Филмот „Доволно возрасни“ (Of an Age) на aвстралиско-македонскиот автор и режисер, Горан Столевски, ги освои наградите за најдобар филм, режија и сценарио од Асоцијацијата на австралиската филмска критика – The Australian Film Critics Association, објави Sbs.au. Главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Том Грин, Илајас Ентон и Хети Хук, а во филмот игра и австралиско-македонската актерка Дона Димовска- Кантаровски. Македонската публика имаше можност да го види во рамките на програмата на „Синедејс“ во јули минатата година.

Овој филм пред две години го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн, а на фестивалот во Западна Австралија CinéfestOZ Film Festival, ја освои највисоката парична награда во индустријата, вредна 100.000 долари. Станува збор за награда што се доделува за извонредност во занаетот на создавање австралиски игран филм или долгометражен документарен филм.
Наградениот филм на Горан Столевски, Of an Age, е возбудлива и силна емотивна одисеја, на австралискиот тинејџер со српско потекло Никола, која што засекогаш ќе го промени животот на главниот карактер. Приказната на Of an Age е сместена во прозаично мелбурншко предградие во 90-тите години, свет толку близок и познат по својата естетика за мигрантите во Австралија и денес.





