Географијата ја храни мојата решеност да го разберам светот наоколу

Од мал ме интересираше што е ветер или зошто на некои делови има шума и вегетација, а други простори пак немаат. Огромен интерес имав за настанокот на годишните времиња и движењето на Земјата околу Сонцето, ротацијата на месечината и нејзиното влијание врз плимата и осеката како и вселената. Бидејќи географијата го проучува и опишува просторот во кој човекот живее, сите природно-економски активности можат картографски да се прикажат, за подобро и поцелосно разбирање на светот во кој живееме – вели Арсе Кузманоски, магистранд на Институт за географија при Природно-математички факултет.

Географијата го движи светот е фундаментална реченица во светот на географијата. Институтот за географија е матичната институција за проучување на географијата во нашата држава.

Со Кузманоски поразговаравме за тоа како географијата стана доволно интересна за да биде негова животна определба.

Како географијата стана ваша љубов, желба, определба?

– Географијата не е само предмет за изучување за мене, туку претставува љубов што ја поттикнува мојата љубопитност и решеност да го разберам светот околу мене. Уште во текот на моето детство, се најдов себеси како голем љубител на карти и атласи, фасциниран од сложените временски појави, убавите пејзажи, клима и култури што тие ги прикажуваа. Сакав да ги гледам различните видови терени, континенти, реки и езера, главни градови и пристаништа, зошто секоја карта беше портал за нов свет, нудејќи погледи во далечни земји и егзотични места. Уште во основно одделение бев љубител на природните науки, што е тоа „Кружно движење на водата“, зошто се случуваат вулкански ерупции или зошто се случуваат земјотреси. Зошто некои планини се порамни и полесни за искачување, а зошто пак други се пострмни и повисоки.

Ме интересираше што е ветер или зошто на некои делови има шума и вегетација, а други простори пак немаат. Огромен интерес имав за настанокот на годишните времиња и движењето на Земјата околу Сонцето, ротацијата на месечината и нејзиното влијание врз плимата и осеката како и вселената. Бидејќи географијата го проучува и опишува просторот во кој човекот живее, сите природно-економски активности можат картографски да се прикажат, за подобро и поцелосно разбирање на светот во кој живееме. За време на средното образование, љубовта кон географијата дополнително се продлабочи и бев одлучен дека сакам да продолжам како географ и каде ќе го продолжам понатамошното мое образование. Со тоа можам да си кажам дека уште како дете бев љубител во географијата и дека таа љубов го поплочи патот низ кој се движам и денес.

Што најмногу ве фасцинира во оваа наука?

– Географијата е наука која ги проучува просторот, местата и односите меѓу луѓето и средината во која живеат. Самото име (кое потекнува од грчките зборови гео-„земја“ и графија – „опишува“) ни кажува дека се работи за наука која ја опишува Земјата и процесите кои се случуваат во просторот. Географијата всушност се обидува да ja разберe разместеноста на природните богатства, растителниот и животинскиот свет, зaшто се таму и како се развиваат и менуваат со текот на времето т.е причинско-последичните процеси на Земјата. Низ историјата на човештвото, повеќето општества се обидувале да разберат нешто за нивното место во светот, како и за луѓето и опкружувањето околу нив.

Месопотамијците испишувале карти на глинени плочи, од кои некои преживеале до денес, додека античките општества се обидувале да разберат за тоа каде се наоѓа нивната татковина во однос на другите места, какви се нивните и другите места и како се распределени луѓето и околината. Античките Eгипќани преку географијата дошле до сознанија од сезонските поплави на Нил, па сè до разликите во густината на населението од место до место. Во текот на Средниот век, се случуваат новите географски откритија со откривањето на Северна и Јужна Америка, Австралија и Антарктикот.

Географијата е наука, која ги поврзува природните и општествените науки така што претставува важен дел во другите академски дисциплини, како што се хемијата, економијата, филозофијата, геологијата и сл. Всушност, секој академски предмет има одредена географска врска. Хемичарите проучуваат каде може да се најдат одредени хемиски елементи, како злато, сребро, останти метали и неметали. Економистите испитуваат како државите тргуваат со други држави, кои ресурси се разменуваат и темпото на експлоатирање на минералните суровини. Филозофите ја анализираат одговорноста што ја имаат луѓето да се грижат за Земјата и опасноста од климатските промени, додека геолозите ги истражуваат различните видови минерали и карпи стари неколку стотици милиони години. Најмногу ме фасцинира интердисциплинарниот карактер што го поседува географијата со останатите науки, бидејќи географијата е една од првите науки која го овозможила напредокот на човекот, но и да се запознае себеси.

Што ви е најубавиот дел од студирањето на Институтот за географија?

– Средното образование го завршив во гостиварската гимназија, и бев одлучен дека понатамошното образование ќе го продолжам на Институтот за географија. Може да кажам дека во целото студирање, дојдов до нови сознаија и факти за географскиот простор. Има високо ниво на професионалност на академскиот кадар на институтот, континуирана интеракција професор-студент што овозможува подобро и подетално изучување на природните и социо-економските процеси во географскиот простор. Посебно важни се бројните теренски активности што се одвиваат во границите на нашата држава, но и во странство, најчесто низ соседните држави. Теренските активности и предавања од страна на професорите дополнително придонесоа за подобро разбирање на различните општества како и различните видови на релјеф и географски појави од големо значење.

На Институтот за географија има студии на прв, втор и трет циклус студии. На првиот циклус има студии на наставна насока, географски информациски системи, физичка географија со геоекологија, демографија и насоката туризам. Секоја од наведените насоки има свои карактеристики со свои специфични наставни материјали и предавања. На вториот циклус на студии, дипломираните студенти може да се специјализираат во областа на: Географски информациски системи, наставна географија, демографија, просторно планирање и насоката туризам со едногодипни и двегодишни студии. Во третиот циклус, докторски студии по географија може потесно да се специјализирате за посебни географски научни дисциплини.

Појавата и развојот на Македонската географска мисла започнува во текот на XIX и XX век, кога во 1920 г. во Скопје се формира истурено одделение на Филозофскиот факултет од Белград на кој во 1922 г. започнува да се изучува географија и етнографија. Тоа се годините кога во Македонија започнува организирано универзитетско географско образование. Во текот на 1946 г., во рамките на Физолофскиот факултет во Скопје е основана Катедрата по географија со етнологија, а малку подоцна од 50-тите години на 20-ти век функционира како засебен институт (во периодот од 1975-1985, како Географски факултет) во рамките на Природно-математичкиот факултет. Со тоа може да каже дека во нашата држава има над 150 години македонска географска мисла и 100 години организирано географско образование во Македонија.

Веќе сте при крај на вториот циклус студии. Во која насока ја развивате вашата научна работа, што од географијата ви е најпривлечно?

-Мојата научната работа во вториот циклус на студии е насочена во делот на Географските информациски системи. Бројните географски техники овозможуваат проучување на начините на кои географските процеси и истите да се претставуваат со користење на различни методи и технологии. Изработката на карти или картографијата е можеби најосновната од нив. Картографијата била инструментална за географијата низ вековите. Технолошкиот развиток во текот на изминатите 100 години доведе до дигитализација и компјутеризација во проучувањето на Земјината површина, а со тоа и развитокот на Географските информациски системи. Географските информациски системи се моќни картографски и алфанумерички бази на податоци низ кои се собираат разни видови информации од (мапи, извештаи, статистики, сателитски снимки, истражувања, демографски податоци и друго) и секој податок го поврзуваат со некоја географска референтна точка, како што се географските координати. Овие податоци, наречени геопросторни информации, можат да се складираат, анализираат, моделираат и манипулираат на автоматизиран начин, што не беше можно пред развојот на ГИС компјутерската технологија. Популарноста и важноста на ГИС доведе до нова наука позната како наука за географски информации (GIS). ГИС им помага на корисниците да ги разберат обрасците, врските и географскиот контекст. Придобивките вклучуваат подобрена комуникација и ефикасност, како и подобро управување и донесување одлуки. Употребата на најнови софтверски пакети, ГПС уреди, сателитски снимки, овозможува постојано следење на промените во просторот и нивно дигитално претставување, во кој било дел од светот. Мене лично овие географски методологии и технологии ми се најпривлечни во новото време на географијата.

Како според вас на децата да им ја поттикнеме љубовта кон науката?


– Децата уште од мала возраст е потребно да се запознаат, зошто географијата како наука е привлечна, релевантна и интерактивна. Можноста за интеракција меѓу наставниците и професорите кон учениците со користење на бројни практични активности, како ориентација во географскиот простор, креирање на карти и глобуси, употреба на компјутерите во наставата, употребата на дигитални карти, односно, практичноста во наставата може да ги направи апстрактните концепти поопипливи и незаборавни.
Бројните теренски патувања во посета на различни географски простори, природни локалитети, знаменитости, музеи и слично ја поттикнуваат љубопитноста на учениците за географската околина. Искусувањето на географијата од прва рака може да ја разгори љубопитноста во учењето.

Дискусиите за тоа како географијата влијае на нивниот секојдневен живот и на светот околу нив, односно да се истакнат врските помеѓу географијата и актуелните настани, еколошките прашања или културната разновидност сериозно ја развива желбата за што поголемо запознавање на географскиот простор. Воведувањето бројни игри и квизови за географијата овозможуваат учењето да биде забавно и пријатно. Употребата на мултимедијални ресурси како документарни филмови, видеа и слики, за да се прикаже различноста но и убавината на различни региони низ светот. Мислам дека со комбинација на овие методи, наставниците и професорите по географија дополнително ја инспирираат љубовта кон географијата кај децата и така поттикнуваат доживотно ценење за светот околу нив.

Што би ги советувале студентите што сакаат да учат на вашиот институт?

 

– Одлуката да се студира во рамките на Институтот за географија претставува одличен избор за љубителите на географијата, бидејќи низ студиите на географија се стекнуваат широки знаења за природно географските, социо географските, економско географските и регионално географските содржини за Земјата и целиот свет. Богатата библиотека со илјадници извори географски содржини, најновите методологии и технологии во географската наука, професионалноста на наставниот кадар и асистените претставуваат главна основа во текот на целото студирање на додипломските студии.

Со студиите на географија се стекнуваат со широки стручни и културолошки знаења, можности за теренски настави низ Македонија и во странство и можности за вработувања, како во образовниот процес така во разни проектантски институции. Низ студиите на географија ќе имаа можност да слушаат и одредени гостински предавања од страна на професори од странство. Специфичноста на секоја од наставните програми, бројните незаборавни теренски активности во нашата држава и во странство, можноста за размена на студенти низ програмите на Еразмус+ и останатите студентски здруженија, ќе им овозможат одлични искуства, кои може да ги стекнат низ студиите на Институтот за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје.

Сподели