Колекцијата на МСУ изложена во Прага: Безвремена е темата за солидарноста, треба да заживее и денес

Изложбата беше отворена синоќа. Претходно, на прес-конференција во Националната галерија во Прага беше истакна важноста на меѓународната солидарност и денес

Колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје е толку безвремена и актуелна, фокусирана на темата за солидарноста, за која веруваме дека треба да заживее и денес, рече вчера кураторот Радослав Ишток од Националната галерија во Прага пред отворањето на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“.

Повеќе од 1000 посетители синоќа дојдоа да ги погледнат делата од уникатната колекција на МСУ – Скопје. Меѓу бројните посетители имаше многу интернационални уметници и куратори, културни работници, љубители на уметноста, што работат и живеат во Прага, но и посетители кои специјално допатуваа за овој настан. Ова е уште еден триумф на Музејот на современата уметност, чија изложба првично беше отворена минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена, каде за девет месеци ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители.

„Изложбата е збир емоции, секој дел од неа раскажува различни наративи, обединети под поимот солидарност“, беа дел од коментарите на посетителите.
Особено Македонците кои живеат во Прага и кои се нетрпение го дочекаа отворањето, реагираа емотивно, чувствувајќи се горди на Музејот на современата уметност и нашата земја, потенцирајќи дека „Ова е голем настан, кој ја потикнува меѓународната солидарност, вечерва сме горди што сме Македонци“.

Претходно, на прес-конференција во Националната галерија пред новинарите се обратија директорката Алица Кнаст, Ишток, ко-куратор на изложбата, Сабина Саболовиќ, кураторката на поставката и уметнички директор на Кунстхале Виена и в.д. директорот на МСУ, Тихомир Топузовски, кој ја истакна важноста на меѓународната солидарност и денес. Тој потсети дека од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. На истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени се уште 54 дела од колекцијата на МСУ.

Донациите од светски познатите уметници пристигнуваат сè уште во МСУ и секое изложување на делата вклучува и нов сет интерпретации, значења, и креира нови релации и синергии со делата на современи уметници. Ниедно чувство не е конечно подразбира дека хоризонтот на значења на колекцијата никогаш не е затворен, и секоја нова изложба која е заснована на колекцијата не потсетува на солидарноста, како нужен етички принцип на делување денес – истакна Топузовски.

Првично замислена и прикажана во Кунстхале Виена, минатата година, изложбата во изменета верзија е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам. Како што истакна кураторот Ишток, поставката носи нова перспектива за историјата на повоената модерна уметност.

Ќе бидат изложени дела од значајни западни уметници кои вообичаено не можеме да ги видиме во Чешка, како, Дејвид Хокни и Ники де Сен Фал, а во исто време публиката ќе има прилика да погледне дела од „незападните“ уметници како Марија Бономи и Вилфредо Лам. Паралелно, изложбата е проширена и вклучува уметнички дела од чехословачки уметници, кои не беа изложени на претходната изложба во Виена – рече тој.

Солидарната колекцијa се врти околу две перспективи. Првата е фокусирана на уникатната збирката на МСУ Скопје. Втората перспектива е онаа на современите уметници, кои беа поканети од кураторскиот колектив „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката: Сабина Саболовиќ (директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.

Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучува како кокуратор Радослав Ишток и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направија избор дела од колекцијата на МСУ, кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.

Покрај нив поканета беше и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена) – позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје. Од МСУ вклучени во подготовките на изложбата се Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Христо, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честмир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.

Сподели