовни уметности согласно вкупната атмосфера во Макединија стагнираше. Но, минатата 2023/2024 академска учебна година Факултетот запиша 45 студенти (а квотата според Конкурсот на УКИМ беше 44 места). Изминатите неколку години ФЛУ понуди цел спектар на активности вклучувајќи го и подобрувањето на условите за студирање, а особено беа видливи различни изложби, соработки, работилници кои понудија нова слика за реалното осовременување на Факултетот. Целиме кон обезбедување на услови за настава по мултимедиумските уметности, скулптурата, конзервацијата итн.

Дело на студентот Дамјан Јанкоски / Годишна изложба на ФЛУ 2024

ФЛУ активно работи на проширувањето на Еразмус+ портфолиото за мобилност, на вмрежувањето и соработките со различни институции (во земјата и надвор) со кои партнерски работиме на различни активности и проекти и секако соработки со други факултети и универзитети од земјата и надвор и други чинители од културната и бизнис заедница. Најголемиот интерес е за студиската програма Сликарство и трансмедиумски практики како и областа блиска до графичкиот дизајн, но не помалку атрактивни се студиските програми за Графика и трансмедиумски практики, Скулптура и трансмедиумски практики и секако Педагошкиот оддел на Факултетот за ликовни уметности.

Раскажете ни нешто повеќе за проектот „Помеѓу природата и активизмот“. Каков е интересот на уметниците?

– Идејата е Факултетот да понуди поширока платформа за интердисциплинарни уметнички истражувања и продукција за своите но и студентите од други факултети и универзитети. Летната школа насловена како New Art For(u)m е замислена како традиционална едноседмична работилница за експериментални и интердисциплинарни дискурси изведена надвор од факултетските ателјеа. Целта е проширување на спектарот на уметничките искуства и изнаоѓање и практикување на современи и алтернативни уметнички пристапи, постапки и протоколи во творештвото кај студентите.

Работен амбиент од Летната школа 2023

Целиме кај студентите да се продлабочат способностите за креативна адаптација низ нестандардни уметнички постапки, односно изведување на експерименти и истражувања кои можат да понудат авангардни и нестандардни резултати, а на пример можат (но не и нужно) да бидат врзани со локацијата, звукот, перформансот, дијалектиката итн. Сесијата „Помеѓу природата и активизмот“, финансирана од ИКСА програмата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, беше изведена лани во Лазарополе. Целите на школата реферираа кон конципирање на ликовен контекст надвор од ателјето, близок до жанрот на инсталацијата, а тесно поврзан со пејсажот, односно проширување на практични сознанија и искуствата на студентите за Land & Environmental уметноста. Студентите директно се соочија со пејсажот и локалната геоморфологија. Се истражуваа различни локации со различни морфолошки идентитети и конфигурации, локалната историја и преданија, играта на светлото и сенката, трагите од метеоролошките прилики, биолошките феномени во рамки на фауната, водата и нејзината улога во пејсажот, итн. Минатиот месец се одржа втората сесија на школата под наслов „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“. Сесијата ја водеше Дориан Јовановиќ, продуцент, композитор, инструменталист, фронтмен на String Forces, Chalgia Sound System и дел од Добрила & Дориан Дуо.

Ја претставувавте Македонија на Венециското биенале за уметност во 2009 година. Како влијаеше тоа на кариерата и на уметничкиот развој потоа?

– Венециското биенале е најрелевантната светска манифестација од областа на визеулните уметности. На биеналето со наслов „Создавање светови“ јас го преставив проектот насловен како „Педесет или Педесет“ – кинетичка инсталација односно кинетички објект од големи димензии и звучна инсталација меѓусебно зависно организирани. Пет години подоцна, во 2014 година го претставив проектот „Мон(у)мент“ исто така кинетички објект од голем размер и видео меѓусебно зависно организирани, проект кој го сметам како најслоевит, длабоко комплексен и во уметничка и во техничко технолошка смисла и веројатно најзрел до тој момент.

Годишна изложба 2023

Лично сметам дека начинот на кои Македонија ги претставува своите автори, односно павилјони треба да биде ревидиран и да се обрне поголемо организациско и финансиско внимание за да проектот, односно уметничката вредност која таму се претставува, го добие заслуженото внимание од светската уметничка јавност. Изгледa ние малку разбираме дека културата е првиот суштински слој на националниот односно државен идентитет и немањето сенс за истото не става на периферијата не смо на културната, туку на политичката мапа како едноставно нерелевантни.

Кои се Вашите предизвици и преокупации во уметноста денес?

– Со Дориан Јовановиќ подготвуваме коавторски проект со работен наслов „На работ“ – една ангажирана рефлексија на нашето секојдневие отсликана низ медиумите и практиките кои и на двајцата ни се интересни, а имаат една здружена критичка нарација и заеднички изграден визуелен идентитет.

Сподели