Почина бугарскиот писател Алек Попов, мајстор на иронијата и сатирата

На 58 години денеска почина бугарскиот писател Алек Попов, еден од најзначајните автори од регионот. Попов беше голем пријател на македонската литература, а негови дела беа преведени на македонски јазик. Во 2019 година ја доби наградата „Прозарт” што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Алек Попов е многу добро познат на балканската и светската публика по романот „Мисија Лондон“ според кој е снимен еден од најгледаните балкански филмови.  Автор веќе долги години познат и ценет на балканската книжевна сцена, и добитник на повеќе награди за неговите дела.
Покрај споменатиот роман, автор е на уште едно мудро напишано и урнебесно дело, „Сестри Палавееви“, што е преведено и на македонски јазик.

„За мене хуморот не е цел сам по себе. Тој е светоглед и начин на воспримање на реалноста. Јас едноставно имам око за апсурдот и не се плашам да пишувам за тоа. За жал во денешно време иронијата и хуморот се препознавани и оценувани пред се’ од читателите. А можеби секогаш било така? Во литературните кругови се’ е толку сериозно, тешко и драматично. Таму е неприфатливо човек да се смее. Во Бугарија книгите со хумор многу поретко добиваат награди. Хуморот и сатирата не се меѓу најсаканите жанрови на уметничките комисии. Но, вистината е дека не постои поголемо искуство доколку нема барем мала искра и доза на хумор, макар и црн. Јас барем не можам да се сетам на такво нешто“ – изјави во интервју за Cooltura.mk

Неговото изразито чувство за хумор, иронијата во која се преплетуваат префинетиот и народниот дух и извонредниот осет за фабула, најприродно се надоврзуваат на еден претходен голем автор во бугарската литература, Алеко Константинов, творецот на „Бај Гањо“. Таа сплотеност на хуморот и интелектот во Алек Попов има најубедлив претставник во современата бугарска книжевност.

Алек Попов беше и одличен автор на куси раскажувачки форми, неговите раскази од збирките „Мрсни сништа“ и „Ниво за напреднати“ се влезени во бројни национални и меѓународни антологии на раскази.

Во интервјуто за Cooltura.mk, меѓу другото велеше:

– Историјата ја изеде културата. Целата енергија ни оди на тоа да го делиме и преиспитуваме минатото, а она што се случува во дадениов миг, останува во заден план. Со историјата не се излегува на крај! Потонеш ли во неа, нема излегување. Тоа е бездна полна со скелети и призраци. Културата, како и историјата, не е една и целосна. Таа е создадена од луѓе и токму тие треба да бидат во центарот на нашиот интерес, а не апстрактни идеологеми. Човечката природа е многу богата и сложена и токму таа може да ни даде клуч за разбирање на многу ситуации. Разбирањето на една култура секогаш оди по линијата на интерес за некој автор или творба, а не по општа линија. Културите комуницираат преку луѓето. И токму во тој однос може да се родат чудесни нешта: книги, филм, претстави, посебно кога станува збор за толку блиски култиури. Убеден сум дека најинтересното доправа ни претстои. И тоа ќе се случи преку креативните луѓе на Балканот, преку меѓународен дијалог, а не преку затворање во тесните рамки на националното. Одличен пример за тоа е фестивалот „Про-за Балкан“.

Сподели