Училиштата „Никола Карев“ од Струмица и „Коле Неделковски“ од Велес ќе станат регионални центри за средно стручно образование

Две средни општински училишта од Струмица и Велес ќе прераснат во регионални центри за стручно образование со одлука на Владата. Станува збор за „Никола Карев“ од Струмица и велешкото „Коле Неделковски“. Во рамките на проектот на Европската Унија, „Зголемување на атрактивноста инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, тие ќе бидат целосно реконструирани.

„Улогата на регионалните СОО центри за подобрување на системот за СОО во југоисточниот и вардарскиот регион“ е насловот на конференциите што ќе се одржат денес (хотел „Сириус“, Струмица) и утре (хотел „Гардениа“, Велес), во 10 часот.

На конференциите ќе присуствуваат претставници на Министерството за образование и наука, на Делегацијата на Европската Унија, градоначалниците на општините во регионот, како и претставници од тимот на проектот ИАИР.
Во рамките на конференциите ќе бидат претставени новите Регионални центри за стручно образование и обука за југоисточниот и вардарскиот регион, ќе бидат претставени функциите, задачите и одговорностите за понатамошен развој на системите за стручно образование и обука во регионите, како и очекувањата на сите клучни чинители на регионално ниво за подобрување на функционирањето на овие системи со поддршка на регионалните центри за стручно образование.

Сподели