Околу 40 археолози од 13 земји од светот светот ќе учествуваат на 9. конференција „Предисторија на Балканот“ која ќе се одржи онлајн, а ја организира Центарот за истражување на предисторијата. Научниот собир скоро една деценија традиоционално се одржува при крајот на годината и на едно место собира еминетни стручњаци од сферата на археологијата и културното наследство кои ги презентираат најновите сознанија од тековните истражувања и дискутираат за нив.
На конференцијата учествуваат археолози од Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Соединетите Американски Држави, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија. Преку петнаесетина реферати тие ќе ги презентираат своите истражувања во рамки на предисториската археологија и ќе ги елаборираат резултатите поврзани со локалитетите на Балканот, како и околината во која тие се наоѓаат.
– Оваа конференција е редок научен настан во кого традиционално секоја година се претставува предисториското културно наследство на Балканот и се дискутираат формите и методите на негово проучување. Овој настан во голема мера придонесува за зацврсување на комуникацијата меѓу балканските и европските археолози и отвора нови перспективи за меѓународни соработки. Така предисториското културно наследство станува попристапно до сите стручњаци во регионот и се добиваат можности за негово поодговорно истражување и за потемелно толкување – велат организаторите.
Освен претставувањето на резултатите од теренските ископувања, учесниците ќе говорат за теориските поимања на хронологијата и општествата во неолитот, природното опкружување и рововите со кои се обградувале тогашните населби, керамиката и алатките што ги изработувале, сточарството и земјоделството, наколните живеалишта во бронзеното време, како и погребувањата во железното време.
Во рамките на конференцијата ќе биде промовиран и најновиот зборник на трудови на Центарот за истражување на предисторијата, чие издавање е подржано од Министерството за култура. Во него се сумирани рефератите од минатогодишната конференција „Предисторијата на Балканот“ која се одржа во Охрид.





