Битола е еден од првите градови кај нас што најрано од ориентален прераснува во европски град

Облеката е доста значаен наратив, бидејќи не претставува само еден елемент туку е визуелно средство на репрезентација на најразлични идентитети, вели Наде Геневска-Врачиќ

Пишува: Љубица Ангелкова

Проучувањето на традиционалните костими како одлика на еден народ, разликите, но и сличностите во создавањето кои се проткајувале како невербални симболи кај одредена човечка заедница, процесите во рамки на една заедница кои оформиле свој препознатлив идентитет отсекогаш биле и мојот личен афинитет кон значењето на облеката како моќен визуелен показател кај личноста или цела група луѓе, вели Наде Геневска-Врачиќ, посветен етнолог од Музејот во Битола. Таа за Умно.мк открива повеќе за последниот каталог од посебно значење „Градски костими“.

Што на почетокот Ве инспирирало да навлезете во светот на етнологијата и конкретно, проучувањето на традиционалните костими?

– Кога требаше да одлучам дали ќе продоложам со географски студии или на Заводот на етнологија, веднаш ме привлече втората опција, тогаш се разбира интересно ми било проучувањето на различни култури, нивните верувања, обичаи, традиции, како се формирале народите, нивната етногенеза и откривањето на непознати светови. Воопшто фокусот во тогашната етнолошка мисла била насочена кон тие прашања. Денес, како веќе етнолог од повеќе од 30 години, можам да видам што се’ може да содржи етнологијата и како истата служи како алатка за наоѓање на сличности помеѓу народите и што не’ спојува нас како луѓе.

Проучувањето на традиционалните костими како одлика на еден народ, разликите, но и сличностите во создавањето кои се проткајувале како невербални симболи кај одредена човечка заедница, процесите во рамки на една заедница кои оформиле свој препознатлив идентитет, но од друга страна облеката и облекувањето отсекогаш биле и мојот личен афинитет кон значењето на облеката како моќен визуелен показател кај личноста или цела група луѓе.

Посветеноста на градските костими кај Вас е со децении. Ваши изложби го прошетале светот. Со какви предизвици се соочивте при составувањето на каталогот „Градски костими“ и што ново понудивте?

– Градските костими како посебна тема не биле засебно обработувани во Македонија и затоа уште од првите години на моето вработување во музејската дејност и откривање на богатата збирка сметав дека е од големо значење да се истражува градската култура и од таму самото значење на начинот на облекување во одреден период на градот. Пишувани извори за градската облека имало од Георги Траичев за град Прилеп, потоа Марко Цепенков ги опишувал занаетите за изработување облека, но тие не пишувале за Битола, освен Милош Константинов, кој во својата студија за занаетите ги опфатил занаетите за производство на текстил и облека. Од таму интересот да започнам да ја истражувам оваа тема и потоа да ја надополнувам со нови сознанија.

Со оглед на тоа што претходно сум истражувала и биле поставувани изложби, во овој каталог внесени се предмети кои досега не се презентирани, а кои го опфаќаат периодот во првата половина на 20 век. За разлика од претходните изданија, тука се претставени и некој тип облека што досега не бил покажан – пример шапки, чанти, но и друг вид на фустани. Покрај тоа јавноста овој пат има и можност подетаљно да прочита за градските костими во Битола кои се носеле, одредени облеки што симблизираат, нивно производство, како и регулирање на начинот на облекување од владејачката власт. Овој каталог има за цел повторно да ја актуализира колекцијата „Градски костими“ да го истакне нејзиното големо значење со тоа што да се запази континуитет во развојот на костимите во Битола.

При составувањето на каталогот, кој во суштина и не е класична форма на каталог, се соочив со предизвик на обемниот материјал кој е прибиран и предметите од колекцијата да се сместат во рамките на одобрените средствата за изготвување на самиот каталог, така што се водеше сметка за текстот и предметите кои ќе бидат внесени во самиот каталог.
Во креирањето на каталогот имав одлична соработка со тимот што е вклучен во реализацијата на овој проект за што најискрено им се заблагодарувам.

Што ни кажува еволуцијата на битолскиот градски костим за општествените и културните промени во регионот?

– Обработувајќи ја колекцијата и со оглед на тоа што предметите во колекцијата се од крајот на 19 век, до првата половина на 20 век беше потребно да се утврди што во тој временски период се случувало, кои биле историските, општествени промени. Во овој период Битола го имала централното место во т.н. Европска Турција и претставувала административен, воен и трговски центар со разновиден етнички состав и конфесионална припадност на населението. Во градот имало присуство на дипломатски претставништва, конзулати и вицеконзулати, како и трговски агенции на големите европски земји, кои придонесувале во насока на менување на начинот на живеењето, а со тоа и на облекувањето. Поради развиените трговските врски со европските земји, Битола е еден од првите градови во Македонија што најрано и најмногу примил од европското и по изгледот и по начинот на живот на населението и од ориентален прераснува во, условно речено, европски град. Така што преку облеката може и да се увиде и слабеењето на Отоманската Империја кое се одразило и во поширокиот балкански регион.

Како мислите дека единствената положба на Битола на раскрсницата на културите влијаеше на нејзините модни трендови?

– Развиените комуникациски и трговски врски, потоа градот како место во кое живееле различни етнички заедници на Власи, Турци, Евреи и други со различна конфесионална припадност, придонесувало тие меѓусебно да се дополнуваат и менуваат. Во градот имало судир на две култури, источната и западната. Од една страна е „ала -турката“ со ориентално левантинските влијанија, кое се карактеризира со скапоцени материјали донесени од истокот(свила, свита, срмени везови и златовез), но од друга страна започнува влијание од западновропските земји „ала франгата“, кои се одразиле како модни трендови, не само во начинот на облекувањето, туку и во целокупниот начин на живеењето. Тоа е изразено во архитектурата, ентериерното уредување, образованието и културата.

Дали има одредено парче или стил во колекцијата „Градски костими“ со кои се чувствувате особено поврзани? 

– Во самиот почеток работејќи со предметите во колекцијата, посебен интерес ми претставуваа антериите, доламите, како постари типови  облеки и за мене имаа некоја мистичност, како да си ги претставам луѓето кои ги носеле, кои би биле тие луѓе, како изгледаа тие во очите на другите… Од друга страна елеганцијата на дводелните фустани работени по модели од европската мода од периодот на сецесија ме пренесуваа во друг културен контекст. Иако во различни периоди Западот има преземено многу источни модели во креирањето на модата како тоа што го правел Paul Poiret (моден дизајнер од почетокот на 20 век), но и обратно, многу елементи од Западот се преземени во источната култура. Тоа е едно проткајување на култури кои за тој период создаваат свој модел на костими.

Можете ли да го опишете вашиот процес на истражување? Како ја обезбедивте историската точност и контекстот на костимите?

– Процесот на истражување е долготраен, има свој почеток, но нема крај. Тоа е континуиран процес кој секогаш ве води во различни сфери на истражување. Затоа во еден период застанувате и оформувате до одреден период што податоци сте собрале, па потоа да продолжите и да го надоградите тоа знаење и да дадете некоја информација.
Историската точност се обезбедува со консултирана стручна литература во различни области, истражувања во архиви, конкретно за оваа тема, за предметите во колекцијата од особено значење е истражувањето фондот на „Браќа Манаки“ во Државниот архив и тоа во подрачното одделение во Битола, кое за мене беше основниот извор за компарација со литературата во други балкански држави, енциклопедии на костимите и сочувани предмети во колекцијата. Како друг важен дел за нас етнолозите е т.н. теренско истражување, па одредени сознанија се добиени токму од соговорници од градот.

Како модата служи како наратив за историјата и културниот идентитет?

– Облеката е доста значаен наратив, бидејќи не претставува само еден елемент туку е визуелно средство на репрезентација на најразлични идентитети. Таа претставува одраз на мислења и однесувања не само на поединецот туку и на општеството воопштво.дава одговор на општествените, политичките, историските, економските и културни случувања и затоа не може да се разгледува надвор од тој контекст од една страна, но е и показател на општествената позиција, социјалната и економската положба како и етничка припадност, на секој поединец. Како општествена појава, односно знаковено обележје, општествената припадност често била регулирана со прописи, правила и забрани. Така на пример во Отоманската Империја самите Отоманци биле доминантни и тие го диктирале облекувањето, така што другите (пред се оние кои не биле муслимани) не смееле да носат облеки во црвена, зелена и сина боја, и облеките требало што поскромно да се украсуваат, но тие забрани и правила често биле прекршувани што било секојдневна појава на Балканот.
Културниот идентитет се гради континуирано, опстојувајќи во една средина која гради и создава заеднички, видливи, карактеристики на популацијата која има заеднички искуства и споделува заеднички културни обележја.
Модата во градовите е подложна на промени кои се случуваат во кратки периоди за разлика од народната носија која низ долг период ги задржува своите традиционални форми и кај која измените се многу мали.

Каква улога имаат музеите и каталозите во зачувувањето и едукацијата на културното наследство, кога светот живее скоро дигитално?

– Музеите во својата работа имаат повеќе дејности:прибирање на предметити кои се значајни за одредени временски периоди од различни тематски аспекти,истражување, документирање, обработка на музејскиот материјал, изложбена дејност, заштита на предметите, едукација, кои меѓусебно се испреплетуваат, се со цел тие да бидат подостапни до публиката. Музеите се еден линк помеѓу минатото и сегашноста и основната цел е да го сочуваат и доближат човечкиот креативен дух во најразлични форми. Улогата на музеите во општеството е од големо значење во целокупното живеење.
Едициската комуникација како посебен начин на комуникација со публиката, посебно каталозите обработуваат различни теми односно колекции кои се чувааат во музејот, за да може да допре до луѓе со различни интереси. Каталозите за колекција обично се припремаат кога имате доволно сознанија за колекцијата .
Печатените музејски публикации можат да бидат прилагодени да бидат пристапни и дигитално, да бидат достапни во виртуелниот свет, но тоа повеќе се пренесува како информација. Ако некој е подетаљно заинтересиран за некоја колекција, каталогот е секогаш повод човекот да дојде во музеј, да побара публикација, да го види предметот и да добие информации од кустосот, а сепак каталогот може да го земи со себе и во повеќе наврати да го разгледува.

Дали има некои нови проекти или области што моментално ги истражувате или планирате на нив да работите во иднина?

– Нови проекти ќе следуваат од почетокот на годинава и секако имам многу области кои сакам да ги истражувам. Подолго време работам на истражување на терминологијата на облековните елементи и од посебен интерес ми е истражувањето на визуелната антропологија на градот. Имам и планови да започнам нови истражувања со теми кои се поврзани со текстилот кои досега не сум ги работела.

Каков совет би им дале на младите научници или ентузијасти заинтересирани за етнологијата и културни студии?

– Мене ми е мило што после околу 35 години од дипломирањето можам да видам како се развивала етнологијата, имено се издигна и Институтот за етнологија и антропологија во Скопје во 2005 година, со кои се уште сум во соработка. Секој кој во иднина сака да е етнолог, антрополог или да се занимава со културни студии треба да работи посветено, да биде истраен во својата работа. Мора да истражуваат и да навлегуваат длабоко во темите и да ја согледаат пошироката рамка и врз основа на тоа да градат и да ја осознаваат културата, без разлика дали е тоа нечија друга или сопствената.

Сподели