Проектот Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear на авторката Славица Јанешлиева и Националната галерија, е избран за официјален македонски претставник на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година.
Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура, во состав: Станко Павлески (ликовен уметник), Зоран Петровски (историчар на уметноста) и Луан Зенку (ликовен уметник), стои дека „проектот е дводелна просторна инсталација во која Јанешлиева гради (авто)поетична лирска метафора поттикната од ехо на чувства од издвоен лик од басната „Грдото пајче“ на Х. К. Андерсен, сопоставувајќи засебна релациска целина од слики – огледални рефлексии, надградени со истовремено „лајф“ снимени и проектирани слики – аголни визури на сопствениот лик – фигури пред огледалaта надополнето и со позната детска мелодија од американските ’40 – ’50 г. на минатиот век, во духот на басната употребена во претходната односна целина, воспоставувајќи илустративност на бивањето на поединецот странец или не, во најширока смисла на зборот“.
На Конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Р.С Македонија на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година, во организација на Венециското биенале (La Biennale di Venezia), годинава пристигнаа и беа разгледани уште две пријави – проектите „Ничија уметница/Nobody’s artist“ од Весна Стефановска и „Разгледница од маргините: Расплетување на животи, издржливост и други приказни“ од Ѓорѓе Јовановиќ. Тие сеодбиени бидејќи не ги исполнуваат во целост условите и критериумите на Конкурсот.
Венециското биенале на уметноста ќе се одржи одвива од 20 април до 24 ноември 2024 година.





