Локацијата е само на 200 метри од куќата на ул. „Београдска“ бр. 5 во која се родил драматургот
Две битолски уметници, Дијана Колонџоска и Ленче К. Јагоридовска во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола ја завршуваат читалната посветена на македонскиот Шекспир, Горан Стефановски. Локацијата е само на 200 метри од куќата на ул. „Београдска“ бр. 5 во која се родил драматургот. Читалната е дел од проектот „Цртај на македонски јазик“ на Министерството за култура и ќе биде отворена кон средината на мај.
– Читалната ќе биде пријатно место за читање, со цитати од ликовите на драмите на нашиот Горан. Тој, како вечен поборник за идентитетот, секогаш реално зборувал и на убав, разбирлив начин ја прикажувал состојбата во нашата држава. Во неговите драми се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот 19 век и идентитетот на нацијата. Со тоа Стефановски пораснал во очите на сите нас. На крајот, тоа се тие, наши внатрешни идентитети и нивни преиспитувања. Во една реченица тој вели: „Домот е таму каде што боли“! Постхумно ова е начин да докажиме дека ќе добие спомен дом, едно засолниште за неговите моќни мисли – истакнува Колонџвска.

Читалната е на последниот кат од библиотеката, има мурали, мебел и книги за читателите. Според Јагоридовска, концептот за просторот е инспириран од мислите на Стефановски.
– Неговите цитати се апсолутно безвременски. Тие звучат подеднакво актуелно како пред 30 години. Нашиот проект идеално се вклопува со култната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата „Бушава азбука” на Горан Стефановски, со илустрации на Душан Петричиќ и е идеален за акцентирање на македонската азбука. Со „бушавите букви“ растеа генерации и генерации, учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција – вели Јагоридовска.
Ова е трето учество на Колонџоска на манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ на Министерството за култура. Првиот проект е муралот во Демир Хисар во чест на Петре М. Андреевски кој потекнува од демирхисарското село Слоештица, насловен „Те љубам на кирилица“.

– Овај проект доби многу на публицитет и доволен мотив за да можам да продолжам да работам на оваа манифестација која ги афирмира македонскиот јазик и македонските вредности воопшто. Вториот проект беше во Битола во една од читалните на библиотеката „Климент Охридски“ насловена „Прочитај ме, имам нешто да ти кажам“ – вели Колонџоска.
Двете уметници се во контакт со синот на Горан Стефановски, кој живее во Белград и планираат промоцијата на читалната да ја направат со детали кои му значеа на неговиот татко. Горан Стефановски е роден е во Битола, во куќата на семејството Зиса која семејството ја делело со семејството Чоревски. Во Народниот театар во Битола, татко му, Мирко Стефановски беше и актер и кратко време и директор. Неговата мајка Нада, била актерка.





