Свен Поповиќ, писател: Инспирацијата е оправдување на мрзливците

Поповиќ е еден од најинтересните гласови од најмладата генерација хрватски писатели. Пролетва го посети Скопје како дел од проектот „Читајќи го Балканот“

Пишува: Александра Јуруковска

Инспирацијата, да ми простите, е оправдување за мрзливците. Седнуваш и пишуваш, не е тоа некоја филозофија. Пишуваш реченица по реченица, градиш нешто што можеби некој ќе го прочита. Не звучи поетично, но така оди, вели Свен Поповиќ, еден од најинтересните гласови од најмладата генерација хрватски писатели. Пролетва го посети Скопје како дел од проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Книжевната резиденција ја искористи интензивно да работи на романот што наскоро треба да излезе од печат.
Поповиќ е роден во 1989 година во Загреб. Дипломирал компаративна книжевност и англиски јазик и книжевност и американистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува проза, книжевни и музички критики. Во 2015 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Небо во кал“, а во 2018 година го објавува романот „Убедливо втор“.

Како си поминавте во Скопје? Што очекувавте, а како го доживеавте градот?

– Во Скопје кафе-баровите се затворија два дена по моето пристигнување, така што не можев баш да го доловам духот на градот онака како што треба. Но, тука беа моите пријатели од „Буква“ (Андреј и целата екипа) на кои бескрајно им благодарам за гостопримството и за доброто пиво. За време на резиденцијата работев на роман што наскоро треба да излезе од печат, така што, добро е што не работеа кафеаните, затоа што навистина многу пишував. Се надевам дека наскоро ќе се вратам во тој прекрасен град полн со луди скулптури и прекрасни луѓе.

Колку ја познавате современата македонска книжевност? Ги следите ли своите современици од другите балкански земји?

– За жал, па и срам, Македонија најмалку ја познавам преку книжевноста. Ја читав Румена Бужаровска, а за со мене во Скопје беше и Иван Шопов чии приказни ги читав со задоволство. Што се однесува до Балканот, следам неколку автори од повеќе генераци. За гуру го сметам Звонко Карановиќ од Србија. Потоа Фарук Шехиќ од Босна, и Шаламун и Блатник од Словенија. Сакам да ги читам и Лана Басташиќ, Моника Херцег, Марија Дејановиќ од поновите генерации. И волшебниците Ален Брлек, Дарко Шепаровиќ и Луција Бутковиќ. Ред млади, ред нешто постари, нè има.

Музиката е важен дел од Вашето пишување. Кој Ви е постојан рефрен, вечна инспирација и што слушате во овој период?

– Инспирацијата, да ми простите, е оправдување за мрзливците. Седнуваш и пишуваш, не е тоа некоја филозофија. Пишуваш реченица по реченица, градиш нешто што можеби некој ќе го прочита. Не звучи поетично, но така оди. Што се однесува до музиката, постојано ја слушам. Жанрот не е важен, сè додека не се „Ганс енд роузес“, „Перл џем“ и „Колдплеј“, нив не можам да ги смислам органски. Исто и Фил Колинс, баш е досаден. Периодов слушам доста њујоршки бендови од почетокот на милениумот и тоа е сјајна генерација. Го спасија рокенролот. Тука мислам на „Строукс“, „Килс“, „Вокмен“, „Јеа Јеа Јеас“, „ТВ он д рејдио“, „Кристал Стилтс“ и многу други фантастични бендови.

Вашиот татко Едо Поповиќ е познат писател. Колку е предност или тежина да се расте покрај такво име?

– Да бидеме реални – не е никаква тежина. Дома имав прекрасен уредник и ментор. Поважно од сè тоа, Едо ми е пријател. Една од добрите работи што ги прави добриот родител е да на своето дете му ги отвора вратите. Мојот татко го правеше тоа. Тоа го правеше и мојата мајка. Никој никогаш не ме прашува за неа и тоа ми е навистина чудно. Родителите ме растеа со многу љубов, трпение и разбирање. Ми ја поттикнуваа љубопитноста, бескрајно сум им благодарен поради тоа.

Каква е современата книжевна сцена во Хрватска? Што значи да се биде дел од иницијативата – движењето TKO CITA? (КОЈ ЧИТА?)

– Веќе споменав дел од имињата. Сцената ни е жива, силна и плодна. Меѓусебно си испраќаме текстови, ги читаме, ги коментираме и критикуваме. Знаеме да отидеме и во некое кафуле, да се напиеме нешто и да поразговараме. TKO CITA? се роди токму како платформа што требаше да ги собере тогаш младите автори, родени од 1980 па натаму. Издадовме два зборника со автори кои беа дел од програмата: Корона Сердаревиќ, Ален Брлек, Иван Јозиќ, Марко Грегур итн. Главно, убаво е да се биде млад и опкружен со чуда.

Во 2017 година бевте дел од антологијата Best European fiction. Што Ви донесе тоа признание?

– Во таа антологија се најдов сосема случајно, па дури можеби и незаслужено, но не се жалам. Во 2015 година го запознав Џон О’Брајан, сега веќе покоен, на фестивалот во Виленица, Словенија. Хотелскиот бар работеше до 23 часот или до полноќ, па моравме да одиме во блиското казино за да продолжиме да пиеме и да зборуваме за книжевноста. Нему многу му се допадна како размислувам, но и како пишувам. Затоа антологијата ми значи многу, во неа се застапени и забележани сјајни автори. Јас и понатаму чекам да ме забележат.

Дел сте и од тимот на Фестивалот на кратки европски приказни во Загреб. Како се роди тој и како расте?

– ФЕКП е најдобриот фестивал на светот. Точка. Нема понатаму што да се раскажува. Неговата топлина, близина и непретенциозност го прават жив, една подвижна гозба на која писателите, преведувачите и најважно од сè, публиката, се дружат, се забавуваат и пијат. Низ годините настапуваа Олга Токарчук, Етгар Керета, Џенис Галовеј, Антонија Ортуна, Фрод Гритен итн. ФЕКП е моето второ семејство. Семејство што сум си го одбрал. Му се радувам на фестивалот секоја година, цела година.

 

Сподели