Френетично и возбудливо – словенечкиот вокален состав познат во цел свет Perpetuum Jazzile со стоечки овации беше испратен од македонската публика на концертот што се одржа во петокот навечер во Филхармонијата. 40-ината пејачи, поткрепени силно до ритам-секцијата ни приредија музички времеплов и шоу во кое во ниту една минута не ви е здодевно и сакате уште. За ова да успее помогна и концептот на концертот, во кој поголемиот дел од музичарите имаа и соло делници, вклучуваа многу хумористични моменти и комуникација со публиката. Не им беше тешко да ја кренат на нозе и заедно да пеат и играат со цело гледалиште.

Perpetuum Jazzile е успешна приказна повеќе од 20 години, а нивните турнеи се низ цел свет. Пред македонската публика изведоа нивни веќе познати композиции, но и добар дел од композициите од последниот албум Smells like …
Публиката посебно беше трогната со изведбата на „Јовано, Јованке“ во која солистка беше Ана Марчун.
Во вокалните способности не се ни сомневавме, а најизненадена беше публиката дека ниту еден тон не беше снимен на матрица, туку целата музика беше произведена на сцена. За тоа се погрижија и двајцата членови во ритам-секцијата – Блаж Папеж и Доминик Штруцељ, задолжен за битбокс. Црвенокосата Настја Воденик беше централен лик во хорот изведувајќи неколку неколку соло-композиции.

Петмина доброволци од публиката имаа можност и самите да бидат дел од шоуто на сцена, добивајќи ја улогата на диригенти.

Бевме навистина среќни тие неколку стотици во публиката на Филхармонијата, со можноста да го слушаме виртуозното шоу на словенечкиот состав. Биди промената што сакаш да ја видиш, ни порачаа уметниците од Perpetuum Jazzile.





