Игор Ангелов во Лондон освои награда за споредна улога за бугарскиот филм „Во срцето на машината“

Во конкуренција на 12 актери, Игор Ангелов ја освои наградата за најдобра споредна улога на Интернационалниот филмски фестивал во Лондон – „Lonely Wolf“. Нашиот актер го доби ова признание за улогата на Сатарот во бугарскиот филм „Во срцето на машината“ во режија на Мартин Макариев. Филмот на овој фестивал има 18 номинации и 4 освоени награди.

-Изненаден сум, среќен, имаш чувство дека филмот има уште многу да покаже и да даде. Го снимавме лани во летото и за мене беше одлично искуство. Филмот го снимавме лани летото во Софија. Иако се снимаше за време на пандемија, сè беше по протокол, одлично организирано и професионално – изјави за умно.мк, актерот Ангелов.

Ова е прв долгометражен игран филм што Ангелов го сними надвор од Македонија. Во него Ангелов игра покрај Јулијан Вергов, Христо Шопов и други.

Премиерата во Бугарија е закажана за 15 октомври.

2021-ва е година награди за Ангелов. Годинава тој ја доби и наградата за најдобра улога за филмот „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски. Станува збор за Меѓународниот фестивал на независен филм што се реализира во Франција. На истиот фестивал и ликот на Коко од истиот филм беше награден со признание награда за актер што доаѓа.

Игор Ангелов е еден од нашите најангажирани актери на филмското платно.

Сподели