За концертот „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, со Дино Имери на пијано, Камерен оркестар „ID“ и маестра Дијана Имери Илкоска зад диригентскиот пулт
Пишува: Тина Иванова, музиколог
„Не многу зборлив… болежлив… во Англија отпатувал со три клавирa: Плејел, Ерард, Брадвуд… за дваесет гвинеи свирел навечер кај некои моќници… ги спалувал своите записи, скици и ракописи… ‘моите обиди се изведени по мерка на она што ми беше можно да го достигнам’… секој прст треба да удира со сила која одговара на неговата градба, четвртиот е најслаб (само сијамски близнак на средниот прст)… Кој било, кога било, кога ќе ги слушне неговите прелудиуми, на летниковците или во некој планински предел или низ отворената врата на некоја тераса, да речеме, санаториум, тешко дека тоа ќе го заборави…“ – Готфрид Бен
Многу може да се пишува за Фредерик Шопен (1810-1849), највлијателниот полски композитор, за неговиот кус живот и особено за неговите дела. Поделени мислења за неговата музика имало отсекогаш – за едни е непотребно толку тажна и болна, со превез на романтика, за други „лигава“ и меланхолична со површна избалансираност на звучните карактеристики. Глен Гулд на пример, славниот пијанист, рекол дека музиката на Шопен е „премногу декоративна и тривијална“. Но, едно е сигурно – постоењето на овој генијалец го направи светот подобро место за живеење. Музиката на Шопен, кому романтизмот му го „залепиле“ како етиката која се врзува со женственост, милозвучност, благост (иако и за ова може да се зборува многу и да се протолкува на повеќе начини), во себе ја содржи длабочината на стравот со кој секој човек се соочува – страв од загуба и смрт, на кој му се спротиставува едно „визионерско блаженство“. Ретко кој, слушајќи ја, размислува така. Но, ако знаеме дека Шопен и припаѓал на онаа „несреќна сорта на луѓе“, тогаш јасно е зошто неговата музика поставува филозофски прашања за чиј одговор мораме да трагаме постојано.

4 декември, понеделник, 2023. Беше тоа тежок ден. Навистина тежок. Темен, траорен, откако по неколкудневна неизвесност ја дознавме ужасната вест за убиството на 14- годишното девојче Вања. Таа информација нè кутна сите како во ненадеен вртлог од страв, очај и плач. Вечерта пак, требаше да се случи долгоочекуваниот концерт на двајцата македонски уметници, извонредните Дино Имери – „волшебникот на пијаното“ и Дијана Имери Илкоска – „диригентката којашто може да ги оствари сите свои замисли“, наречен „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, заедно со Камерниот оркестар „ID“. Владата нe прогласи Ден на жалост, за да се откаже концертот или кој било друг настан, и така, тој се случи. Од друга страна, пак, овој концерт можеме да кажеме дека непланирано, беше посветен токму на тоа невино детско суштество кому животот и сите негови убавини штотуку требаше да му почнат.
Но, ништо немаше да се промени, ниту за мене, а верувам ниту за многубројната публика, присутна таа вечер во Камерната сала на Филхармонија, доколку не присуствувавме на концертот поради страшната информација со која, секако, сочуствуваме сите длабоко. Се двоумев, но повторно ми помина онаа мисла која секогаш ми ги отвора очите, дека музиката или уметноста воопшто, како неопходна храна за душата, прави да зацелат раните, колку тоа да звучи клише и бесчувствително, како бегање од реалноста. Во тие час и половина музика од Шопен, изведена од врвни уметници, мислите се фокусираа на апстрактното и заминуваа отаде реалноста, сосема доволно да ни донесат малку спокој во умот и да нѝ ги стишаат бурните емоции на тага и голем гнев кон неправдата. Како што и Берлиоз ќе забележи: „…кога животната проза на сите ќе им стане коска во грло“.
Мошне интересен наслов и концепт – „Музика и поезија“. Не е случаен, верувам. И самиот Шопен низ „зборови“ ја изразувал својата музика, а и таа е пишувана во духот на поетскиот израз. Не одвојувајќи се од пијаното, како негов доживотен сопатник, пишувајќи и посветувајќи му се само нему, „широко ги отворил вратите кон својата инспирација и станал поет“.

Во првиот дел од концертот, Дино Имери беше солист на пијано, сам во полузатемнета сцена, седнат на новиот ѕвонлив „Стенвеј“, подарувајќи нѝ ги прекрасните: Балада бр. 1 оп.23 во g-moll, Прелудиум оп.28 бр.4 и бр.8, Валцер оп.64 бр.2 во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1 „Минутен“ и „Херојска Полонеза“ оп.53 во As-dur. Мошне добро осмислен програмски концепт, во само еден концертен дел, да се опфати целокупното творештво на „поетот на пијаното“, допирајќи ги неговите најзначајни форми на експресија со кои го „насликал“ се она што значи романтизам во музиката. Некој некаде напиша: „Не може секој да го свири Шопен, ниту пак, Шопен би сакал секој да го свири“. Познавајќи ја досегашната кариера на македонскиот врвен пијанист Дино Имери, не можеше кај ниту еден од нас да прелета мисла на сомнеж за ова. И навистина беше така. Не навлегувајќи во поединечна анализа на секоја творба, за тоа понекогаш, како што е случајот сега, навистина нема потреба, генералната слика беше ваква: затворени очи, слобода да се пушти тагата да надвладее, или пак, некоја неопислива среќа да не погали, тешките мисли да одлетаат далеку, а заморот да се замени со умствен одмор.
Дино Имери, уште со првата отсвирена нота во Баладата, па до самиот крај, ни даде утеха и смирение без зборови. Навистина, некој со право го нарече „волшебник“. Тој создава магија во која се преплетуваат сенки, бои, пригушени и кристално јасни, едни носат меланхолија, други радост. Размислите и чувствата на Шопен за смртта и длабоката несреќа своја, но и на другите луѓе, преку маестралната изведба на Имери допреа до нас како на некоја 7Д кино-проекција, што во суштина, целта беше таа. Оти, Шопен и не смее поинаку да звучи, освен тогаш кога ќе успее директно да ве погоди, во сржта на вашето битисување во мигот на неговата перцепција. Мешавина на страст и љубов, или на болен рик во форма на звук која завршува со молскавичен удар. Имери „танцуваше“ со баладата (ballare ит. „танцување“) создавајќи своевидна халуцинација или сон. Во продолжение со прелудиумите, валцерите и полонезата, тој ја покажа сета своја пијанистичка виртуозност – раскошен тон, милозвучност, убав трепет расплинет по клавишите низ разложените акорди и брзите скали кои нѐ оставаа без здив. Апсолутно перфектен во премините со промена на темпата (метриката), или во мостовите од темпо „престо“ на пример, кон „адаџо“ во кое се крие најсовршената мелодија на Шопен која ја гали душата. Имери, често вртејќи го погледот нагоре, без партитура пред себе, а тоа можеше да се забележи и преку неговите фасцијални експресии, беше целосно внесен во музиката на полскиот маестро, што дури и не оставаше доволна пауза за подолги аплаузи помеѓу изведбата на секое дело.

Се шегувавме со маестро Вања Николовски-Ѓумар, кој седеше до мене, дека ќе му ги броиме грешките на Дино, и навистина изброивме неколку „грешки“, во прелетувањето низ пасажите, кои всушност, ја претставија неговата емотивна состојба поврзана, веројатно и долго проучувана, со онаа на Шопен – раздор на душата кој се бори со потрага за љубов кон животот. Поточно, со смислата на живеењето. Оградување од надворешниот свет и враќање кон себе самиот, а тоа значи, целосна автентичност на неговото претставување како уметник, што воодушевува.
Дино Имери беше солист на пијано и во вториот дел од концертот, кој беше мошне интересен и возбудлив поради неколку причини. Беше изведен фантастичниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во f-moll, ама овој пат со Камерен оркестар, што ваква форма на изведба е реткост и во светот, а не пак, кај нас. И покрај тоа што првично, авторот го замислил како квинтет, сепак, многу е деликатно да се изведува на ваков начин, затоа што секој тон, секоја боја, секоја интонација, се слуша јасно, кога на сцената го немате целиот оркестарски корпус на голем симфониски оркестар. И тука всушност, беше магијата, односно се покажа занаетот и високата професионалност на маестра Дијана Имери Илкоска и на сите членови поединечно кои го сочинуваа „ID“ ансамблот.
Втората причина е што пијанистот и диригентката се сопружници во приватниот живот, па оттаму, иако не слично како љубовта на Шопен и Жорж Санд, не може, а да не се забележи нивната сплотеност и низ музичките страсти, особено пак, кога е Шопен во прашање. Видлива професионална соединетост на сцена, јасна комуникација само со еден поглед, знаци на тотална сигурност во она што двајцата го прават.
По неодамнешните концерти на Имери во Загреб, Лондон и Ленгерих, и по неодамнешниот концерт на Дијана Имери Илкоска во Грузија, сите проследени со голем успех, „Музика и поезија“ ја заокружи нивната концертна дејност оваа година на еден прекрасен начин. Маестра Имери Илкоска веќе одамна сигурно чекори на сцената како диригент и како и многу пати досега, така и сега, се покажа како една од најталентираните диригентки од поновата генерација која со сигурност ја чека блескава иднина. Навидум ситна, кршлива, но на сцената, пред оркестар, полна со жар и енергија, храброст и секако, уникатност во експресијата.
Вториот Концерт за пијано, Шопен го напишал на само 20 години, и иако всушност му бил прв, го издал како втор, но со право го нарекуваат „дело со убавина којашто не се опишува“. Еден од најпознатите концерти за пијано и оркестар, всушност. Па, тука „шепкаше“ прашањето, бидејќи многумина го знаат наизуст: како ќе звучи со Камерен оркестар? Па, звучеше перфектно, мошне избалансирано, со динамичка прецизност, чистина на звукот, прекрасен и мек колорит, секој инструмент како засебен солист, а во истовреме сите сплотени како една душа. Сето тоа, благодарение на прецизната и строга рака на маестра Илкоска-Имери, на нејзината толку очигледна посветеност и жар кон материјата, да ја разглоби и до најситниот детаљ. Навистина воодушевувачки, но и храбро, да застанете пред мал ансамбл, само со гудачи, со вакво дело, и сето тоа да звучи совршено избалансирано и убаво.
И овде, како и во солистичкиот прв дел, пијанистот Дино Имери фасцинираше со сигурноста и лириката, а особено на левата рака, но и со уметноста на употреба на педалот, што на целиот концепт му даде еден благороднички, отмен израз. И неговата улога, овој пат во соединение со оркестар, беше главна, но токму таквиот спој на целиот концерт му даде прекрасна нота. Да не зборуваме за емотивниот баланс на вториот став од кој се превртуваат црева во стомакот од убавина.
Овој концерт означи и еден јубилеј – 30 години од воспоставување на дипломатски односи помеѓу Македонија и Полска, а амбасадорот на Полска на почетокот во својот говор, меѓу другото истакна, цитирајќи го Шопен: „Бах е како астроном, кој со помош на бројки ги наоѓа најубавите ѕвезди, Бетовен го опфаќа целиот универзум со силината на својот дух, а јас не се качувам толку високо. Веќе одамна одлучив дека мојот универзум ќе биде човечката душа и срце“. И навистина, имаше оваа вечер, и душа, и срце, и разум, и професионалност и врвна уметност. Едноставно: убавина! Имаше и тага и горчина на душата, но и надеж, дека малечката Вања ќе биде со најубавата музика на светот – онаа на ангелите.





