„Реминисценции“ е насловена изложбата на цртежи од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски која задутре (27 јануари) во 21 часот ќе биде отворена во кафе-барот „Нагоре“ во Струмица. Изложбата ја организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ како дел од неформалниот проект #ЅидНаУметноста
Митко Гогов за изложбата на Петровски вели дека таа е збир на цртежи/минијатури, своевидни скици, работни подлоги и концепти за неговите масивни платна и интервенции на други материјали.
– Тој е еден од најистакнатите претставници на авангардната ликовна сцена во Македонија, а неговите дела варираат како во формата, така и во начинот и пристапот со кој ги презентира.
„Реминисцении“ содржи 12 дела кои меѓусебно се надополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија која е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи, храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектаторот не останува рамнодушен – вели Гогов.
„Страхил Петровски комуницира интуитивно, жестоко, дури и сурово, структурата на неговиот ликовен јазик е впечатлива, иако дводимензионални, тие откриваат повеќе слоеви, просторни димензии кои како камелеон се адаптираат во различни, по можност отворени, широки простори. Може да се почувствува инхалирање на космичкиот мир, а да се види конкретниот хаос, кој е во некоја неповторлива хармонија со линиите и потезите. Тој прави духовно поврзување и изнудува философско истражување и преиспитување на досега познатото апстракно, во контекст на задолжително присуство во сегашниот момент, притоа посегнувајќи кон реверзија, или како што кажува самиот наслов, реминисценции. Преку таквиот интимен однос со минатато лично и колективно, оваа изложба е пресек на времепловот, оска од која може да се види наназад, но и убедливо кон идните општествено психолошки расплети.
Современите сликари често апстрахираат нешто – фигура, пејзаж, фотографија, некој уметнички историски преседан, боја или самото платно, но малкумина тоа го прават умешно, па веднаш се одделуваат од мнозинството. Таков е Страхил Петровски и целосното негово портфолио. Естетскиот белег сугестивно се клонира, но со ултимативни модификации кои градат невидливо поврзување на неговата дефиниција за концептот на апстракција во соодност со примарните егзистенционалистички прашања, особено со тоа да се излезе од комфорната зона.
Колоритот е симплифициран, но ќе бидете воодушевени од неговата способност да ги пренесе емоциите и енергијата, брутално, вивидно, прецизно да ги заигра нервите и вашата имагинација. Бидејќи не е ограничен фигуративно или пејсажно, така реципиентот може да ги истражува авторските слоеви и текстура, но и личните светови кои се проектираат додека се анализираат апстрактните елементи во цртежите. Важно е да се забележи дека овие дела може да функционираат во најразлични современи ентериери, како едноставни, така и раскошни.
„Реминисценции“ претставува склоп од ангажирани микро космоси, длабоки како и самиот карактер на авторот, мистериозни и со силен интензитет на препознатливост. Со неговиот манир и начин на изразување тој гради кумулативна атмосфера, истовремено илузиорна и сеприсутна“, пишува Гогов.
Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај професорите Момчило Петровски и Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар во Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Петровски на ФЛУ.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Реализирал 20 самостојни изложби, а учествувал на многу групни претставувања во земјава и во странство. Добитник е на многу награди.