Ако Халки поттикне барем едно дете да го направи светов поубав, тогаш да, оваа професија е исплатлива

Трајче Павлов е артистот што ја илустрираше Сликовницата на Халки – проект на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ и „Халкбанк“

Да инспирирам барем една личност на свој начин да ја засака уметноста, за мене е доволно, вели Трајче Павлов, ликовен уметник кој е илустратор на Сликовницата на Халки – проект на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ и „Халкбанк“. Халки е лик кој полека, но сигурно станува другар на децата.

Одличен цртач кому најмногу му лежи пенкалото, дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје кој си го зел уверението, но „тутурутката“ сè уште го чека на студетски прашања, Павлов работи како концепт-артист во студио за игри. Себеси не се категоризира како илустратор, вели дека само сака да црта, обожава предизвици што уште повеќе му го прават секојдневието интересно и забавно.
– Не се занимавам со илустрација, сакам да цртам. Сакам да искусам што е можно повеќе од светот на ликовните дисциплини, затоа што не се сметам себеси за доволно комплетен во мојот пристап и израз. Повеќето од моите колеги и пријатели би рекле дека имам препознатлив илустративен стил, но сè уште се трудам константно да го надградувам со работа и експериментирање – вели Павлов.

Според него, илустрацијата е една од најразноврсните форми во визуелната култура. Таа сè уште не може точно да се дефинира, затоа што е повеќесмислена и се наоѓа во некоја „сива“ зона помеѓу ликовна уметност и цртеж. На нејзина основа се создаваат дела кои возбудуваат и експериментираат со поимите за современа визуелна уметност, хибридни форми како што се на пример графитите и уличната уметност, па сè до CGI (computer-generated imagery).

– Со моето досегашно искуство во индустријата можам слободно да кажам дека илустрацијата е круцијален момент во голем дел на една продукција. Особено во оваа дигитална ера, илустрацијата и тоа како знае да биде модерна и мултимедијална како што отсекогаш и била. Голем дел од моите омилени автори секојдневно ги надминуваат своите граници од употреба на различни материјали и медиуми до приказ на завршен концепт. Па кога би го ставил сето ова во третман би бил истиот кој го негувал Goya, Mucha, Toppi, Rockwell, Layendecker, McGinnis, па сè до Miyazaki, Federichi, Kopinski, Brase i Kim Jung Gi. Дефенитивно не би сакал да ги испуштам Craig Mullins, Loish, Denis Zilber, Gianluca Rolli, Trent Kaniuga, Bobby Chiu и искрено би набројувал цел ден артисти што ме восхитуваат со нивото на труд, анализа, истрајност и експериментирање во нивните дела – вели Павлов.

Халки веќе бил постоечки карактер на „Халкбанк“ кога Друштво за визуелна комуникација и графички услуги „Ефектива“ го ангажирала да направи илустрации за сликовница. Со голем предизвик прифатил да го разгледа текстот и основниот концепт за сликовницата на Халки, а и инспиративниот текст бил мотив плус да направи еден нов пристап и разработка на ликот на Халки и сценографија која им се допаднала и на „Халкбанк“ и на „Ефектива“.
– Халки доби мала промена во аутфитот и физичкиот изглед, затоа што сакав да го приближам колку може повеќе до неговите особини и детска форма. Аделина е исто така еден од моите омилени карактери. Нејзината насмевка и фантазија проследена со најискрените прегратки ме натера да ѝ дадам малку магија, само за неа. За да создадеш свет за деца не треба да гледаш далеку, доволно е да го погледнеш детето во себе – дециден е уметникот.

Интересен е процесот на илустрирање на една приказна. На прашањето како одлучува која сцена да ја претстави и како се одвива техничкиот процес, Павлов објаснува дека во креативниот процес нема редослед, ниту посебно решение. Работи на сцена која во моментот има инспирација да ја работи. Секогаш се труди да издвои клучни моменти и детали поврзани со текстот од страницата што ја илустрира. Се разбира, конзистентност во пристапот при илустрирање е еден од главните фактори за целосна сликовница.
– Сè се базира на некакви брзи концепти кои најчесто завршуваат во корпа. Преферирам да користам пенкало при скицирање од навика, но не ми претставува проблем да користам други материјали. Акварел ми е најновата омилена техника. Сè уште учам нови работи во акварел и морам да кажам дека е прекрасна техника и одлично функционира со други медиуми. А разлика помеѓу традиционална и дигитална илустрација нема. И за дигиталната мораш да црташ исто како во традиционалната, од тоа бегање нема. Во двата правци има кратенки, трикови и помагала, а правилата се индивидуални. Само личен избор, забава и уживање во процесот на креација – објаснува тој.

Павлов вели дека Халки е сè уште млад карактер со огромен потенцијал. Тој ја поздравува иницијативата на компанијата која делува во бизнис-секторот во својата дејност да ја вклучи уметноста и културата и на тој начин да дејствува едукативно на најмладата публика. Тој се надева дека развојот на Халки и неговата дружина за кратко време ќе може сите да го видат.

Халки веќе втора година е нераздвоен дел од Фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“. Павлов вели дека не го проследил првото издание на фестивалот, но на второто посветено на Димитар Кондовски, еден од доајените на современата македонска уметност, се одушевил.
– Кога видов што правел, како се надградувал, како ги решавал ситуациите во неговите илустрации… се сетив што чувствував кога бев дете гледајќи ги сликовниците со кои пораснав. Да успеам да бидам таква инспирација за некого би бил многу среќен – вели Павлов.

Затоа, вели, не може конкретно да одговори дали денес може добро да се живее од оваа професија.
– Секоја професија си има своја тежина. Можам да кажам дека ја работам работата што ја сакам и ја сакам работата што ја работам. Но, не постои поубава награда од возбудата и восхитеноста на друга личност за делото што си го направил. Па ако Халки успее да ја оствари својата идеја и да мотивира барем едно дете, да сака и да проба да го направи светов поубав, тогаш да – оваа професија е исплатлива.

Сподели