Пишува: Jована Ѓорѓиовска, Гледај.мк
Од 25 пријавени претстави од домашната независна продукција, шест селектирани дела беа прикажани на 48. издание на фестивалот Млад отворен театар. Претставата „Кенди“ (режија: Тамара Стојаноска, продукција: Театар „Златен елец“) од тричленото меѓународно жири ја доби наградата БИШ (иницијатива која започна лани, во чест на еден од основачите на МОТ и негов двигател скоро четири децении). Освен фактот дека дефиницијата за „независната сцена“ во нашата држава е доста флексибилна (и тоа можеби бара одделен елаборат, но во друга прилика), диверзитетот на претставите посочи и уште нешто – независните уметници често бојат „надвор од линијата“ која ја негуваат институционалните театри во земјава, но поретко замислуваат сосема нова форма во метафоричната боенка. Ова, само по себе и во моменталната фаза, не е 100% негативно, ама постои опасност да се претвори во подолг креативен застој и рециклирање на веќе видени решенија без јасна функција. Но, да почнеме со ред, онака како што фестивалската програма наложи…

Прва во селекцијата БИШ беше претставата „Нерон“ во режија на Ѓорѓи Ризески, по текст на Христо Христов. Оваа алтернативна историја за последните часови од животот на еден од најозогласените римски императори (Марко Трајковиќ) и неговата втора сопруга Попеја (Нина Деан), режисерот ја поставува на два плана – императорскиот трон наспроти сѐ останато, тиранинот со делузии дека е всушност Бог над неговата сакана, грешните христијани кои горат пред императорската палата, па и целото човештво (вклучувајќи ја овде и публиката, седната во полукруг). Иако употребата на овие два индикатори за ставовите на Нерон и Попеја не е до крај конзистентна, повеќеслојната симболика на играта со светла и музика (компонирана од Алмир Бајрамовски), проектираните анимации (Емил Пачовски и Андријана Тасевска) и танцот со оган ја подвлекуваат актерската жар како главен адут на претставата. Токму хемијата меѓу Трајковиќ и Деан, највидлива при трансформацијата на императорскиот пар во обичните смртници Дора и Исаја, е клучот кон безвременските вредности на претставата (мир, љубов, грижа за другите).

„Вилицата на Ибен Бајерс“, дипломската претстава на режисерот Борис Василевски според текст на Филип Грујиќ и драматургија на Стефан Миленков, а во продукција на „Штрих“, е солиден пример за одмереноста потребна за да се балансира помеѓу замислата за една претстава по учебник, и експерименталниот порив кај младите уметници, најсилно изразен преку интеграцијата на елементи од музички театар (музика на Сашко Костов и кореографија на Кренаре Невзати – Кери) и мултифункционалната сценографија (Ненад Тонкин). Актерската екипа (Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли) ревносно ги отелотворува двете страни на паричката наречена „американскиот сон“ – богаташите кои се во постојана потрага по следната форма на себереализација, и сиромашните работнички кои среќата ја наоѓаат во мали нешта. Покрај Наумов чија изведба на насловниот лик вешто се движи меѓу ноншалантна самодоверба и суптилна кревкост, се издвојува и одличната игра на Хусеини чии две улоги (госпоѓа Бајерс и една од радиоактивните девојки) се имплицитен коментар за женската позиција во едно домаќинство/општество – ненаметлив, а клучен елемент врз чии плеќи често паѓа товарот кој никој друг не го презема.

Во „Немиот келнер“ (по текст на Харолд Пинтер, во режија на Александар Ивановски), нема јасна разлика помеѓу она што е точно и она што е погрешно. Токму како што вели и нобеловецот Пинтер дека една работа може да биде истовремено и точна и погрешна, режисерот Ивановски, заедно со актерите Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски, гради свет кој е истовремено и апсурден и реалистичен, и циничен и наивен, и ужасно смешен и непроценливо трагичен. Во еден така поставен свет, двајца платени убијци трпеливо чекаат да добијат информации за својата следна задача, притоа разговарајќи за фудбал, храна, и случувања од дневната црна хроника. Костовски и Ѓоргоски ги создаваат своите ликови во детално осмислена корелација со пинтеровскиот дијалог кој наложува навидум лежерно муабетење на секојдневни теми, бизарна репетитивност и двосмислени тишини. Па така, актерската игра (која само се чини едноставна) и темпото испрекинато на неочекувани места, полека плетат сложен лавиринт за публиката, составен од идеи, алузии и потенцијални интерпретации кои кулминираат во чист апсурд и научена беспомошност.

По својата форма, „Бакхи: Агава“ (чиј текст е инспириран од Еврипид, а по драматургија на Тамара Барачков) на „Перипетија Продукција“ најмногу отскокнува од годинешната селекција БИШ. Режисерката Нина Николиќ и Барачков комплетно го бришат божествениот аспект од трагичниот мит за Агава, Пентеј и Дионис, и го преместуваат дејството во денешницата. Агава (Симона Спировска) е самохрана мајка која речиси постојано е експлоатирана на работното место во фабриката за текстил и живее за кратките моменти на интеракција со сина си Пентеј (Александар Михајловски). Мудриот избор на Спировска (која има неверојатно моќно присуство на сцената и експресивна игра) за улогата на Агава (која говори само во последниот чин) е клучното парче во мозаикот надополнет со проекции, снимени разговори (Григор Јовановски, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу, Дарја Ризова), клаустрофобична сценографија (Ангел Петровски), и стиховите на Момчило Одаловиќ од песната „Мама е глагол од глаголот работи“. Иако одлуката да се изостават причините позади чедоморството може да збуни дел од гледачите кои не ја знаат животната приказна на насловната хероина, „Бакхи: Агава“ е елиптична претстава, која покажува како може да се пренесат емоции и без нивна континуирана вербализација.

Од друга страна, „Спасени“ (режија на Дамјан Костовски, по текст на Томислав Зајец) главно се фокусира на раскажување, и со тоа процесирање, на централниот трауматичен настан (и неговите последици) – метафорично прикажан и преку сценографското решение (Милка Черепналковска и Екатерина Николовска). Слично на концентричните кругови кои се појавуваат на површината на водата кога камче ќе падне во неа, животите на десетте ликa (Хари Михајловски, Мирјана Трпковска, Васко Костовски, Кире Ацевски, Владимир Петровиќ, Јоанис Далајоргос, Ведран Чешарек, Елена Кузманов, Горан Ников, Ања Митиќ) се засекогаш поврзани поради несреќата со возот. Таа ги вплетува фрагментираните сеќавања и дистанцираната интроспекција неопходна за надминување на траумата во една логична целина. За скоковите напред-назад низ животните приказни на ликовите да се сосема јасни за публиката – освен промените во музиката (Бојан Филиповски) и костимографијата (Екатерина Добривојеска) – најмногу придонесува играта на двоецот Митиќ-Ников (како неодоливо носталгичен брачен пар) и Петровиќ (кој, и покрај огромната воздржаност, или можеби – токму поради тоа, е емоционалното сидро на претставата).

Победничката претстава „Кенди“ се издвојува од останатите по многу карактеристики, а можеби најважната од нив е жестоката општествена ангажираност. Прозната инспирација од романот на Лук Дејвис е испреплетена со текстови од ХОПС (една од ретките граѓански организации во Македонија која работи на темата зависност од опијати). Режисерката Стојаноска го користи овој амалгам толку инвентивно и конзистентно што емпатијата кон ликовите на публиката ќе ѝ се „прикраде“ уште во првите неколку минути кога ќе го запознае младиот романтичен пар кој полека се препушта на хероинот како главно задоволство и решение на сите проблеми што гo мачат. По неполни два часа и интензивен ролеркостер кој неуморно вјаса кон очекувано трагичен крај (а е имагинативно подвлечен со музиката на Лука Тошев), „излезот“ од светот на претставата бара огромна количина само-рефлексија и дискусија на обработените теми со денови потоа. Нетипичниот театарски израз во комбинација со филмскиот јазик на документаристиката, редовното кршење на четвртиот ѕид и брутално чистата актерска игра на Лео Поповиќ и Бобан Алексоски сведочат за авторски колектив кој не само што има огромна меѓусебна доверба, туку и се труди директно да допре до публиката како активен чинител, а не само „потрошувач на театарската уметност“ во денешниот консумеризам.
Сега, по речиси еден месец од 48. издание на МОТ и доволно простор за евалуација на селекцијата БИШ, неспорен е фактот дека независната сцена активно твори, отворено ги третира клучните проблеми на денешницата и знае како да „патува“ од минимализам до екстравагантност. Прашањето што останува отворено е што се наоѓа отаде страста за работа, содржината и формата на една претстава? Или со други зборови, што е потребно за создавање на една домашна независна претстава која не само што ќе ги активира сите сетила на публиката и ќе ја натера активно да го промислува животот, туку и ќе ги предизвика нејзините емоции подлабоко од една насмевка или натажен лик?





