„Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ – задолжително четиво за идните модни креатори и костимографи

Многубројни книжевници, новинари, модни креатори, филмски и театарски работници, со силен аплауз и многу емоции ѝ оддадоа почит на Зорка Тодорова-Младеновиќ, на промоцијата на нејзината нова фотомонографија „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, што се одржа во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Книгата, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е круна на досегашната работа на познатата костимографка.

– Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е сублимат на мојата досегашна работа како костимограф на многубројни филмови, театарски претстави, но и на сите историски костими во Музејот на македонската борба. Оваа фотомонографија ја препорачувам на сите што сакаат да се занимаваат со модно креирање и костимографија. На факултетите и школите за мода денес повеќе се насочени кон модата, а не кон историскиот дел на облеката. Но, имаат време, им препорачувам да навлезат и во овој дел на модниот дизајн, како значајна основа. Изучувањето на историјата на облекувањето, поточно на костимографијата и модата, отсекогаш било од голем интерес за мене. На моите студии во Белград и во Париз имав среќа да студирам кај професорите Павле Васиќ, како и кај госпоѓата Ивон Деландр – една од најпознатите историчарки на костими во Франција. Со неа имав можност да влезам во повеќе депоа каде што се чуваа оригинални облеки од минатите векови, а исто така ми овозможуваше да ги гледам ексклузивните модни ревии на најпознатите модни креатори од тоа време – вели Тодорова-Младеновиќ.

Таа работела на костимографии за повеќе играни филмови („Жед“, „Мементо“, „Истрел“, „Црвениот коњ“, „Прашина“, „До балчак“, „Исправи се, Делфина“, „Војната заврши“, „Хај-фај“ итн.), како и за многу телевизиски филмови и драми и имала можност да истражува и да го запознае костимот и од нашата земја.

– Запознавањето со облеките во Македонија го дополнував и кога ги правев костимите за восочните фигури во нашите музеи во Скопје, Штип, Битола, Ресен и Кавадарци. Во тој период имав можност да соберам огромна документација од записи и фотографии за облеките во Македонија од појавата на фотографијата, па до денес. Како професор на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држев предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека. Во тоа време за студентите имав подготвено интерни учебници – вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

„Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Повикувајќи се на големите студии на проф. д-р Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на д-р Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник кој го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.

– „Костимот во Македонија…“ е нашиот втор заеднички проект, по „Како да станам моден дизајнер?“, што го сработивме со многу посветеност и љубов, а резултатот е очигледен. Како и во претходната книга, така и во оваа, до израз доаѓа писателскиот стил на Тодорова-Младеновиќ. Иако станува збор за навидум стручни и специјалистички книги, тие комуницираат со секаков профил на читатели: стручни, нестручни, аматери, љубопитници… буквално секој може да го пронајде својот читателски сензибилитет во овие страници, затоа што Тодорова-Младеновиќ е роден раскажувач, па дури и од непристапна тема за широката публика успева да направи сигурно засолниште за секого – истакна уредничката на изданието, Бисера Бендевска.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.

– Ваквиот вид литература за историјата на костимот, за модниот дизајн и облеката, претежно достапна и интересна за модните дизајнери, костимографите и етнолозите, сметам дека кај нас го нема одгласот што го заслужува врз пошироката публика, а би требало да биде сосем спротивно. Па, можеби и со таа цел, меѓу другото, се наоѓаме пред еден вреден примерок за историјата на облекувањето на овие простори, кој, збогатен со цртежи, фотографии, но и сликовити извадоци од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, со ретко привидна леснотија ги документира нашиот костим и нашите обичаи преку облеката… „Kостимот во Mакедонија од појавата на фотографијата до денес“ не е само уште една историја на костимот и облеката туку претставува и вреден пресек и анализа на комплексниот феномен наречен мода и костим – истакнува Лидија Георгиева.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни, театарски претстави (во Драмскиот театар, Кумановскиот театар, Битолскиот театар, Театарот на националностите, Театарот „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.

По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.

 

Сподели