Вреди ли да се положи животот за идеја – прашува претставата по текстот „Падот на Масада“ на Венко Андоновски

Претставата „Падот на Масада“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, ќе ја има својата премиера вечерва во 20 часот, на сцената на Драмски театар во Скопје. На претставата Пројковски работеше со своите редовни соработници – Валентин Светозарев, кој се погрижи за костимите и сценографијата и Горан Трајкоски – за музиката. Улогите ги толкуваат актерите: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.

Ова е четврта соработка на Пројковски со Андоновски и прва после „Генетика на кучињата“ како заедничка соработка во Драмски театар.

Вреди ли да се положи животот за некоја идеја или не. Ова вечно прашање е во сржта на претставата „Падот на Масада“ од нашиот реномиран писател Венко Андоновски.. Андоновски вели дека денес е незамисливо тоа што го сториле Јудејците во Масада (кога меѓу 37 и 31 година п.н.е. кон крајот на првата Еврејско-Римска војна, завршила со масовно самоубиство на 960 луѓе, заб.), да се убијат за да не паднат во рацете на непријателот.

– Денес сме сведоци на суициди кои главно се индивидуални и испровоцирани од лични причини – вели Андоновски додавајќи дека низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно на херојското.

– Претставата фактички покажува дека човештвото назадува на секој план, па дури и во сфаќањето на самоубиството. Ова е претстава која поставува вечно прашање, а тоа прашање упростено се сведува дали идеите вредат за да се положи животот за нив или не. На таа тема се пишувани многу дела и претстави и романи, а јас се трудев да покажам преку неколку историски пресеци, неколку случаи на масовно и единечно самоубиство. Дури и кога е единечно, направено е поради големи причини“, открива Андоновски.
Меѓу другото, пласирана е и идејата дека секое самоубиство фактички подразбира едно невидливо претходно убиство, а тоа е убиството на човекот во себе, додава тој.

Заедничкото е, како што нагласи, пораката дека светот полека еродира, влегува во некоја фаза на хаос во која вредностите веќе не се препознаваат и или она што некогаш било вредност денеска станува противвредност.

– Втората идеја е дека и ние, нашата средина не сме изземени од таа ерозија и дека треба сериозно да размислиме дали идеите го заслужуваат нашиот живот, како што не учи дневниот политички колоквијал или како што се вели во претставата, треба човек да легне на ливада и да гледа во облаците. Убавина заради убавина или живот заради вредноста на животот“, вели Андоновски.

Режисерот Дејан Пројковски истакна дека имале убав креативен процес, обидувајќи се да ги преиспитуваат сите прашања и дилеми кои што ги отвора текстот.

– Единственото место каде што човек може да си поигрува со времето и со просторот е театарот и сцената, така што и концептот за оваа претстава е базиран токму на тоа, театарот и сцената како клуч за патување низ времето и просторот. Од друга страна, секогаш сите општествени системи и промени е многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена затоа што во животот сите тие големи промени многу поскапо го чинат човештвото“, рече Пројковски, додавајќи дека на тој принцип почнале да ја градат претставата, театарот и театралното да ги донесе до еден тотален театар.

Тој се осврна и на дилемата за изборот меѓу доброто и лошото, парафразирајќи аргентински поет според кого разликата меѓу доброто и лошото е како совршените и просечните камбани кои се разликуваат во еден полутон.

Актерката Жугиќ, меѓу другото, рече дека посебен предизвик за актерите било тоа што практично станува збор за шест претстави, и дека тие играат шест различни улоги. Инаку. Жугиќ со оваа претстава одбележува 30 години живот на сцена.

Сподели