Ова сум јас? Во моментите на себеиспитување се наоѓам себеси стоејќи на крстосницата на идентитет. Тоа е авантура која ме води длабоко под површината, под етикетата и улогата која општеството ми ја доделува. Јас сум повеќе од месо и коски. Повеќе од лузни и дамки кои ја красат мојата душа. Јас сум илузијата која се извишува високо во бескрајното пространство на моите несигурности. Кои сме ние? Стоиме овде борејќи се со нашите емоции и прашања. Ова се дел од прашањата што ги отвора претставата „Ова сум јас? Кои сме ние?“, што претставува истражување на телесната/движечка експресија, чија инспирација е македонското поетско творештво.

Премиерата ќе биде вечерва во 20 часот на сцената на театарот „Сенки и облаци“.
Двајцата перформери – Енџи Николоска и Бојан Лазаров го истражуваа поставувањето и изразувањето на телото во простор – индивидуално и заеднички преку танцово-театарски методи. Преку себеистражување до пронаоѓање на нови начини на комуникација и пренесување на јасна порака и емоција преку телото, односно специфичен сценски јазик за дијалог со гледачот.
Перформансот произлезе од ДОПРИ програмата за резиденцијален престој во Театар „Сенки и облаци”, поддржана од Министерството за култура на РСМ.
Бројот на места е ограничен, задолжително пријавување во порака на фејсбук-страницата на Театар „Сенки и облаци“
Фотограф: Ката Блажевска




