Во салонот „Големата соба“ во Варшава, Здружението за промоција на македонска култура во Полска го презентираше обичајот Мартинки, како дел од своите редовни активности за промоција на македонската култура во Полска. Присутните ги поздрави Горан Шутиновски, претседателот на Здружението. Присутни беа професори и студенти, претставници на здруженијата, амбасадорот на Македонија во Полска, Јасмин Ќахил со сопругата Јадранка Петрова, конзулот на Македонија во Полска, Александар Димовски.
Презентацијата беше двојазична, на македонски и полски јазик, а преводот на полски јазик го направи проф. д-р Каролина Бјеленин-Ленчовска од Институтот за славистика при Полската академија на науки.

Даниел Анастасов од Здружението за промоција на македонска култура во Полска направи осврт кон обичајот Мартинки, во Македонија прогласен за културно наследство од особено значење во 2014 година и подкатегорија исклучително значење во 2019 година. Во 2017 година на 12. седница на Комитетот за нематеријално културно наследство при УНЕСКО, ова културно наследство беше впишано на Референтната листа на светско нематеријално културно наследство како мултилатерална апликација на четирите држави каде што се практикува – Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија. Беа наведени и бројни примери за инволвираност и практикување на поединци и групи на носители на овој обичај како дел од нашето културно наследство, но и можностите за понатамошна реафирмација и популаризација не само во локалните иницијативи туку и во странство.
По завршетокот на презентацијата следуваше разговор со присутните каде што се разменија искуства од состојбите и предизвиците за зачувување на нематеријалното културно наследство во двете земји.

Формалниот дел од настанот заврши со изложба, каде што присутните можеа да ги видат Мартинките кои беа изработени специјално за оваа пригода од Марија Младеновска-Митровска од Скопје, која ги изработува овие традиционални ракотворби повеќе од 30 години, а беа послужени и македонските вина од винаријата „Далвина“.
Презентацијата беше во соработка со Институтот за славистика при Полската академија на науки, Институтот за етнологија и културна антропологија при Варшавскиот универзитет , Полското етнолошко друштво – оддел во Варшава, Здружението Етнографска работилница и Македонското истражувачко друштво од Скопје.
Фото: Агњешка Кречо





