Мандатот на Претседателот и мандатите на другите органи и на тела на Друштвото на писателите на Македонија изнесува две години, а не четири, како што предвидува неважечкиот Статут од 2009 год, по кој работеше досега ДПМ. Функцијата „Претседател на Собранието на ДПМ“ не постои. Претседателот на ДПМ заседава и со Собранието на ДПМ. Моментално на оваа (непостоечка) позиција се наоѓа поетесата Кристина Николовска – стои во дописот на писателот и член на ДПМ, Живко Грозданоски, со што потенцира дека вонредното собрание закажано за 27 јануари (сабота) е нелегитимно. Грозданоски и самиот беше кандидат за нов претседател на ДПМ и прв ја повлече својата кандидатура.
Актуелниот јавно достапен статут на Друштвото е од 2011 година, додека во Централниот регистер стои тој од 2009 година. Потписник на тој статут е Радован Павлески, односно Раде Силјан.
– Исцрпувачката криза на Друштвото на писателите на Македонија како постојано да се продлабочува. Но, неодамнешното откривање во јавноста на постоењето на единствениот важечки, легитимен статут на ДПМ не само што укажува на критично важни моменти во однос на работењето на Друштвото, туку и отвора конкретни можности за надминување на состојбите. Неважечкиот статут на ДПМ е од 2009 година, и тоа е статутот на кој Друштвото функционираше во последните петнаесетина години. Од друга страна, единствениот важечки статут на ДПМ, депониран во Централниот регистер на Р. М., е од 2011 година. Обзнанувањето на единствениот важечки статут на ДПМ е исклучително важно поради две нешта – Изборното Собрание закажано за во сабота (27.1.2024) е нелегитимно, со оглед на тоа што е распишано според неважечкиот статут од 2009 година – вели Грозданоски.

Тој додава:
– Со оглед на тоа што двегодишниот мандат на претседателот во оставка Христо Петрески секако му истекува во мај оваа година, Друштвото на писателите на Македонија треба да изнајде начин да се распише изборно Собрание, на кое ќе бидат избрани Претседател и Управен одбор, како и другите тела на Друштвото. Пред сè членството на ДПМ, а потоа и јавноста, веќе извесно време ја сведочат кризата на писателската асоцијација. Но, со обелоденувањето на единствениот важечки статут на Друштвото на писателите на Македонија, се добива силен впечаток дека најпосле се има конкретна можност за конечно надминување на проблемите. Доколку важечкиот статут не беше обзнанет, ќе се продолжеше со губење време работејќи според неважечкиот статут, а потоа ќе се губеше време во донесување нов статут. Но, новиот статут веќе е во централниот регистар, и работата може да продолжи согласно неговите начела – објаснува Грозданоски.
Претседателот на ДПМ, Христо Петрески на фејсбук-страницата на Друштвото вчера објави дека од медиумите дознал дека „во Централниот регистар имало депонирано Статут на ДПМ поразличен од оној кој е ставен и на сајтот на ДПМ (www.dpm-pisateli.mk), а по кој ДПМ работи од 2009 година и е актуелен статут“.
– Јавно изјавувам дека немам никаква врска со тој друг статут, кој никогаш не ми бил доставен, ниту сум го видел. Веројатно, станува збор за некоја работна, недовршена и нелегитимна верзија. Статутот по кој работи ДПМ е од 2009 година, тој е ставен и на сајтот на ДПМ. Сите членови од раководството на ДПМ се легитимно избрани на 28 мај 2022 година, за што постои уредна документација доставена и верификувана од страна на Централниот регистар – вели Петрески.





