Сместување, стипендии и поквалитетни програми за да ги задржиме студентите

„За да ја зголемиме атрактивноста за студирање кај нас, треба државата да им обезбеди сместување, стипендии и поквалитетни програми на студентите, но и програми на англиски јазик особено на додипломските студии. Од друга страна, компаниите треба да се поодговорни кога земаат студенти на пракса и важно е да ги вклучат во процесот со цел да ги научат потребните вештини“, рече Ана Шоповска делегат од Универзитетското собрание на тематскиот форум „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации“ што го организираше Форумот за разумни политики, во соработка со партнерските организации Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка, во рамките на проектот „Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Целта на форумот беше да се подигне јавната свест за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор, во кое истражувањето и науката ќе се преточуваат во и ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата.

Според Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики, постојат прилично бирократски заврзлами, и тие не се нерешливи, напротив.

– Планираме да дискутираме и да се информираме интерсекторски. Добронамерни сме, и ќе останеме такви, но ќе се обидеме преку мирната вода да го рониме брегот. Така, планираме веднаш да алармираме кај новата влада и да укажеме дека некои работи може брзо да се направат, потоа важно да ги охрабриме и мотивираме добрите луѓе во државната администрација – рече Георгиев.

Александар Богојевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност зборуваше за важноста за соработка на ниво на Западен Балкан: заеднички фондови, поддршка во истражувачките проекти, автоматско признавање на дипломите и стекнатите кредити.

Сподели