Повеќе 2.000 учесници, 300 часа активна програма, 62 различни проекта беа дел од десетдневниот настан „Зимска приказна“ кој изминатите денови се одржа во Битола. Почетокот на Новата 2024 година беше означен на платото пред Офицерскиот дом. Авантуристичкиот дух на градот го потврдија алпинистите од „Олимпус Монс“ кои на полноќ тргнаа на традиционалното искачување на Пелистер каде го дочекаа првото изгрејсонце во новата година.

Бројни музичари продефилираа на двете сцени, но посебна карактеристика на фестивалот беше музиката на уличните артисти, дуото на виолончело и флејта кои дојдоа од Венецуела и Украина. Јанко, со корени од Колумбија и Украина, и Исмар од Венецуела донесоа звуци кои се движат од класична до балканска музика. Нивното присуство на Широк Сокак даваше посебен шмек, предизвикувајќи восхит кај локалните грашани и кај посетителите од странство.

Енергијата од „Зимска приказна“ се прошири и на новогодишниот базар, одржан на две локации во паркот на Офицерски дом и во срцето на Старата битолска чаршија, создавајќи простор за промоција на локални занаетчиски изработени сувенири и храна.
„Зимска приказна“ не беше само прослава на големите празници, туку и значаен придонес за локалната економија на Битола. Бројноста на публиката од Битола, посетители од соседните градови и туристите, особено од Грција и Албанија, беа доказ за привлечноста на настанот и неговото позитивно влијание врз локалните бизниси.











