Претставата „Марлена“ во режија на Харис Пашовиќ, на Сараевско народно позориште со Мирјана Карановиќ во главна улога во Скопје се префрла во Македонскиот народен театар, наместо во Филхармонијата. Од технички причини, новата локација е посоодветна, известуваат од „Авалон продукција“, што се организатори на гостувањето.
– Од таа причина, по констатацијата на сараевскиот театар, чии продуценти дојдоа на обиколка на Филхармонијата, заедно одлучивме претставата да се одржи во Македонскиот народен театар. Поради фактот што МНТ не работи во недела, датумот на одржување на претставата се поместува за 4 март. Сите кои имаат купено влезници онлајн на ticketx.mk ќе добијат нови влезници на истиот мејл со кои се купени, соодветни на оние кои веќе ги имаат набавено за Филхармонијата, додека сите оние кои имаат купено влезници во некои од продажните места на ticketx, може да се обратат на info@ticketx.mk или продажното место од кое ги имаат купено, како би добиле нови влезници за преставата во МНТ на 4 март – велат од „Авалон“.
На лично барање на една од најголемите југословенски глумици, Мирјана Карановиќ, претставата ќе гостува и во Битола, ден претходно, на 3 март во Центарот за култура. Влезниците ќе бидат во продажба од денес од 9 часот наутро онлајн на ticketx.mk, во продажната мрежа на ticketx низ Македонија и билетарницата на Центарот за култура.





