Ослободителна пресуда за археологот Златко Видески и нумизматичарот Перо Јосифовски за кражбата во Музејот на Македонија

Ослободителна пресуда за археологот Златко Видески и нумизматичарот Перо Јосифовски донел Апелациониот суд од Скопје за кражбата на археолошки предмети во Музејот Македонија која се случи пред десет години, соопшти Македонското археолошко друштво. Ослободителната пресуда за делото „отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост“ е по предлог на Вишото јавно Обвинителство кое го повлече обвинението како неосновано и без материјални докази за вмешаност на Видески и Јосифовски во кражбата на археолошки предмети во Музејот Македонија.

– Судскиот процес во врска со кражбата на археолошки предмети која се случи во 2013 година во Музејот на Македонија конечно доби завршница. Со оваа пресуда отпаѓаат сите шпекулации дека нашите колеги се вмешани во кражбата во Музејот на Македонија. Од самиот почеток верувавме во невиноста на колегите Златко Видески и Перо Јосифовски. Со ова известување сакаме на македонската јавност да и ја предочиме разврската од овој долгогодишен случај чија цел не беше само да фрли дамка на професионалната кариера на нашите колеги, туку и да ја обезвредни целата археолошка фела – велат од Македонското археолошко друштво.

Тие во 2014 година одржа мирен протест за нивна поддршка на платото пред Музеј на Македонија. На најавата тие симболично отпечатија флаери со познети артефакти од Македонија на бесилка. Археолозите низ целиот судски процес тврдеа дека нивните колеги не се вмешани во кражбата и апелираа да се фатат вистинските градци. Со кражбата исчезнаа  162 артефакти од од 4 век и подоцна. Тие никогаш не беа пронајдени. Во случајот беа осудени седуммина. Медиумите тогаш објавија дека скопскиот Кривичен суд на Перо Јосифовски, поранешен директор на Музејот, судот му изрече највисока казна од 8 години и 8 месеци затвор. Затворска казна во траење од 6 години и 8 месеци му беше изречена на Златко Видески, Софка Кушовска е казнета со 3 години, златарот Часлав Кузмановиќ со 7 години и 8 месеци затвор, Јован Кондијанов доби 3 години, а Дарко Кржовски и Андреј Ежов добија по една година затвор.

Насловна фотографија: Македонско археолошко друштво

Сподели