Еснафски хроники за убавите нешта во Скопје

По повод 26 јули, денот на скопскиот земјотрес, ви го објавуваме поговорот на Александра Јуруковска, кон книгата „Урбани легенди“ од Васко Марковски („Бегемот“, 2018)

Васко Марковски (1973) е новинар, преведувач, поет, раскажувач, музичар, туристички водич и патописец.
Тој е неуморен и педантен хроничар на убавите нешта. Таа посветеност на бележењето, на белешките, на откривањето на приказните, не е собрана само со големото новинарско искуство низ многуте познати медиуми и редакции, туку е и негова даденост како човек. Тоа е негов нарав, оти не може секој да гледа и да сака да гледа убавини насекаде.
Со задоволство ги паметам неговите репортажи за многу места низ Македонија (серијал Непозната Македонија, за кој ја доби наградата The Best Promoter of Macedonia во 2011), Хаику дневникот или Урбаните легенди, а потоа и хаику–збирката „Корпоративно утро“. Ги паметам затоа што беа, верувам не само за мене, одлично бегство од реалноста и секојдневието. Многу често, читајќи ги неговите текстови имав/имам чувство на жалење – дека не сум била на местата на кој бил Васко, или пак дека сум испуштила некој детаљ, што тој умесно го запишал.

Тој има еден специфичен и препознатлив стил во се’ што прави, а тоа е прецизното градење приказна со што повеќе детали, со што повеќе информации, од повеќе страни. Новинарот во него оди кон изворот. Најчесто во „Урбаните легенди“ тоа се изјави од главните херои на приказните, од основачите на одредени клубови, места, сопствениците на дуќани и сл., но не го мрзи да побара и соговорник повеќе, од кој ќе добие уште повеќе информации, повеќе детали, повеќе материјал за филигрански напишаните „Легенди“. Токму затоа ми се чини дека во се’ што со душа создава, наjблиска му е репортажата, таа кралица на журналистиката.

Колкумина би се помачиле да ја напишат приказната за познатата марка автобуси „лејланд“ или да најдат сеќавања за местата и објектите што ги нема (пр. Мичуринскиот оџак или Коцка), а притоа да не се штедат себеси, своето време и зборови за да ја доловат сликата на тие семантички урбани артефакти? Во неговите текстови се зборува за Скопје, за неговите подвижни сцени, за еден град како патувачки театар, за места на кои се дискутираат нови нешта, за луѓе кои се алхемичари на социјалното живеење. Овие нешта ги нема во ниту еден туристички водич, во ниту една мапа, а Васко ги бележи со голема љубопитност и ги запишува со перо на одличен раскажувач, полн со знаење, но и со огромна почит кон секој лик, личност, соговорник, пријател на легендите за кои пишува. Тој точно ќе каже што од каде презел, кој и како му кажал, кој каде го упатил, а тоа се должи на едно чесно работење, на еден еснаф, што се’ поретко го има во нашето општество.

Го замислувам Васко како овие приказни им ги раскажува и на туристите кои за прв пат доаѓаат во Скопје и верувам дека на турски или англиски јазик звучат исто возбудливо како и на македонски. Сакам да сум меѓу таа група, или барем меѓу нив да ги пуштам и моите пријатели кои сакам да знаат за транзициско Скопје, градот на „гордите жении строгите парфеми“, градот на пост-ју културата, на подемот, згаснувањето и трансформациите на Чаршијата. Сакам да ги знаат и да ги знаеме местата кои се дел од колективната меморија на овој град или кои би можеле да бидат дел од прашањата за квизот „Дали си од Скопје“?

Зад сиве овие записи нема ни трошка ароганција, никаков елитизам, туку напротив, очи на добар познавач на градот со сите маани, а пред сè сите доблести. Тој ги познава или се потрудил да ги запознае директно или индиректно, преку сведоштва сите култни ликови што значеле култура на ова место, оти Градот, нели, се секогаш луѓето. Музичари, кафанџии, архитекти, дизајнери , улични забавувачи, луѓе од јавната сцена, од пред рефлекторите, но и зад нив, од зад сцената, а важни колку и оние што се напред, сите се урбани легенди, херои или според Васко, добри духови и ангели на овој град.

„Урбаните легенди“ како записи излегуваа меѓу 2010-2011 во неделникот „Форум“, а книгата во 2018 година. Ова е едно „снамќорено време (термин на Васко) во кое не’ потсетуваат на ентуизијазмот со кој некогаш дишел овој град. Многу од хероите од овие приказни денес се во 6-та или 7-та деценија од животот, а низ своите искажувања, но пред се низ својот начин на живот, го имаат ентузијазмот, за кој веќе не сум сигурна дека е препознатлив за Скопје.

Текстовите или „Легендите“ на Васко се легенди и поради тоа што пишуваат за едно времиња кога Господ одеше по земјата, а хероиве во нив, слично на Дон Кихот и Санчо Панса се бореле со ветерници. Борбата не била лесна, но токму овој голем, а мал град за нив било „место за дружење со луѓе обединети околу една идеја, водени од желбата да го променат светот, да го направат поправеден, простор за дружење, за размена на музика, и идеи; точка и марка што останува обележана во менталните мапи на многу луѓе.“ (од Коцка).
Денес ми се чини дека Скопје е многу поблиску до дефиницијата што ја дава Зоки Панкер, познат угостител и секако урбана скопска легенда: „На врата ти доаѓаат напнати луѓе, без став во животот – вчера биле на Цеца, денес одат на транс-журка, утре сакаат да влезат во Балет.“ (Зоки Панкер).

Да се вратиме на заразниот оптимизам, ентузијазам и вродената желба на Васко да се да се гледаат и бележат убавите нешта. Тој пишува, зборува и шета низ Скопје на мириси, идеи, спомени и на музика. Многу музика. Добра музика. „Урбани легенди“ се и добра предлошка за музичка историја на овој град. Во неа се споменуваат луѓето и местата што го диктирале урбаниот музички вкус, а тој пак бил одличен. Панкерите се на Коцка, рокерите се насекаде, а ако не ги гледате, Васко ви ги открива и покажува, пријателски ве запознава со нив. Хипиците се живи и нивните идеи исто така. Кичот и шундот се далеку од младите генерации, а главните протагонисти тука, имаат огромна заслуга за тоа.

Авторот на „Урбани легенди“ и самиот музичар, верува во она што во оваа книга најдобро ќе го дефинира познатата дизајнерка Лидија Георгиева: „Нам ни беше познато само креација, пријателство, љубов, откривање на светот и новиот бран. Не се занимававме со пари, кариера, ниту, пак калкулантски размислувавме за тоа што ќе студираме и колку исплатливо ќе ни биде тоа во иднина. За нас идејата да го смениме светот не беше старо клише. Ние сериозно тоа го мислевме. На денешниве генерации им е потешко“.
Не знам како им е на денешните генерации, но се радувам што пред нив, или барем пред пољубопитните осамнуваат „Урбаните легенди“, книга која треба да ја имаат скопјани, нивните гости, туристите и патниците-намерници. Оваа книга го штити убавото Скопје од заборав. Вакво Скопје сакам да им покажам на моите пријатели, па и на моите деца, и ако не е можно, сакам да ги знаат темелите на кое Скопје треба да се развива. Книгата нè потсетува и на уште нешто многу важно, нешто на она што сите заборавивме – меѓусебното почитување и искреното воодушевување.
„Урбани легенди“ е дело на талкач, музичар, љубопитник, еснаф- човек и комшија со кој сакате да имате онаква порта „комши-капиџик“.

Сподели