Филмот „М“ на Вардан Тозија во Њујорк ја доживеа американската премиера

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија вчера ја имаше својата американска премиера во САД, во рамките на фестивалот Dances with Films што се одржува на Менхетн. Станува збор за еден од најзначајните гласови на независната филмска индустрија надвор од Холивуд. По премиерата, следеше дискусија со режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката.

По 25 години одржување во легендарниот Chinese Theatre во Лос Ангелес, фестивалот се сели во срцето на Њујорк, повторно на култна локација – Regal Union Square Theatre. Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“. Според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“…

Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму на официјалната селекција на овој фестивал  ја претставува македонската кинематографија пред американската публика. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.

Сподели