Наташа Андонова: Нашите дела се кардиограм на нашиот емотивен живот

Големо задоволство и чест ми е што ќе настапам на ова издание на фестивалот, бидејќи „Литера“ како фестивал зад себе има маестрални изложби на великани од областа на илустрацијата како Димитар Кондовски, Младен Туниќ…

Да немаме силни доживувања и силни мечти нема да имаме порив да се изразиме, вели ликовната уметница Наташа Андонова која е авторка на плакатот на 6. издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ кој ќе се одржи од 15 до 18 мај во Младински културен центар во Скопје. Таа ќе има самостојна изложба на илустрации на фестивалот. Андонова ја доби наградата за најдобра илустрација на минатогодишното издание на „Литера“.

Наташа Андонова

Авторка сте на плакатот на 6. издание на „Литера“, а годинава ќе имате и своја изложба во рамките на Фестивалот. Со што ќе се претставите пред публиката, што ќе изложите?

– Големо задоволство и чест ми е што ќе настапам на ова издание на фестивалот, бидејќи „Литера“ како фестивал зад себе има маестрални изложби на великани од областа на илустрацијата како Димитар Кондовски, Младен Туниќ, како и современите хрватски автори од минтата година, како Доминик Вуковиќ, Бранка Холингсворт Нара… Во рамките на ова издание на фестивалот, покрај гостите илустратори од Турција, Гизем Ѓосзе Учер и Угур Алтун, јас сум една од илустраторите кои ќе се претстават пред публиката. Ќе се претставам со селектирани илустраци од Ветерната приказна, Збор по Збор, Страшна ноќ, Страшило… Идејата ни е да ги прикажеме илустрациите и едновремено процесот на работа, со изложување скици, почетни идеи…

Тешко ли е да се направи селекција, особено со едно богато творештво? Кои се основните критериуми според кои ги избирате делата за изложбата?

– Колку и да звучи неверојатно, но моето творештво во областа на публикувана илустрацијата е релативно мало и се сведува на работа во последниве три години, за разлика од моите преокупации како ликовен уметник или како илустратор во студио за анимација. Грижата за делата и како тие би функционирале во еден заеднички простор со идеја да го оживеат и да му понудат на гледачот една нова перспектива е подеднакво креативна работа како и самото цртање. Секако публиката би можела да го доживее секое едно дело како ликовно дело кое постои само за себе и без контекстот и континуитетот на приказната за која е создадено. Основниот критериум за една илустрација е секако најсреќно пронајденета копозиција (некаде поекономично решена – некаде подетаљна), степенот на стилизација, евоцирање на атмосферта на текстот…

Што најмногу Ве фасцинира кај илустрацијата како медиум за изразување, особено што како ликовна, визуелна уметничка работите на многу различни полиња, и во театарот и во филмот?

– Сè е поврзано – илустрацијата говори со ликовнен јазик, цртеж, форма, боја… во однос на филмот, секако ви е јасно колку филмично раскажуваат Славко Јаневски и Ника Гавровска, илустрацијата е визуелна нарација иста како и стори-бордот, кадар од текстот, уловен миг, ликови со одреден емоционален набој. Одбрани, монтирани сцени кои течат во простор на испечатена хартија, не во време – како на филм. Можете да се враќате на омиленета сцена кога ќе посакате. А во однос на театарот, театарска костимографија исто, интерпретацијата на ликот е асоцијативна, Чеховска, обично за ликот има опис од само збор, или два, и на тој начин се гради карактерот, почнува скицата…

Дали сте перфекционист? Тешко ли Ви е да одлучите кога едно дело е завршено, и си велите: Готово, не ставам ниту линија повеќе?

– Тоа е најважно. Да знаете каде да застанете. Најверојатно сите се водиме од внатрешниот глас. Секако е многу важно да имате доволно објективност да прифатите конструктивна критика од естети, колеги. Тоа значи некогаш да почнете од ново. Секој дополнителен труд всушност доведува до подобар резултат.

Во однос на илустрацијата и Вашите ангажмани во последните години, дали е полесно да се создава илустрацијата додека авторот ја пишува книгата, како во случајот со графичката новела „Ветерната приказна“ со Ника Гавровска, или (постхумно) да илустрирате дело од великан на македонската книжевност како Славко Јаневски, илустрирајќи ја неговата кратка приказна „Страшило“? Може ли да направите една споредба на овие два процеса?

– Двата пристапа се предизвик. „Ветерната приказна“ е ексклузивно искуство, поради динамиката на проектот и сите фактори во него, дојде со таква соработка. Создавајќи (дел од приказната) паралелно со автор што ја говори пред тебе приказната – се синхронизираш толку многу, што ќе откриеш дека имаш исти асоцијации, го препознаваш колективното несвесно што пробива низ слики и се случуваат поклопувања, предвидуваш, гледаш јасно…

Секако Ника како врвен естет секогаш знае да препознае вистинска вредност, добра насока, погодок. А кога станува збор за расказите на Славко Јаневски, филмската нарација, атмосферата, временската рамка во која е сместена приказната, сето тоа го чувствуваш и го бараш во текстот и го бараш поттекстот, сите метафори, истражуваш. Големината и сеопфатноста на креативниот опус на Јаневски е обемена и во сите медиуми од сликарство, сценарио, режија… и така позајмив реквизит од еден кадар од негов филм и го ставив во „Страшна ноќ“. Текстот и илустрацијата се две бои кои се нијансираат во имагинацијата.

Во Музејот на современата уметност во Скопје во тек е иложба на плакати со кои се одбележуваат 60 години од основањето на МСУ. Дошло време кога самите плакати (кои во свое време наменски создадени да најават некоја изложба), станале музејски експонати. Размислувате ли на вакви моменти, дека девојчето со раширени раце лета над Скопје еден ден ќе биде музејски експонат кој ќе говори за едно време?

– Се надевам дека плакатот ја има својата функција (естетска секако), го задржува вниманието и доловува сегмент од овогодинешниот фестивал. Би сакала плакатот да биде еден од многуте експонати (плакатни решенија) на некоја моја изложба.

Колку вградувате дел од себеси во Вашите дела. Има ли дел од Вас во девојчето со раширени раце на плакатот на „Литера“?

– Нашите дела се кардиограм на нашиот емотивен живот. Да немаме силни доживувања и силни мечти нема да имаме порив да се изразиме.

Сподели