„Место за слетување“ е насловот на трибината која вечерва во 20 часот ќе се одржи во кафетеријата „Мамбо“ во паркот „Авионче“ во скопската населба Ново Лисиче. Воведничари се Maja Танева, уметница, Никола Писарев од Центарот за современи уметности од Скопје, Ѕвездан Георгиевски, теоретичар, сите тројца жители на Општина Аеродром и Ѓорѓе Јовановиќ, претставник на КСП „Центар-Јадро“, хибридна локална културна установа во Општина Центар. На трибината е поканет и претставник од Општина Аеродром.

– Во рамките на трибината ќе бидат презентирани резултатите од структуираните интервјуа и анкетниот прашалник кој беше креиран во рамките на иницијативата, а беше наменет за жителите на Аеродром. Се обидовме да проникнеме во културните потреби, преференци и вкусовите на жителите на општината и да дознаеме во каков сооднос се со културната понуда во општината. Едновремено ќе биде презентирана и анализата на средствата издвоени за култура од општинскиот буџети за последните три години на Општина Аеродром и компаративна анализа со буџетите за култура на неколку слични општини во Македонија и нивните издвојувања за култура – велат организаторите.

Според податоците добиени преку слободен пристап на информации, Општина Аеродром во 2020 година располагала со буџет од 1.381.331.000 денари од кои 28.361.000 биле издвоени за спорт, а 1.570.000 денари за култура. Во 2021 година од вкупниот буџет од 1.357.605.000 денари, само 1.870.000 денари биле влоѓени за култура, додека за спорт биле издвоени 33.060.000 денари. Годинава за култура се издвоени двојно повеќе пари – од вкупниот буџет од 1.279.105.000 за култура се наменети 4.810.000, а за спорт – 38.480.000 денари.

Споредбата е направена со состојбата од 2020 до 2022 во Кавадарци и Струмица. Така Општина Струмица во овие три години издвоила 3.546.295, односно 4.904.551 односно 8.077.000 денари за култура. Драстично поголем е буџетот на Кавадарци – 25.019.301 денари во 2021 година, 23.673.505 денари во 2023, односно 37.991.618 денари за култура во 2023.

Целта на иницијативата е отворање дијалог за креирање посериозен пристап за културниот развој на општината и достапот до култура на локално ниво на граѓаните на Аеродром. „Место за слетување“ е независна иницијатива на уметницата Маја Танева поддржана и реализирана заедно со Центарот за современи уметности со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество Македонија.
(В.И.И.)





