Бисера Чадловска е прогласена за жена на годината

Бисера Чадловска, првата диригентка во Македонија, ја доби титулата „Жена на годината 2023“, што и беше врачена вчера во рамките на конференцијата „Жени претприемачи“, што се одржа во Музејот на македонската борба во Скопје. Лауреатот македонска Жена на годината го понесе Бисера Чадловска – првата жена диригент во Македонија. Под нејзината диригентска палка, во изминатите две децении се реализирани многубројни оперски и балетски дела на сцената на Националната опера и балет.

Изборот за „Жена на годината“ започна со онлајн-номинирање што беше отворено за целата домашна јавност, при што беа поднесени вкупно 799 номинации. Од сите нив беше формирана листа на финалистки, по 5 во секоја категорија, за кои потоа гласаше жири-комисија составена од претставници на медиуми, образовни институции, организатори и соработници.

Ова се победничките во десетте категории:

1. Жена на годината – Бисера Чадловска
2. Жена со трајни вредности – Наде Молеровиќ
3. Жена менаџер на годината – Тања Милисковиќ
4. Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата – Стефанија Зип
5. Млада жена менаџер на годината (до 40 години) – Катерина Трајчевска
6. Жена со најголеми достигнувања во културата – Наташа Поповиќ
7. Жена со најголеми достигнувања во спортот – Мери Акиевска
8. Жена со најголеми достигнувања за општеството – Сибел Бајрам
9. Жена со најдобар стил – Татјана Алексиќ
10. Инфлуенсерка на годината – Мери Бајрамовска

Целта на изборот „Жена на годината“ е да им се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и оствариле забележителни резултати во годината што одминува.

Во конференцискиот дел на настанот, свои предавања одржаа: Магдалена Христова – директор на финансискиот оддел на Пивара Скопје; Лулзим Адили Луи – сертифициран обучувач за лидерство, говорник и коуч; Мери Шешо Најденовска – oперативна директорка на Monks Agency; Наташа Поповиќ – директорка на НУ Охридско лето; и Моника Ризовска од Ways2Help.

Организатори на „Жена на годината“ се Маркетинг365 и Касиа Евентс.

Сподели