Сандра Грибовска-Илиевска е најдобра млада актерка на 69. „Стеријино позорје“ во Нови Сад

Сандра Грибовска-Илиевска за неколку улоги во претставата „Брод за кукли“ во режија на Кокан Младеновиќ, а продукција на Народниот театар Битола, ја доби наградата за најдобра млада актерка, на 69. театарскиот фестивал „Стеријино позорје“, што се одржа во Нови Сад. Наградата го носи името на легендарната актерка Даринка Дара Чалениќ. „Стеријино позорје“ е еден од најзначајните театарски фестивали во регионот, каде битолскиот театар учествува по дури 33 години.

Селекторката на програмата на Стеријино позорје, Ана Тасиќ, за претставата „Брод за кукли“ пишува дека ансамблот на Битолскиот театар суверено го изведува стилизираното дејствие, во драмски и музички делови, во заводливи песни, во целото естетски заокружено обликување на трагичната положба на жената во апокалиптичната патријархалност.

Последен пат Битолскиот народен театар гостуваше на „Стеријино позорје“ во 1991 со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш, во режија на Владо Цветановски, и освои повеќе награди.

Гостувањето се случува токму во годината кога Народниот театар слави 80 години постоење. На 14 ноември 1944 е прикажана првата театарска претстава на македонски јазик во Македонија, едночинката „Ѓоре Магаревски” од Владо Малески. Јубилејот ќе го прослави со повеќе гостувања надвор од Македонија, а Народниот театар од Битола ќе биде домаќин и на театри од Балканот.

 

Сподели