„Бура и продор“ за борбата со себе, за желбата за успех, за егото, но и фер играта

Втората изведба на „Бура и продор“ во режија на Теа Беговска е закажана за вечерва во 20 часот во КСП Центар Јадро. Во претставата играат одличните: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски и Дин Ибрахим.

На независниот театар никогаш не му било мирно и безбедно во една културна средина, особено во нашата. Можеби во својата основа/срж и задача му е да се бори, да се раѓа одново и одново, да се потпира на тие нежни, но цврсти нозе на ентузијазмот и љубовта. Скопје во последниве години го заплиснува еден убав бран на десетици независни групи кои се храбри, носат нов ветер, нова приказна.

Еден од тие независни состави собрани за конкретниот театарски перформанс се шестемина актери, заедно со режисерката Теа Беговска и нивниот перформанс „Бура и продор“. Ова дело беше резултат на еднонеделна работилница во рамките на фестивалот „Скупи“ во октомври годинава. За среќа, за разлика од многу такви настани, што ја имаат судбината само на една изведба, шестемина млади актери заедно со Беговска, му го продолжуваат неговиот живот.

Својата прва изведба ја имаше во КСП Центар Јадро, а веќе втората е закажана за вечерва во 20 часот на истата локација. Во претставата играат одличните: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски и Дин Ибрахим.

Иако можеби просторот им е мал, неверојатно е каква сплотеност и енергија и подарија на публиката, која на моменти како станува како дел од нив. Речиси целосно физички театар, што се потпира на идејата каква е борбата на актерите кои очајно очекуваат важен телефонски повик за одредена понуда за улога. Иако ова може да се преслика на која било друга уметност или професија.

„Бура и продор“ е целосно минималистичка претстава, со само неколку столчиња и еден црвен телефон и фокус што го задржуваат одличните актери цело време.

Низ борбата со егото, но и со сопствените граници – до каде ќе одам за да постигнам нешто, „Бура и продор“ е прекрасно патување внатре во нас. Заминувате од претставата поставувајќи си го прашањето на што сум спремен за да постигнам нешто. Но исто така се нагласува и прашањето на тоа колку сме силни заедно, колку можеме заедно и колку фер играта е важна за успех.

Независната сцена треба да ја поддржеме сите – државата, публиката, независните културни сцени, за долго да им летаат крилјата и да создаваат храбри дела!

Сподели