Предизвиците во спроведувањето на Законот за заштита на животните

Проблемите и предизвиците во спроведувањето на Законот за заштита и благосостојба на животните и претставување на прирачникот за правно дејствување на активистите и граѓанските организации беа во фокусот на настанот „Предизвици и можности за имплементирање на законот за заштита и благосостојба на животните“ што се одржа во Europe House Скопје. Наставнот е во рамките на проектот „Проценка на влијанието од употребата на Законот за заштита и благосостојба на животните: Вклучување на сите релевантни субјекти во процесот на инклузивно создавање јавни политики преку достапните механизми за носење на законите“ што го организира иницијативата We for Animal Welfare и невладината организација Strays Without Borders, со поддршка од Програмата за механизам за граѓанска отпорност (МГО), финансирана од Европската Унија.

Дел од клучните пораки се апел за поефикасен државен надзор, потребата од засилена едукација и стратегии за подобрување на условите за животните. Организаторите ги презентираа резултатите од своето истражување, спроведено во рамките на проектот, а како најважни ги издвоија недостатоците во Законот кој не забранува слободно размножување на кучиња, па следствено не може да се контролира изворот на проблемот; недоволната активираност на инспекторите за прекршоци поврзани со одговорното сопствеништво и благосостојбата на животните; отсуството на надзор врз работата на Агенцијата за храна и ветеринарство; културата на неказнивост и изземање на одговорност од страна на инспекторите; неисполнувањето на законските обврски од страна на општините за контрола на популацијата на бездомни кучиња; недостатоците во судската пракса во однос на мачење и убивање на животни која е неконзистентна и резултира со минимални казни, како и незаинтересираноста на полицијата при постапувањето по пријави за мачење, труење или убивање животни.

– Активната инволвираност и посветеност на темата се од суштинско значење за создавање на подобра заедница и поквалитетен живот за сите – им порача на присутните Милка Докузова, член на We for Animal Welfare.

Прирачникот за правно дејствување на активистите и граѓанските организации е достапен на линкот.

Сподели