По 35 години во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924-2023). Делото ќе биде изложено на 10 февруари напладне, на матине со кое што МСУ ќе одбележи 60 години од основањето.
– По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност почнаа да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања – велат од МСУ.
На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности,
практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.
По формалното обраќањеследува стручно водење низ тековните поставки со кустосот-водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет, во неформална атмосфера.
Насловна фотографија: „Доблест во нужност“ од Џанфранко Барукело / МСУ





