Со максимални 42 поени Дамјан Давков освои златен медал во категоријата сениори на 5. Меморијален математички натпревар „Александар Блажевски-Цане“ кој викендов се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во категоријата јуниори злато освои Ивано Божиновски со 36 поени. Во сениорите сребро освоија олимпијците Јан Стојановски и Алексиј Тасиќ, а со бронзени медали се закитија: Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски, Емилија Николовска, Миша Веселински, Леонид Тодороски и Димитар Фидановски.

Помеѓу јуниорите сребрени медали освоија Андрија Младеновиќ, Илина Арсовска и Никола Стојковски, а бронзени медали: Бодан Николов, Андреј Тасиќ, Јаков Геговски, Филип Калкашлиев, Бисерa Илиева, Панче Крстев, Оливера Џамбазова, Валентино Атанасоски и Миро Кајевски Велевски.

На натпреварот е избран тимот што ќе ја претставува Македонија на Европската женска математичка олимпијада: Емилија Николовска, Миша Веселински, Нина Ламева и Сара Тошевска. Водач и заменик-водач на екипата се: Анета Гацовска-Барандовска и Ерблина Зеќири.

Натпреварот го организира Сојузот на математичарите на Македонија и има олимписки формат. Се состои од шест задачи (по три во два натпреварувачки дена), а за решавање се предвидени по четири и пол саати дневно. Натпреварот се одржува во чест на Александар Блажевски-Цане, прерано починатиот голем македонски математичар.





