„Како ќе го делиме мачорот“ – претстава што успева лесно да ги соочи децата со тема за која тешко се зборува

Постојат теми што не може едноставно да им се доближат на децата, теми што го предизвикуваат еден поединец, семејство, aмрт на ближен член на семејство/фамилија, разделби, развод… На тој начин тие теми лесно стануваат табу и ние возрасните не умееме едноставно да им ги доловиме на децата. Како што литературата е тука за да ни помогне да одгатнеме многу од овие прашања (цела класична литература за деца се базира на оваа проблематика) и на приемчив начин за децата зборува за горливите прашања, така, можеби уште посликовито тоа може децата да го доживеат, почувствуваат на големото платно или пак во театар. Темите со кои театарот за деца во Македонија се бави во последните години, повеќе или помалку се повторуваат, со различни видувања, се разбира, но ретко македонскиот театар мора почесто да се зафаќа со покомплексни теми кога треба да се обраќа на деца и младинци.

Радост е премиерата на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ по текст и режија на Јане Спасиќ, на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје.

Потпирајќи се на романите на авторката за деца и млади, Џуди Блум, Спасиќ го создаде текстот „Како ќе го делиме мачорот?“. На многу интересен начин, преку централниот лик на мачорот Гарфа (Ненад Митевски) во едно веќе нехармонично семејство каде љубовта одамна излегла низ прозорец помеѓу мајката и таткото, Спасиќ со одличните актери и останатите соработници, создаде претстава за публика од 11-12 години до возрасна публика.

Актерите сите до еден – извонредни! Младата Матеа Јанковска од улога во улога станува сè посигурна и поуверлива. Овде го игра средното дете, преку чие раскажување ја дознаваме приказната, болката на три деца чии родители се разведуваат. Нејзиниот најдобар другар Гарфа е тука за да биде на некој начин нејзината потсвест и да и се најде во најтешките моменти. Решение што особено ми се допадна е што не избрале Гарфа (Ненад Митевски), како што се случува најчесто во претставите за деца, да биде маскиран со сите нишани, мустаќи, уши, опашка и слично, но овде Митевски имаше само бел џемпер и бели ракавици, како мала симболика. Но, фокусот на неговата игра беше врз неговите движења кои беа посебно успешни и асоцираа на мачорот.

Одлични трансформации постигна и Ангела Димитрова, уште една актерка од поновата генерација, која магично се претвора во девојче од 5-6 години. Нивна потпора беше Никола Наковски кому овој пат му припадна задачата да биде бунтовен тинејџер и тоа го направи беспрекорно.

Тешка задача имаа и родителите во претставата – Драган Довлев и Ана Левајковиќ. Тие ни претставија семејство во кое секој од нас може лесно да се пронајде. Уверливи, гневни (посебно мајката), која ја носи целата планина гнев врз своите рамена.

И како што секогаш се случува, не може да има добра претстава без добра епизодна улога. Овојпат тоа и припадна на Марија Ѓорѓијовска, во неколку улоги – како тетка на децата, девојка на најголемото дете, но и другарка.

За пофалба е креативноста на режисерот и на екипата да си играат со сценографијата (Кирил Василев) и од неа да прават различни промени. Или играта со костимите (Бранкица Јордановска) за лесно влегување од улога во улога.

Претставата е од оние што мора да се гледаат, затоа што е тема блиска за секој од нас. Ако не е тоа вашето семејство, тогаш е сигурно на некој ваш близок чија приказна ќе ја препознаете.

И посебно е за поздравување што се обраќа на возраст за која во моментов и нема многу избор на претстави за гледање, од 11-12, па поголеми, затоа што дефинитивно, Театарот за деца и младинци мора што е можно повеќе внимание да обрне и претстави да има за поголемите деца.

Една мала, но важна дилема – дали јазикот во претставите што се обраќаат на тинејџерите, речиси секогаш треба да биде со жаргонизми и не секаде почитување на изговорот на македонскиот стандарден јазик? Но, затоа театарот и постои, да ни отвора дилеми, дискусии.

„Како ќе го делиме мачорот“ е претстава за која дефинитивно вреди да потрошите два часа во гледалиштето на Театарот за деца и младинци!

Сподели