„Мен енд маунтен“, заедно со главните стратешки партнери Пивара Скопје и Пакомак, од 17 до 19 мај четврта година по ред ја организира масовната еколошка акција „Генералка викенд“. Годинава ќе се чисти во сите 81 општина и во Националните паркови Шар Планина и Галичица. Повеќе од 16.000 волонтери од над 200 организации, граѓански, спортски и пензионерски здруженија и од повеќе од 300 образовни институции се очекува да излезат и да чистат на над 300 локации.
Волонтерите од Пивара Скопје во петок, на 17 мај, ќе собираат отпад на археолошкиот локалитет Кале заедно со сите партнери и волонтери од Град Скопје.
– Партнерската улога на „Пивара Скопје“ во „Генералка викенд“ ја гледаме како дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој и е продолжение на активностите под платформата „Свет без отпад“ и иницијативата „Нула емисии на СО2 во атмосферата“. Нашата должност како корпоративен граѓанин е да придонесеме за одржлива средина и апелираме до сите со кои ги делиме истите вредности, да ни се придружат во создавање на одржлива иднина за сите – изјави Снежана Савиќ Димовска, директорка за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.
Пакомак четврта година по ред ја поддржува оваа акција за чистење на локации ширум Македонија. Со вакви активности, симболично покажуваме дека со секој килограм селектиран и рециклиран отпад, придонесуваме за позелена планета и поздрава животна средина – рече Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
За секои 10 кг собран отпад, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Националните шуми посветуваат по 1 дрво во нивните годишни планови за пошумување. Од 2022 година благодарение на „Генералка викенд“ беа засадени повеќе од 100.000 дрвја.
Како и лани, на листата официјални партнери водат Шпаркасе банка и Нула Отпад, на кои годинава им се придружуваат и Макстил, Бучим Боров Дол, ЕВН, Бимилк и Костал. Црвениот крст и оваа година ќе се грижи за безбедноста на учесниците низ државата.
Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен истакнуваат дека сите локации за чистење можете да ги најдете на следниот ЛИНК.





