Археолошкиот музеј одбележува 100 години од основањето

Почетоците на музејската дејност во Македонија датираат од 1924 година, кога неколкумина истакнати научници кои со голем ентузијазам иницирале формирање на музејска установа во Скопје

Со свечена академија на малата сцена во Филхармонијата во Скопје, денеска во 11.30 часот Археолошкиот музеј ќе одбележни 100 години од основањето. Истакнати претставници од научниот и културниот живот ќе зборуваат за неговата значајна улога во развојот на македонската археологија и музеологија и во откривањето, проучувањето, заштитата и промоцијата на македонското археолошко и културно наследство.

Во архивата на Археолошкиот музеј пишува дека почетоците на музејската дејност во Македонија датираат од 1924 година, кога неколкумина истакнати научници кои со голем ентузијазам иницирале формирање на музејска установа во Скопје, во која ќе се собираат, чуваат и презентираат археолошки предмети. Еден од најистакнатите меѓу нив бил д-р Никола Вулиќ (Скадар, 1872 – Белград, 1945), кој уште на почетокот на 1924 година напишал:

Куршумли ан

„Културната историја на Скопје треба повторно да забележи еден важен настан… Таа установа сега навистина постои: има своја зграда, своја збирка, свој управник, свој буџет. Сегашната збирка ќе биде сместена во Куршумли ан … кој може убаво да се употреби за сегашната музејска збирка, која главно се состои од поголеми камени споменици … Предисториските, грчките и римските старини во скопскиот музеј ќе заземаат многу видно место. Да се надеваме дека таа збирка ќе биде една од најзначајните такви збирки… – напишал Вулиќ.

Тој бил класичен филолог, археолог, историчар, професор на Белградскиот универзитет и член на неколку академии на науки, доживотен претседател на Меѓународната унија на академии, кој целиот свој живот го посветил на проучувањето на античкиот период во Македонија и во Србија. Во текот на повеќе децении вршел истражувачки патувања низ целата територија на Македонија и собирал камени споменици, кои „по службена должност“ се носеле во Куршумли ан во Скопје, каде што се чуваат и денес.

– Сè започнало кога неколкумина ентузијазирани научници, членови на Скопското научно друштво кои почнале да собираат антички натписи на хеленски и на латински јазик и камена пластика во скулптура и релјеф, како и делови од архитектонска пластика во Куршумли ан во Скопје. Така ја формирале збирката на камени споменици, која станала иницијалната колекција на Музејот на Вардарската Бановина формирана на 1 април 1924 година, со што е поставен темелот на музејската дејност во Македонија – пишива во документацијата на Археолошкиот музеј.

Прибирањето на спомениците се интензивирало од 1926 до 1934 година, време во кое д-р Никола Вулиќ, д-р Миодраг Кокиќ, д-р Миодраг Грбиќ и д-р Радослав Грујиќ вршеле рекогносцирања на територијата на Македонија и сите случајни наоди, вклучувајќи ги и оние од најзафрлените села, како и пронајдоците од археолошките истражувања, ги прибирале и ги документирале во Куршумли ан.

Старата касарна на Скопското Кале

– Во 30-те години на 20 век спомениците биле експонирани во дворот на објектот и биле ставени на увид на посетителите. Иако музејот функционирал под различни имиња заради историските случувања, како Музеј на јужна Србија, а потоа како Народен музеј, грижливоста во собирањето и расчитувањето на текстуалните и сликовните записи продолжувало непречено. Непосредно по Втората светска војна како воен затвореник во Куршумли ан престојувал и работел уште еден археолог и класичен филолог, д-р Валтер Вреде – пишува во докумeнтите на Музејот.

Со формирањето на Археолошкиот музеј на Македонија во 1949 година збирката на камени споменици е документирана, обработувана, проучувана и збогатувана од Борка Драгојевиќ- Јосифовска, а од 1953 година, под раководство на Душанка Вучковиќ-Тодоровиќ, Археолошкиот музеј врши ископувања во селото Чепигово, Прилепско, во античка Стибера.

Музејот на Македонија во Старата чаршија

– Со откривањето на Гимназионот и Храмот на божицата Тиха како легат на Антестија Фуска, збирката на камени споменици значително се збогатува, првенствено затоа што тоа се ретки споменици пронајдени in situ, а потоа, затоа што ја збогатуваат историјата на градот кој претходно не е познат од натписи и статуи, кои се донесени во Куршумли ан како случајни наоди. Сите тие сочинуваат ретко посакувана целина во лапидариумите низ светот – велат од Музејот.

Во 1955 година е отворена првата постојана изложба на камени споменици, која е поставена во коњушницата на Куршумли ан, адаптирана за тие потреби, чиј автор е Борка Јосифовска. Старата коњушница била поделена во неколку одделенија според типологијата на приватните камени споменици, натписи и релјефи, а имало и посебни одделенија за најзначајните археолошки локалитети во Македонија – Скупи, Стоби, Стибера и Хераклеја Линкестис. Поставката била придружена со извонредно напишан водич кој и денес е подеднакво актуелен и интересен за различни профили на читатели.

Лапидариум во Куршумли ан

Во земјотресот во 1963 година Куршумли ан е сериозно оштетен и потоа саниран и реконструиран, но коњушницата, односно лапидариумот, останува во затекнатата состојба. Уште во тоа време Археолошкиот музеј во Куршумли ан го згрижува и чува најголемиот лапидариум на Балканот и зголемувањето на фундусот на камени споменици продолжува низ прибирањето на предметите преку археолошките истражувања и рекогносцирања од страна на Апостол Керамидчиев, д-р Викторија Соколовска и д-р Елеонора Петрова.

– Со отворањето на постојаната поставка на Археолошкиот музеј во 1982 година камените споменици добиваат свое место во презентацијата на периодите на кои им припаѓаат, во одделите, или како што ги нарекувавме, кубусите за предримски, римски и средновековен период. Во 2001 година е отворен лапидариум во приземјето на главната зграда на Куршумли ан, чиј автор е д-р Славица Бабамова. Во дворот и во ќелиите во приземјето на зградата тогаш беа поставени околу 140 експонати во камен, што е значителна бројка во музејската презентација од оваа област. Изложбата имаше хронолошки редослед, кој ги претставуваше поединечните микрорегиони и антички градови во Македонија – пишува на странициата на Музејот.

Со преселбата на Археолошкиот музеј во новата зграда на кејот на Вардар, во 2014 година, камените споменици од Куршумли ан, но и најзначајните музејски предмети од другите музеи во земјава, стануваат дел од лапидарумот на Археолошкиот музеј. Од 2017 година до денес, во задниот двор и во коњушницата на Куршумли ан како дел од Археолошкиот музеј, во континуитет се врши прераспределба на камените споменици. Музејските предмети и материјали кои се собирани во анот речиси еден век се селектираат по музејски збирки, се врши повторно евидентирање и документирање, се утврдува нивната физичка состојба и се согледува потребата од понатамошни конзерваторско-реставраторски зафати. Крајната цел на овој повеќегодишен проект е поставување нов лапидариум во коњушницата на Куршумли ан, кој по многу години ќе ги презентира камените споменици пред стручната и пошироката јавност.

Од основањето до денес, Археолошкиот музеј бил сместен во Куршумли ан каде по Втората светска војна функционирале три одделенија: археолошко, етнографско и средновековно. Со реорганизација на музеите во ФНР Југославија, од Народниот музеј во Скопје се формира и Археолошкиот музеј како посебна институција од републички карактер. Од 1945 до 1963 година седиште на Археолошкиот музеј е старата зграда од касарната на Скопско Кале. Во 1955 година е отворена постојаната поставка на камени споменици – лапидариум, сместена во адаптирана коњушница на Куршумли ан. Веднаш по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година Археолошкиот музеј е сместен во бараките на Куршумли ан. Во 1976 година е пуштен во употреба новиот музејски комплекс на Музејот на Македонија во кој Археолошкиот музеј е сместен се’ до 2014 година кога се сели во новата зграда на кејот на Вардар.

Во 2011 година Музејот го потресе драматична ситуација, кога од депото исчезнаа 162 златни артефакти од античкиот период. Следуваа полициски истраги и судски процеси кои завршија со затворски казни, но предметите не се најдени до денес.

Археолошкиот музеј денес / Фото: Сребра Ѓорѓијевска

Во Археолошкиот музеј денес се презентира движно културно наследство од околу 7.000 археолошки предмети откривани со археолошки истражувања на целата територија на државата. Овој музеј претставува најзначајна и најстара музејска установа во Македонија. Посетителите може да уживаат во артефактите изложени во одделите за: праисториска археологија, античка археологија, средовековна археологија, нумизматика, антропологија и лапидариум.

– Голем број од предметите кои се дел од оваа институција се ексклузивни во светски размери. Постоечките закони за култура и заштита на културно наследство го регистрираат најголемиот дел на овој фонд како културно наследство од особено значење – велат од Музејот.

Фото: Архива на Археолошки музеј и Умно.мк

Сподели