Лав Толстој и Флоренс Најтингел

Текстот е еден од трите првонаградени есеи на конкурсот „Истовременици: истражи или замисли“, што го спроведе Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Пишува: Стефанија Димишковска, средношколка во „Панче Арсовски“, Скопје

Во светот, во минатото и денес, се случуваат промени кои влијаат позитивно или негативно врз народот. Борбите за опстанок, проширување територии, слобода, еднаквост и мир, довеле до состојба во која имало потреба од повeќе медицински сестри и болници. За време на Кримската војна, Флоренс Најтингел се истакнала како една од најпознатите медицински сестри.

Флоренс Најтингел е болничарка, социјална реформаторка, писателка и статистичарка. Била нарекувана „Госпоѓата со ламбата“ поради нејзината навика ноќе да ги проверува ранетите војници. Таа ја поставила основата на денешната професија медицинска сестра, со основање училиште за медицински сестри во Сент Томас, Лондон. Тоа всушност претставува прво световно училиште. Таа сметала дека е повикана од Господ за да им помага на болните, ранетите и сиромашните. Патувала низ многу земји и им помагала на луѓето каде што им била потребна помош. Градела болници, ја подобрувала и одржувала хигиената, вршела обука на медицински сестри. Добивала признанија за нејзината работа, како медицинска сестра, меѓу кои е и „Кримското признание“. Добивала голем број донации, а ја напишала и книгата „Белешки за болничарството“ (Notes on Nursing).

Во тој период на немири и војни, еден од најголемите противници на војувањето бил писателот Лав Николаевич Толстој. Роден во артистократско семејство, на своите 20 години добил книжевно признание. Во романот „Војна и мир“ тој ги опишал страдањата и случувањата предизвикани од војната, во која што учествувал. Толстој служел како втор поручник во Кримската војна.Тоа искуство му помогнало подоцна во неговите дела реалистично да ги прикаже ужасите на војната. Во останатите дела на Толстој, се зборува за сиромаштијата и според него аристократијата живее на товар на сиромашните. Тој добивал пофалби од безброј автори и литературни критичари, за време на неговиот живот и по неговата смрт. Бил наречен „најголем од сите романсиери“. И покрај сите големи и успешни дела, Толстој никогаш не добил Нобелова награда за книжевност. Неговата смрт била предизвикана од воспаление на белите дробови, пневмонија. По еднодневно патување со воз кон југ, на железничката станица Астапов, тој починал на 82 годишна возрст. Последните часови од неговиот живот, ги поминал проповедајќи љубов и ненасилство на сопатниците во возот.

Но, дали сте се запрашале што би се случило доколку Флоренс Најтингел во тој момент се наоѓала на железничката станица? Како личност со големо искуство на медицинско лице, коешто помагало целиот свој живот, таа знаела како да пристапи. Кога Толстој паднал беспомошен на станицата таа веднаш му пружила прва помош. По укажаната помош, бил пренесен во неговиот дом. Најтингел заедно со докторот на Толстој, му дале потребна терапија, по која тој се освестил. Таа останала да го негува, исто како што ги негувала болните војници. Се грижела се додека тој не се опоравил. Нејзината среќа била неизмерна, бидејќи успеала да спаси живот на еден голем писател. Извесно време престојувала кај него и станала дел од неговото семејство. Својот живот во целост им го раскажала на Софија Толстаја и на Лав Толстој. Слушајќи ја нејзината животна приказна, писателот добил инспирација да напише книга која ќе биде посветена на Флоренс Најтингел. Таа книга, „Животот на Флоренс Најтингел“, би можел да биде последниот роман кој Лав Николаевич Толстој го напишал како благодарност за нејзиното прекрасно дело.

Флоренс Најтингел како жена со големо, храбро срце која им помагала на беспомошните, е личност која оставила белези во англиската историја. Жена која денес е синоним за храброст, чесност и пожртвуваност, која сиот свој живот го посветила во давање помош. Лав Николаевич Толстој е човек кој основал 13 училишта. Напишал многу дела, во кои го осудувал благородништвото а ги поддржувал сиромашните селани. Двајца историски личности кои направиле голем број позитивни промени во историјата и придонеле многу во времето во кое што живееле.

Фото: Википедија

Сподели