Во Младонскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата yugo.logo, а ја организира Europe House. Автентичната изложба на графички симболи, која брои дури 460 дела во мал формат беше првенствено отворена во Europe House Битола. Поставката е проект на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ, кој вели дека симболите се создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски.
– Целта на yugo.logo е да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци за да им послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори – велат организаторите.
„Графичкиот знак нема оригинал, материјал и големина. Секој еден е оригинал и се изработуваат од секакви материјали и во секакви големини. Знакот е потпис, па затоа авторот не го потпишува. Конструкцијата на знакот е негова графичност со која се овозможува тираж (умножување, зголемување, смалување). Знакот е збиена приказна, понекогаш и неколку различни приказни, кои се сведуваат на еден краток збор. Зборот се претвора во слика која ја читаме со еден поглед: побрзо ја гледаме и запомнуваме отколку што ја разбираме. Знакот е поубавиот дел од приказната. Секој знак е една нова љубов, а за љубовта се сонува и се размислува на јаве, сè се меша и затоа не се знае како настанува знакот. Знакот е лесна мака“, пишува Милош Ќириќ во книгата „Графичка идентификација“.
Насловна фотографија: Небојша Гелевски-Бане





