„Здраво луѓе! Пред 40 години овде, во МКЦ настапив првпат“, рече Зоран Костиќ-Цане и го почна коцертот на „Партибрејкерс“ синоќа во Младонскиот културен центар во Скопје. Ова беше последниот од трилогијата концерти со кои „Авалон продукција“ одбележа 30 години активно присуство на музичката сцена во регионот. Претходните два дена настапија „Деца из воде“ со трибјут на легендарните ЕКВ и „Психомодо поп“. Во сите три вечери денсинг салата на МКЦ беше полна.
Изминатите три дена Скопје се потсети дека рокенрилот сè уште живее. Публиката, претежно средовечна со кренати раце ги пееше песните на „Партибрејкерс“. Радува фактот што тук-таму имаше и подмладок.
– Луѓе, тешки времиња живееме, нели – се уфрлаше Цане помеѓу две песни, во неговиот препознатлив стил.
Концертот кулминираше со хитовите „Крени према мени, „Хипнотисана гомила“, „Месечева кќи“. По дури седум песни изведени на бис, бендот се прости од публиката со „Најбоље се путује“.
„Авалон продукција“ во изминатите три дена нè потсети и потврди дека во Македонија сè уште има масовна публика за добра музика, како и пред 30 години. А нова, квалитетна публика ќе се создава само со добар избор и понуда. Им посакуваме уште многу години да организираат одлични концерти.





