Иронично, најдобро рангираниот Универзитет во Македонија повторно ќе има пониски плати од останите јавни универзитети, од кои вториот е 2.000 места зад него, а последниот 4.000 места на сите листи, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје
Зошто со потпишувањето на Указот за зголемување на платите на сите државни уноверзитети во земјава не се донесе Указ и за примена на Правилникот за избор во звања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на сите јавни универзитети, со тројно построги критериуми отколку останатите правилници. Па нека има усогласување на платите!, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ по донесувањето на Законот за дополнување и измени на Законот за високото образование на почетокот на месецов. Донесувањето на Законот следеше по протестите на останатите јавни универзитети во земјава и негодувањето зошто од 1 јануари годинава беа зголемени само платите на вработените во УКИМ, иако малку фалеше и тоа да пропадне, без оглед на тоа што документот беше потпишан и излезен во „Службен весник“.
– Во 2022 година Колективниот договор на УКИМ беше пратен до сите јавни универзитети во земјава. Ги поканивме синдикатите на сите јавни универзитети да ни се приклучат. Не само што не нè поддржаа, туку бевме и критикувани од некои нивни поединци и професори, со обид преку нив да се спречи реализацијата на договорот – вели Дуев.

Проф. д-р Ратко Дуев
Во интервјуто за Умно.мк тој зборува за суштински проблеми во нашето високо образование, за ерозијата во изминатите 30 години, за фаворизацијата на квантитетот за сметка на квалитетот, за можните решенија за излез од оваа состојба. Неговите ставови се лични како универзитетски професор и не го отсликуваат севкупното мислење на кадарот на УКИМ.
Собранието го донесе Законот за дополнување и измени на Законот за високото образование. Главно промените се усогласување на коефициентите за исплата на плата и законски се доведуваат во рамноправна положба сите вработени во јавните високообразовни установи. Дали ќе бидат рамноправни сите?
– По кратка постапка врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Р. С. Македонија и претседателот на Собранието на Р. С. Македонија издадоа Указ за прогласување на Законот за дополнување на Законот за високото образование на 7 март 2024 година објавен во Службен весник на 11 март (бр. 58). Не станува збор за некакви измени туку само преземање на усогласените коефициенти со Министерството за финансии на Синдикатот на УКИМ (СУКИМ) во 2022 година за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи од буџетската сметка. Чудно е што немаше ниту потпишување на колективни договори, туку само за неколку дена по првиот протест на останатите јавни универзити се донесе Указот.
Мора да напоменам дека од формирањето на Синдикатот започнаа постојани преговори со ресорните министерства за решавање на проблемите со ниските плати на вработените на УКИМ, беа одржани повеќе протести за потпишување на нов колективен договор, а по одбивањето на преговорите со тогашната министерка за образование и наука, Мила Царовска, според Законот, улогата на преговарач ја презеде Собранието и неговиот претседател, како основач на Универзитетот. Благодарение на разбирањето на тогашниот претседател на Собранието, по тешки преговори со Министерството за финансии беа договорени коефициентите, со замолница поради кризата, новиот Колективен договор, потпишан на крајот на 2022 година, да се применува од 1 јануари 2024.

Протест на УКЛО
Но, на почетокот на годинава Министерството за финансии го извести Универзитетот дека во буџетот не се обезбедени средства и дека платите ќе се исплатат по старо, а дека Колективниот договор не е регистриран во МСТП и дека е незаконски, иако сегашниот министер за образование и наука го најави зголемувањето и не најде никакви пречки за реализација на истиот. Следеа дополнителни преговори, најави за протести и штрајкови, заклучок на Ректорската управа и Синдикатот, а вработените не ја земаа јануарската плата во предвидениот рок до 15 февруари што беше дополнителен притисок врз нас.
За среќа, потписникот на Колективниот договор стана технички премиер, со негова наредба на седница на Владата беше донесена одлука за исплата на платите на вработените на УКИМ според новите коефициенти. Морам да напоменам, во 2022 година, ги поканивме синдикатите на сите јавни универзитети да се приклучат кон нашиот Колективен договор, но тие не го поддржаа отворено Колективниот договор на СУКИМ, бидејќи се зависни од актуелната политиката и не преземаат самостојни чекори без амин од актуелната власта. Не веруваа дека договорот ќе биде прифатен. Колективниот договор на УКИМ беше пратен до сите јавни универзитети. Ниту нè поддржаа за време на протестот, туку бевме и критикувани од некои нивни поединци и професори, со обид преку нив да се спречи реализацијата на договорот. Нивните плати стигнаа на време, а нашите не. Бевме подговени да издржиме и да се бориме за своите права. Главниот проблем во нашата држава е непочитување на правото. Како може Колективен договор објавен во Службен весник да биде незаконски? Од друга страна како може да е законски Указот донесен за два дена?
Да објасниме пластично, колкава плата ќе има професор на УКИМ, колкава професор на „Мајка Тереза“ или на УГД?
– Поради големината на секој Универзитет и бројот на вработени, платите не се исти од универзитет до универзитет. На УКИМ, како полуинтегриран универзитет, постојат разлики во платите од единица до единица. Иронично, најдобро рангираниот Универзитет во Македонија со овој Указ повторно ќе има пониски плати од останите јавни универзитети, од кои вториот е 2.000 места зад него, а последниот 4.000 места на сите листи. Целта на глобалното високо образование е обезбедување квалитет, а ние со децении целиме кон квантитет! За да се подигне квалитетот на другите јавни универзитетите требало заедно со коефициентите да се донесе Указ и за примена на Правилникот за избор во звања на УКИМ на сите јавни универзитети, со тројно построги критериуми отколку останатите правилници, па нека има усогласување на платите!

УКИМ
Со овој Указ повторно вработените на дел од универзитетите ќе имаат за околу 10 отсто поголеми плати од наставниот и административниот кадар на УКИМ. Заради сложениот систем на финансирање со одредена маса на пари за секоја единица посебно, дел од единиците на УКИМ кои имаат поголем број студенти, во зависност од бројот на вработени, може да обезбедат поголем износ, но најмногу до 10 отсто од висината на платата која ја обезбедува МОН. Приказните за високите плати на професорите од Економскиот и Правниот факултет се од минатото, пред повеќе од две децении кога факултетите запишуваа и по 1.000 студенти. Со падот на наталитетот и миграциите во последните години, на овие факултети се запишуваат 500 односно 300 студенти. Партиципациите останаа исти, а инфлацијата и растот на цените на производите и услугите, без кои не можат да функционираат единиците на универзитетот, ги намалија нивните финансии. Дел од факултетите не ги покачија своите плати во целост, туку го искористија тоа за да го намалат сопствениот финансиски удел во платите. Според новиот Колективен договор редовен професор зема 73.027, вонреден професор 66.475, доцент 59.923 и асистент 45.181 денари, на што се додава и минатиот труд, плус според дозволената маса и висината на финансиите од сопствената сметка, што верувам не надминува повеќе од 10 отсто, на одредени единици на УКИМ или останатите јавни универзитети.
Интересна беше ситуацијата пред повеќе години, кога УКИМ практично преку ноќ формираше синдикат и покрај неколкуте постоечки синдикати во високото образование. Зошто тогаш беше важно формирањето на ова тело?
– Приходите и платите на професорите и вработените во администрацијата станаа најголем проблем за иднината на Универзитетот. Ниските плати и намалувањето на дополнителните примања, потребата од постојано инвестирање во сопствениот професионалниот развој во голема мера го отежнува работењето на Универзитетот. Во останатите степени на образованието, од 2006 до 2022 година платите на вработените беа зголемени за 85 отсто, а во високото образование за наставниот кадар и за админстрацијата само за 10 отсто. Ниските примања ги направија работните места неaтрактивни за нашите талентирани студенти. Голем дел од вработените асистенти и вработени во администрацијата поради повисоки плати преминаа да работат во други институции и компании. На пример на Филозофскиот факултет, на тешко добиените согласности од Министерството за финансии (по 11 години), на јавните конкурси за административни работници за 6 места се јавија само 6 лица. Едно од нив си даде отказ по еден месец работа штом го увиде обемот на работа и висината на платата, која изнесуваше 24.000 денари на работно место со високо образование! За еден избор за наставник, доцент, на конкурсот не се јави ниту еден кандидат, бидејќи според Законот, во самиот конкурс се наведува и висината на платата која тогаш изнесуваше 37.000 денари. За магистер асистент платата изнесуваше 29.000 денари. Помалку од просечната плата! Како еден млад човек да вложува постојано во сопственото професионално усовршување, да ги покрие сите трошоци за докторски студии и приватен живот, во држава која пак одвојува само 0.1 отсто за наука и нема фондови за мобилност и поддршка на млади научници?

УКИМ (Архива)
Затоа тогашниот ректор проф. д-р Никола Јанкуловски и ректорската управа одржаа многу состаноци и со претставници од Владата за надминување на проблемите во финансирањето на високото образование во периодот од 2019 до 2021 година. По зголемувањето на платите на наставниците во основно и средно образование за 10 отсто, ни беше одговорено дека УКИМ нема репрезентативен синдикат за да потпише колективен одговор, бидејќи тогаш единствениот Независен академски синдикат немаше репрезентативно членство од вкупниот број на вработени на Универзитетот. На поттик на тогашната министерка Мила Царовска започнавме со формирањето на СУКИМ и за кусо време синдикатот стана репрезентативен, а за претседател беше избран проф. д-р Ангел Ристов.
Можеби не веруваа дека за кусо време МОН наспроти себе ќе има репрезентативен синдикат за преговори, па настанаа бурни реакции, по што министирката се повлече од договорот и потпиша колективен договор со НАКС преку СОНК на две години за покачување од 10 отсто во првата година и 7 отсто во втората година од договорот. По 16 години и овој чин значеше посместување на примањата на наставниот кадар. За жал, тој не го опфати и ненаставниот кадар на Универзитетот, но сепак ја подобри почетната преговарачка позиција за висината на платите на СУКИМ. Отворено тврдам дека примената на Колективниот догоговор на УКИМ беше последната шанса за спас за Универзитетот, бидејќи како долгогодишно раководно лице на Филозофскиот факултет можев да ги согледам негативните ефекти од повеќедецениското уривање на Универзитетот, кој не случајно е оставен без синдикат, без финансиска и кадровска автономија и без пристојни примања за највисоките степени на работни места во една држава – доктор на науки (VIII1) и редовен професор. За споредба:
До 2022 година државата издвојувала месечна плата:
– редовен професор: 43.634,00 денари;
– вонреден професор: 39.684,00 денари;
– доцент: 36.862,00 денари;
– асистент: 28.536,00 денари.
По потпишање на колективниот договор со СОНК и НАКС месечната плата изнесуваше:
– редовен професор: 56.512,00 денари;
– вонреден професор: 51.378,00 денари;
– доцент: 47.711,00 денари;
– асистент: 36.893 денари.
Од 2024 година, со Колективен договор на СУКИМ месечна плата изнесува:
– редовен професор: 73.027,00 денари;
– вонреден професор: 66.475,00 днеари;
– доцент 59.923,00 денари;
– асистент 45.181,00 денари.
Со ова е значајно поместување и на некој начин се достигна изгубеното покачување од 85 отсто во останите степени на образование.
Концептот на високото образование во Македонија е условно „бесплатен“, а практично сите плаќаат. Тоа се одразува и на намалувањето на бројот на студенти на нашите универзитети, многумина студираат во странство, голем е интересот на Словенија. Какви реформи ни се потребни во високото образование?
– Потребни се темелни реформи особено во начинот на финансирање на високото образование. Постојано повторувам дека не треба многу, доволно е да се преземе словенечкиот модел како соодветен за мала држава. Од новините во ЗВО од 2000 година, актуелната политика, за да ги намали буџетските трошоци, го презеде моделот од развиените земји со голема популација дека нема бесплатно високо образование. Оттука започна ерозијата. Се укина Министерството за наука, за да универзитетите од партиципацијата и школарините самостојно ги финансираат научните активности, меѓународната соработка и оддржувањето на објектите и инфраструктурата. Но, тоа создаде нееднаквост во развојот бидејќи сите факултети немаа ист број на студенти, а со тоа и финансии. Дотраените згради на многу единици на УКИМ се сведоштво за лошите чекори. Се намалија критериумите за да можат наставниците да земат плата и факултетите да имаат финансии за функционарање, секој можеше да се запише на факултет, исто да се запише на магистерски и докторски студии, за кусо време и да ги заврши студиите бидејќи за професорите студентите претставуваат дополнителни приходи на нивните ниски плати, квалитетот беше заменет со квантитет. Се отвораа нови универзитети и дисперзирани студии без да се направи анализа на демографските трендови во нашата земја, безвизниот режим за нашите граѓани од 2006 година, стареењето на европските држави, потребата од работна сила во развиените земји. Се доведовме во апсурдна состојба да се распишуваат конкурси за 27.000 слободни места на универзитетите за 15.000 матуранти од кои нормално сите не продолжуваат на студии.

Потребно беше да се создадат неколку универзитетски центри во големите градови во Македонија во Штип, Битола, Тетово, но да се изучуваат научни области кои ги нема во Скопје, а не на пример да имаме 5 педагошки факултети во време кога имаме минусна демографија. Стана модерно ислужените политичари да сакаат да станат професори, веројатно да имаат повторно некаква титула, без оглед од општествената оправданост на секакви студиски програми. Целта на УГД беше да се засили Источниот Регион на Македонија, особено градот Штип, што се соочуваше со големи миграции во последните децении, а парадоксално тие отворија дисперзирани студии во Скопје!? Почетокот на Штуловиот универзитет беше поставен на здрава основа, но наместо да се развива, од слични причини, се отворија уште два нови универзитета со настава на албански јазик. Заради популизмот во политика, партиципацијата не се зголеми иако инфлацијата и растот на животните трошоци го зголемија притисокот врз и така осиромашените универзитети. Како преодно решение, државата го презеде плаќањето на комуналиите во 2018 година, и со тоа во голема мера го олесни функционирањето на универзитетите.
Создадовме „чуден хибриден систем“ на финансирање на високото образование, со постојано менување на Законот за високо образование, со 0,1 отсто инвестиции во наука, од што парадоскално 80 отсто одат за стипендирање на „талентирани студени“ на светски универзитети од кои ретко некој се врати во матичната држава. Од 2000 година до денес (за 23 години), сменивме 14 министри за образование и наука. Многу пати во медиумите состојбата во високото образование во Македонија ја објаснував кратко: „Ни на небо, ни на земја“.

Целосно ги поддржувам колегите од ФИНКИ во нивните протести, во ера на дигитализација, стратегија за развој и потреба од кадар од техничките и информатичките науки за потребите на стопанството. Како да се оправда податокот дека буџетот за 2023 година за УКИМ се предвидени 27,3 милиони денари за капитални инвестиции (1,5 отсто од вкупниот буџет што Универзитетот го добива од МОН), а на пример дури 170 милиони денари за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (што претставува 57 отсто од вкупниот буџет што универзитетот го добива од МОН)? 5.000 студенти од ФИНКИ немаат сопствена зграда, а вкупно 1.295 студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ добиваат 2.8 милони евра? Се дозволија отворања на приватни универзитети. Во Грција и Словенија нема приватни универзитети, студиите се бесплатни, но само за оние студенти кои ќе ги поминат приемните испити. Гледаме што се случува во соседна Грција при обидот да се дозволи отворање на приватни универзитети – масовни студентски демонстрации, молотови коктели, речиси војна со органите за чување на редот и безбедност, а сè со цел високото образование да биде бесплатно и достапно за сите.
Автономијата на универзитетите секогаш го отвора прашањето за вистинска независност од државата која е главниот финансиер на високото образвание. Може ли да направите една споредба на автономијата во 90-те и денес?
– Од независноста до денес автономијата оди во надолна линија. Иако во сите закони за високо образование уште во првите членови сите се повикуваат на загарантираноста на автономијата на универзитетите, сепак без финанска и кадровска автономија нема вистинска автономија. Додека државата го финансираше целосно високото образование и имаше Министерство за наука, автономијата беше поголема отколку денес, а и квалитетот беше на повисоко ниво. Постепено со укинување на синдикатите, ниските плати и сè поголемата контрола од Министерството за финансии: буџетско работење, годишни планови, маса на плати, согласност за нови работни места, на крајот и Законот за трансформација за договор на дело, универзитетите ја изгубија автономијата. Високото образование зависи од МОН, Министерството за финасии, МТСП за масата на плати и МИОА за систематизација на работни места. Дури од четири министерства! Затоа напоменав дека паметните политичари во Словенија по осамостојувањето на земјата направиле систем адаптиран за капацитетот на државата: бесплатно образование, но за оние кои навистина можат и треба да студираат, финансирање само по студиски програми, вистинска кадровска и финансиска автономија, а на тоа и финасирање на фундаментални научни проекти за потребите на словенечката држава преку Министерство за наука. Не ни треба многу. Само политичка волја и да се искористат позитивните искуства од земји како Словенија и Грција.





