Од печат излезе второто издание на романот „Плетачката на тантели“ од писателката Билјана Станковска кој издавачката куќа „Феникс“ за прв пат го објави во 2021 година. Појавата на новото издание укажува дека романот го привлекува вниманието на читателите, а и на стручната критика.
„Дејството на ,Плетачката на тантели’ се впишува во една историска тема досега необработувана во македонската прозна литература – прогонството на белогардејците по Руската револуција и судбината на илјадници семејства приморани да се преселуваат и да бараат ново поднебје. На ваквата историска подлога, писателката вкрстува повеќе комплексни теми: личната судбина на едно растурено семејство, неговото рекомпонирање, човечката природа, комплексноста на поимот љубов и пожртвување. Главниот лик е една старица која иако е отсутна од реалното дејство во романот, сепак, е сеприсутна во сеќавањата на протагонистите. Таа е ‘плетачката’ која не само што создава тантели како со ‘рака негибнати’, туку и одново ја ‘заплетува’ судбината на нејзиното семејство“, посочува Марија Станковска Ѕамалис.
Романот се карактеризира со исклучителен наративен стил (раскажувачки набој создаден со елипси и реминисценции), со рафиниран јазик и богата лексика која читањето го прави вистинско уживање за сите љубители на македонскиот јазик.





