Секој од нас има своја уникатна приказна на патот на својот професионален развој. Во нашиот свет на брзо темпо и непрекинати предизвици, гласовите на искусните стануваат уште посилни и позначајни. Преку нивните приказни, младите професионалци се запознаваат со непроценливо богатство од искуства, мудрост и вештини. На втората конференција „Чувари на мудроста“ во организација на Халкбанк АД Скопје, ќе учествуваат две панелистки и врвни професионалци од областа на психологијата: Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, прим. д-р невропсихијатар, супспецијалист по болести на зависност, семеен и системски психотерапевт, и м-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник. Со искрени и инспиративни зборови, тие ги споделуваат своите искуства, предизвици и највредни совети.

Од усвојување на дисциплина и искреност, преку храброст и истрајност, до значењето на мудроста и искуството, нивните приказни, преплетени со вредни идеи и размислувања, го збогатуваат нашето разбирање за успехот и личниот развој. Ова се искрените и моќни одговори за да ви дадат инспирација додека напредувате по својот професионален пат.
Дали сметате дека е потребна мудрост за да истраеш на патот до успехот?
Гајдаѕис-Кнежевиќ: Патот на успехот има свои почетоци и свој тек и секако, истрајноста е значајна за да се успее, а мудроста е еден од најзначајните, иако не и единствен фактор. Mудроста ја претставува способноста на човекот да мисли и да дејствува користејќи ги знаењето, искуството, разбирањето, разумот и менталната способност. Мудроста се смета за доблест и претставува поседување на знаење кое треба да се искористи во која било околност; а притоа да се има и контрола на емотивните реакции. Мудроста како особина не е нужно поврзана со годините, туку со знаењето, искуството, вештините и особините што некој ги има. Мудрите луѓе се саморефлексивни, емпатични, интуитивни, сталожени, прифаќаат различни перспективи, одлучни се, принципиелни, советуваат и укажуваат на грешки без осуда и критика. Сето тоа се учи и се усовршува во животот и помага во истрајноста на патот до успехот.
Што им недостига на денешните млади луѓе во професионалниот развој?
Гајдаѕис-Кнежевиќ: Наместо недостатоци, можеби е подобро да зборуваме за предизвиците на кои наидуваат младите на патот на професионалниот развој!
Мислам дека предизвиците се многубројни и би ги поделила на внатрешни/индивидуални и надворешни/средински. Од индивидуалните меѓу најчестите се изборот, временското планирање, комуникациските вештини и емпатичноста, балансот помеѓу рационалното и емоционалното/емоционалната контрола, флексибилноста, разбирањето и почитувањето на различните мислења и др. Срединските предизвици се исто така бројни – освен традиционалните и културолошките, тука се и непристрасна проценка и поддршката на средината за развој на автентичните индивидуални способности на младите, долгорочен општествен план и програма за професионален развој на младите и сл.

Кој е највредниот совет што вие го добивте додека се профилиравте и кој совет вие им го давате на студентите и младите?
Гајдаѕис-Кнежевиќ: Меѓу највредните е постојаната поддршка и верба во моите способности – Ти можеш, умееш и ќе успееш. Биди истрајна и не откажувај се брзо!
Во однос на советите – внимавам со општите совети до сите млади, бидејќи на тој начин покажувам дека не го почитувам богатството на нивните различности! Поблиско ми е правилото дека нема правило, па оттука, немам универзален совет до сите млади.
Можеби нешто што е најблиско до универзален совет е да се обидат да бидат во контакт со себе и да ги препознаат своите способности и предизвици, а ако не успеваат во тоа, да побараат стручна помош. И можеби следен чекор е да бидат креативни во барањето решенија за своите предизвици, бидејќи многу често заглавуваме токму поради тоа што повторуваме исти решенија, иако претходно не ни дале резултат!
Зошто е важно младите да ги слушаат искусните и нивните приказни?
Гајдаѕис-Кнежевиќ: Еволутивно гледано, развојот и напредокот на човештвото се должи на учење од искуствата на претходните генерации и надополнување со нови и покреативни решенија. Ако е така, тогаш и денешните млади можат многу да научат од приказните на поискусните, ако ништо повеќе, тогаш барем да добијат нова идеја и да ја приспособат на своите потреби или да избегнат одреден предизвик.
За Катерина Димова искреноста, упорноста и дисциплината се клучни за тоа што е таа денес, а амбициозноста и смелоста ѝ отвориле нови видици што ù донеле професионален успех.

Кој е најдобриот совет што сте го добиле и што ве туркал напред?
Димова: Искреност, биди искрена со себе и со другите. Упорност и дисциплина. Воспитувана сум на начин во кој главниот фокус беше на дисциплината. Реченица што често сум ја слушала во моето семејство, а воедно и од мои драги колеги, е сѐ што правам и вложувам да е во склоп на моите вредности и принципи како личност. Не би можела да направам нешто доколку не чувствувам емоција на љубов и страст кон тоа, а воедно да е чесно.
Колку смелост ви беше потребна како млад професионалец од областа за да отворите свое советувалиште?
Димова: Јас уште како дете сум влегувала во огнот, сум била второто дете во семејството (ха-ха-ха!). Никогаш не ми претставувало проблем да преземам ризик, а и одговорност за моите постапки. Секако, во многу ситуации сум прегорувала и таквата храброст за преземање големи ризици носела и свои негативни последици. Од оваа гледна точка, тие негативни последици денес се голема лекција и извор на искуство како НЕ треба.
Во однос на смелоста, можам да кажам дека не би ја имала без добар темел од знаење и едукација. Храброста и сигурноста ја добивам од знаењето. Мојата едукација не запира и ден-денес, баш напротив, на луѓето, познанствата, клиентите гледам низ призма дека можам од секој да научам нешто ново. Освен знаењето и постојаното учење, храброста ја добив и од самите клиенти. Јавно им се заблагодарувам што имаат доверба во мене, што седнуваат на жолтата фотелја и емотивно се соголуваат со цел да им помогнам.
На кои предизвици наидувавте и како ги надминувавте на патот од професионалниот развој?
Димова: По природа, трпеливоста отсекогаш ми била слаба страна. Оние кои ме познаваат знаат дека сум енергична, амбициозна, жедна за нови знаења. Како тогашен предизвик го гледав тоа што сакав некои работи да се решат веднаш, но константната психотерапија – работата на себе, поддршката на блиските, ме потсетуваа на многу убава порака, а тоа е дека бавното е брзо. Денес е многу поинаку, ги пуштам работите и не форсирам.
Конференцијата која оваа година е закажана за 11 јуни во просториите на МКЦ, е дел од кампањата на Халкбанк АД Скопје – „Да ги слушнеме и гушнеме“, што започна во 2022 година, со намера да им даде глас на припадниците на повозрасните генерации.
Повеќе информации за кампањата „Чувари на мудроста“ се достапни на https://cuvarinamudrosta.mk/, а сите детали за настанот може да ги најдете тука. Влезот за сите студенти ќе биде бесплатен, со приложување студентска легитимација, но заради ограничениот број присутни, задолжително ќе биде пријавувањето преку следната онлајн форма: bit.ly/Конференција-ЧувариНаМудроста





