Нашето патување е едно големо искуство на учење и заеднички раст, како за нас, така и за сите наши членови и нивните семејства – вели Сара Кочан, кореограф, танчер, ко-основач на студиото Dancers United од Скопје
Во последните десет години, можеме со увереност да кажеме дека имаше значително влијание врз уривањето на предрасудите во публиката и градењето мостови помеѓу луѓето. Сведоци сме на значителни промени во свеста на заедницата. Сè повеќе, вклучувањето на маргинализирани групи во различни области станува норма, а не исклучок, вели Сара Кочан, кореографка, танчерка, ко-сновач на танцовото студио Dancers United од Скопје кое годинава одбележува десет години постоење. Десет години постои и инклузивната танцова група која бележи светски успеси, а утревечер во 20 часот во Музејот на македонската борба, во нивна чест ќе биде изведена ретроспективна инклузивна претстава.

Пред 10 години ја започнавте оваа благородна мисија. Влеговте во нов свет и за вас, но и создадовте свет за многу деца и млади со попреченост. Какви беа почетоците?
– Пред 10 години, заедно со мојот сопруг Нермин, одлучивме да го основаме нашето танцово студио Dancers United. Нашата основна идеја беше да создадеме место каде сите ќе се чувствуваат добредојдени, прифатени и вреднувани, без оглед на нивната возраст, пол или општествена припадност. Сметавме дека е особено важно да се вклучат и лицата со попреченост, бидејќи пред 10 години оваа тема сè уште беше табу и недоволно истражена област во нашата заедница.
Нашата мисија беше да создадеме средина каде што танцот не е само спорт и уметност, туку и средство за инклузија, социјализација и емоционално изразување. На почетокот, се соочивме со различни предизвици, вклучувајќи несигурност од страна на родителите на лицата со попреченост, како и на тие со типичен развој и скептицизам во општеството. Но, со силна волја и упорност, постепено изградивме прекрасна заедница, каде што секој може да ја најде својата улога и да се изрази преку танцот. Нашето патување е едно големо искуство на учење и заеднички раст, како за нас, така и за сите наши членови и нивните семејства.

Во меѓувреме следеа многу натпревари, многу медали, признанија. Ве мотивираа ли тие за да ја продолжите добрата работа?
– Секако, натпреварите и признанијата се значајна мотивација за нас и за нашите танчери. Особено сме горди на фактот дека нашите танчери ги освоија и европските и светските шампионски титули, покрај државните и тоа неколку години по ред ги држиме шампионските титули на највисоко ниво. Секој успех, од на најмалиот до на најголемиот член, има особено значење за нас. Тие не само што нè исполнуваат со гордост, туку и ни покажуваат дека она што го правиме има вредност и дека сме на вистинскиот пат.
Во овие 10 години, добивме награди и први места низ цела Европа, признанија од локалната самоуправа, претседателот, премиерот на државата, приеми во Министерството за култура, Министерството за труд и социјална политика, признанија од невладини организации за човечки права и унапредување на квалитетот на живот, бројни гостувања во различни емисии …
Сите овие награди се признанија и докази дека нашата работа носи плодови и дека имаме позитивно влијание врзживотите на нашите танчери, како и на кревање на свеста за можностите на лицата со попреченост во нашето општество и моќта на инклузијата. Натпреварите, покрај тоа што се важни за признавање на нашите достигнувања, исто така служат како моќна мотивација за децата. Тие им даваат цел и насока, покажувајќи им кон што да се стремат и за што да работат. Ова не само што ги поттикнува да се усовршуваат во танцот, туку и ги учи на вредностите на трудот и посветеноста. Затоа, секоја награда и секој успех се важни, не само како признанија за нашиот труд, туку и како инспирација и мотивација за нашите членови да продолжат со својата страст кон танцот.Секако ова се лекции за цел живот, тие се учат како да бидат вредни и вреднувани и како да се прифаќаат едни со други, не постои дискриминација или потценување, сите во нашиот клуб работат заедно без разлика од каде доаѓаат или како изгледаат. Убаво е да имаш еден безбеден простор каде што ќе може да бидеш свој и да го правиш она што го сакаш и те прави среќен.

Среќни ли се децата и млади членови на инклузивната група кога работите? Кои ви се најголемите предизвици кога се подготвувате за одредена претстава, настап?
– Среќата и задоволството на децата и младите во нашата инклузивна група, па како и во секоја друга наша група, се очигледни во секој момент на нашата работа. Особено значајно беше претворањето на нашата група на лица со попреченост во инклузивна група. Пред неколку години, одлучивме да го направиме овој чекор, вмешувајќи лица со попреченост со лица со типичен развој. Оваа одлука донесе многу позитивни промени, бидејќи танчерите од различни групи сега вежбаат заедно, создавајќи уникатни приказни и кореографии. Ова не само што им помогна на учесниците да се развиваат како танчери, туку исто така го збогати нивното разбирање и прифаќање на разликите.
Сепак, најголемите предизвици при подготовка за претстави и натпревари се финансиите. Честопати, нашата креативност и ентузијазам се препречени од логистички и административни бариери. Финансирањето и поддршката се клучни елементи кои можат значително да ја олеснат нашата работа. Во многу случаи, наместо да се фокусираме исклучиво на кореографијата и творечката страна, се наоѓаме во улога на администратори, барајќи начини како да ги покриеме трошоците и да обезбедиме потребните ресурси за нашите настапи. И покрај овие предизвици, нашата страст и посветеност кон танцот и инклузивноста не ја губат својата сила и секогаш наоѓаме начин да ги реализираме нашите идеи и проекти, макар и со поголеми напори.

Што сè ќе содржи ретроспективната претстава?
– Ретроспективната претстава ќе биде одраз на нашето патување во последните 10 години. Таа ќе вклучува избрани дела од нашите претходни настапи, кои го покажуваат нашиот развој и разноликоста на нашите учесници. Ќе бидат прикажани различни танцови стилови, како и лични приказни на членовите. 10 години е долг период, но ќе се потрудиме во еден час да ги прикажеме најважните и најзначајните историски моменти, како и да ја презентираме нашата нова насока во поглед на инклузијата.
Низ десетте години, може ли да се каже дека и кај публиката полека се влијае врз уривање на предрасудите и се гради еден мост меѓу луѓето?
– Во последните десет години, можеме со увереност да кажеме дека имаше значително влијание врз уривањето на предрасудите во публиката и градењето мостови помеѓу луѓето. Сведоци сме на значителни промени во свеста на заедницата. Сè повеќе, вклучувањето на маргинализирани групи во различни области станува норма, а не исклучок.
Претходно, многу родители беа скептични, стравувајќи дека инклузијата може негативно да влијае врз нивните деца. Но, со текот на времето, оваа перцепција се смени. Сега луѓето сè повеќе разбираат дека инклузијата не само што не носи никаков ризик, туку напротив, може значително позитивно да влијае на нив и на нивните деца. Оваа промена во свеста е особено значајна кога станува збор за лицата со попреченост. Инклузивните практики им овозможуваат на овие лица да имаат повеќе можности за изразување и учество во различни активности, истовремено градејќи пријателства.
Оваа промена е резултат на многу фактори, вклучително и на нашите напори да го промовираме инклузивниот танц како моќно средство за социјализација и разбирање. Гледајќи како нашите танчери од различни групивежбаат и настапуваат заедно, публиката се учи на вредноста на различностите и прифаќањето. Нашите настапи не само што ги забавуваат гледачите, туку и им овозможуваат да ги видат различностите во нова светлина, што доведува до подлабоко разбирање и респект кон различностите. Оваа ретроспективна инклузивна танцова претстава ќе се случи 9. година, за што сме особено горди, бидејќи успеавме да одржиме континуитет во работата и покрај сите предизвици кои ги имавме и имаме успеваме на крајот да ги реализираме нашите идеи.

Каква е поддршката на државата, Министерството за култура за вашата работа и дали приватниот сектор станува повеликодушен да ги поддржува вашите инклузивни претстави и настани?
– Поддршката што ја добиваме од Министерството за култура и од државата е важна за нашата работа, но морам да признаам дека многу пати не е доволна. Со текот на годините, се соочивме со многу финансиски предизвици. На пример, иако имаме некоја поддршка, обично успеваме да собереме само околу 60 проценти од потребните средства за нашите проекти. Тоа значи дека мораме да жртвуваме делови од нашите кореографии,костимографија, материјали за репрезентација и дури и нашата удобност. На пример, за да учествуваме на светски натпревари, како што беше тоа во Варшава, Грац, Џенова, Киелце, Римини.., често пати патуваме со автобус наместо со авион, изигруваме и веднаш утредента поаѓаме назад, што е физички исклучително напорно за сите нас, а посебно на танчерите со попреченост кои често пати патуваат и со терапии.
Нашите танчери се извонредни и имаат уникатен квалитет. Со годините, како танчер, кореограф и судија, имав можност да видам многу и сметам дека нашата група е една од најдобрите во светот. Но, секој настап, натпревар или проект за нас претставуваат нова борба и предизвик.
Што се однесува до приватниот сектор, свеста се подига и таму, но сè уште не е на ниво каде што можеме целосно да се потпреме на нивната поддршка. Министерствата обично покриваат само мал дел од потребите, оставајќи ни голем товар да го носиме самите. Потребен е систем кој ќе овозможи поддршка не само за традиционални иуметнички проекти – како тие на националните установи, туку и за инклузивни иницијативи како нашите, како и поддршка за лицата со попреченост во нивното образование со стремеж нивните хобија да им станат и кариерни можности. Со ваков систем, би можеле да оствариме уште поголем напредок и да создадеме уште повеќе можности за нашите членови.





