Како да се подобри односот помеѓу родителите и децата?

Физичкиот контакт помеѓу родителите и децата е основата на психолошкото здравје. Од моментот кога детето доаѓа на свет, со помош на прегратки и топлина, се формира здрава врска со родителот

Пишува: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“, Прилеп

Постојат многу прашања во врска со односот меѓу родителите и децата. Родителите постојано се прашуваат дали доволно добро се снаоѓаат во таа улога, дали и каде грешат и како можат да ја подобрат својата позиција. Тие најчесто се водат од помислата да го прават она што мислат дека во дадениот момент е најдобро за нивното дете. Сепак, овој пристап не е секогаш соодветен, особено не на подолг рок.

На пример, родителот кој му дозволува на детето да помине неколку часа дневно на паметен уред (телефон, таблет, компјутер) е поттикнат од моменталното задоволство на детето. Тој смета дека е неприфатливо детето да доживее фрустрација, но исто така смета дека доколку го ограничи, тоа детето ќе го доживее како недостаток на родителска љубов.

Меѓутоа, често се случува родителите да го задржат вниманието на децата со помош на паметен уред за да имаат време за себе, при што станува збор за моменталното задоволство на родителите. Како и од помислата кај некои родители дека на децата никогаш не треба да им е досадно, што е сосема погрешно, затоа што состојбата на досада ја поттикнува креативноста кај децата, а влијае и на развојот на толеранцијата.

Долгорочно гледано ваквиот однос кон детето ќе го претвори/развие во личност која мора веднаш и сега да ги задоволи своите потреби, притоа да не прави разлика помеѓу вистинските потреби и сопствените желби.

Како што расте детето, емоциите ќе се комплицираат, а со тоа и недоразбирањата и конфликтите. Ќе почнат да се манифестираат особини кои родителите немале намера да ги негуваат кај своето дете, а тие ќе се прашуваат што се случило со нивното дете.

Неколку совети за тоа како може да се подобри односот родител-дете преку растот и созревањето на детето:

Покажување емоции

Поддршката за изразување на чувствата е многу важна ставка за развој на емоционалната интелигенција кај детето. Иако детските емоции често ни изгледаат драматични и претерани, не треба само да ги занемариме. Разберете дека детето исто така има право да биде тажно, повредено, луто, бесно… Ако ги негираме овие емоции кај детето затоа што неговите проблеми се „смешни“, му испраќаме порака дека не е прифатливо да се чувствува на одреден начин.

Исто така, важно е родителот кој се лути и вознемирува поради некое однесување на своето дете да има одреден степен на самоконтрола. Се случува децата, особено оние почувствителните, како сунѓер да го впијат она што во тие моменти им го кажува родителот. Кога гневот зборува од нас, често кажуваме работи што вообичаено не би ги кажале, особено не на начинот на кој ги кажуваме. Врз основа на зборовите кои потоа се упатени, детето може да развие слика за себе.

Голема грешка е на детето кое добива лоша оценка да му кажеш: „Ти си глупав/а!“ Како можеше да не го научиш тоа? Како тоа во класот има десет петки, а ти си добил/а тројка? Како другите имале доволно време да се подготват за тестот, а ти немаше?“ Наместо тоа, слушајте го вашето дете иако сте лути – не реагирајте на афективен начин и фокусирајте го вашето внимание на решението: „Во ред, доби тројка затоа што не учеше доволно, што можеме да заклучиме од тоа?“

Викањето, навредувањето и споредувањето ќе го продлабочат конфликтот и ќе создадат напнатост, инает и отпор кај детето. Поради тоа што сте обземени од силни емоции, капацитетот да се слушне другата страна е значително намален. Разговарајте со „ладна глава“ и најдете решенија кои се прифатливи за двете страни.

Поставување правила кои постојано ќе се следат

Од најраното детство, родителите треба да постават одредени правила и граници соодветни на возраста за детето да прерасне во зрела личност со развиена самоконтрола. Тука спаѓа помош во домашните работи, средување на просторијата, пристап до компјутер и мобилен телефон само кога училишната обврска е завршена, враќање од денско/вечерно излегување во договореното време.

За детето да се придржува до правилата, корисно е однапред да знае кои задоволства ќе му бидат скратени доколку го направи спротивното, а кои задоволства ќе му се овозможени ако ги исполни своите обврски.

Меѓутоа, кога детето ќе достигне до тинејџерските години, родителите мора да следат и некои правила поставени од тинејџерот. Тоа најчесто се правила во врска со неговата приватност и слобода, што е тешко за многу родители – но, успешното родителство подразбира дека детето има можност да греши и да учи од своите грешки. Така, од една страна се гради доверба, а од друга се развива независност.

Пофалби/комплименти

Комплиментите за децата имаат мотивирачки ефект и се многу посакувани. Препорачувам тие да бидат придружени со физички контакт. На пример, кога детето ќе направи нешто добро, испратете му порака: „Браво, тоа е одлично, се гордеам со тебе!“, прегрнете го, тапкајте го по рамото, главата или направете „да пукне“ со дланките. Тие се особено важни во периодот на адолесценција, кога речиси секое дете се соочува со недостаток на самодоверба.

Често, во тој период, нивната врсничка група ќе наметне стандарди кои тие не ги исполнуваат и поради што ќе се чувствуваат несигурни. Во тој случај само ќе долеете „гориво на огнот“ со вашите излишни зборови. Наместо тоа, фокусирајте се на она со што можете да го пофалите вашето дете. Ова ќе ја зајакне неговата самодоверба, но и вашата поврзаност.

Заедничко носење на позначајни одлуки (тактички и без притисок!)

Ова е многу важна ставка за квалитетот на односот помеѓу родителите и децата, особено во адолесцентниот период кога детето го формира својот идентитет и одлучува за неговото идно занимање. Ќе има денови кога децата ќе бидат многу несигурни за себе и за светот околу нив, за своите способности, за најдобрата насока што треба да ја преземат. И за нив е многу важно да знаат дека сте со нив. Советувајте ги и покажете им го вашето мислење за одредени опции, но не им ги наметнувајте вашите ставови. Тоа може да ви помогне заедно да направите листа на „добри и лоши страни“ на некоја одлука, а потоа да им дадете простор сами да сфатат кое е најдоброто решение.

Време за заеднички активности

Како да премина во вообичаена појава родителите преоптоварени со обврски да не наоѓаат доволно време да поминат со своите деца во текот на целата недела. Тоа, се разбира, доведува тие да изгубат соодветен увид во растот на детето, а врската станува сè поповршна, формална.

Детето кое расте во таква атмосфера ќе почне да станува свесно за недостатокот на влијание од мајка/татко и врз основа на тоа може да формира верувања за себе и за светот околу него, дека не е сакано или дека засекогаш ќе биде напуштено.

Ова важи и за децата кои се оддалечиле од своите родители поради образование. Тоа ја продлабочува далечината меѓу децата и родителите. Но, дури и малите работи можат да го спречат дистанцирањето, како што се секојдневните телефонски повици, заедничкиот ручек еднаш неделно, заедничкото време за време на празници и сл.

Оставете ги паметните уреди кога сте заедно

Ова правило важи подеднакво и за родителите и за децата. Исклучете го ѕвонењето на телефоните неколку часа и фокусирајте се еден на друг. Не мора веднаш да го проверувате секое известување или веднаш да одговарате на пораките. Додека возите, на пример, гледајте музиката да не е премногу гласна, за да имате можност да разговарате, особено ако сте имале претходен конфликт.

Прегратка

Физичкиот контакт помеѓу родителите и децата е основата на психолошкото здравје. Од моментот кога детето доаѓа на свет, со помош на прегратки и топлина, се формира здрава врска со родителот. Исто така, докажано е дека прегратката може да го намали нивото на стрес. Иако тинејџерот често се однесува како да не му е важна прегратката, сепак е спротивното. Вашата прегратка ќе му даде до знаење дека е безбеден, дека не е сам, дека има поддршка и дека може да ги надмине проблемите со кои се соочува.

Насловна фотографија: УНИЦЕФ.мк

Сподели