Величествената „Трубадур“ на Иван Поповски вечерва на Мајските оперски вечери

Величествено отворање на 52. Мајски оперски вечери сведочеше публиката во полниот салон на Националната опера и балет на 9 мај. Премиерата на „Трубадур“ – прва опера режирана од Иван Поповски – македонскиот режисер кој повеќе од 20 години повеќе од успешно ја гради својата кариера во Русија, беше полн погодок и им даде посебен свечен призвук на Вечерите. Првата реприза на „Трубадур“ е вечерва во 20 часот. Диригент е Иван Еминовиќ, сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.

Во улогата на Манрико вечерва ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград.

Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Целата солистичка екипа и хорот на отворањето беше бравурозна. Искомбинирано со сцени во кои владееше многу драма, патос, и искомбинирано со прекрасни костими, сценографија и музиката изведена во живо од оркестарот на НОБ, ни приредија незаборавно искуство.

Фото: Марко Угарковиќ

Сподели