Премиера на цртаниот филм „Звуците на Новата година“ од „Светот на Биби“

Новиот анимиран филм „Звуците на Новата година“ од „Светот на Биби“ ќе ја има својата премиера вечерва во повеќе киносали низ Македонија. Филмот ќе се прикажува во киносалите „Синеплекс“ и „Милениум“, но исто така „Звуците на Новата година“ ќе патуваат низ цела Македонија и тоа: „3Д Кино“ – Битола (21, 22, 25 и 27 декември), „Мис Стон“ – Прилеп (22 декември), Дом на култура Гевгелија (23 декември), Дом на култура Свети Николе (21, 22 и 25 декември), Дом на култура Пробиштип (26 декември), Центар за култура Кичево (21 декември), Дом на култура Богданци (25 декември), „Киноверзум“ – Штип, Велес и Свети Николе (21 декември), Дом на култура Охрид (29 декември), Дом на култура Крушево (21 декември), Дом на култура Демир Хисар (21 декември), Кино „Манаки“ – Битола (22, 23 и 24 декември).

Детската фантазија и искреност се непроценливи и токму поради истото се одлични судии, точно знаат што им се допаѓа, а што не. Кога нешто е добро, веднаш препознаваат и со уживање се препуштаат кон нови авантури. „Светот на Биби“ е дел од светот на секое детенце и веќе неколку години по ред на забавен начин преку едукација и интерактивност ги води низ целиот универзум на Биби и Боби.

Во цртаниот филм ќе дознаете што се случува со звуците на Новата година. Зошто ниедна мелодија не е како што треба и зошто се испревртени зборовите во сите песни на светот? На светот? Подобро речете – во целата бесконечна вселена. Но, ако мислевте дека нема кој да го реши проблемот – погрешивте. Биби, Боби, снешкото Гого, Дедо Мраз од Заз, роботчето Р1, но и мистериозните чувари на Заз се обединуваат да ја спасат целата музика во универзумот.

Режисери на филмот се Димитар Аризанов и Јосип Здравковски, гласовите ги позајмуваат актерите: Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски, Сашка Димитровска и Дамјан Цветановски, а за музиката се погрижи Ангел Ќосев.

Исто така, за претстојните викенди (23, 24, 30 и 31 декември) со почеток од 12 до 16 часот пред киносалата „Синеплекс“, тимот на „Светот на Биби“ подготви бесплатни IQUP работилници со детски друштвени игри, научни експерименти и уште многу други изненадувања.

Сподели