Реставрацијата на културното наследство како нејзин антипод – принципот на автентичност

Но, за жал, нашата конзерваторска пракса сведочи дека единствено што задржуваме и чуваме е формата и тоа во обем кој не соодветствува со степенот на сочуваност во времето на стекнување статус заштитено добро!

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Споменик на култура како вредносна категорија, во своето опстојување поминува низ две фази – природна фаза на создавање, обновување, менување и институционална фаза на заштита, чување и презентација. Со стекнувањето статус на заштитено добро, во процесот на вреднување и чување, вештачки се прекинува природниот тек на опстојувањето на објектот – субјект, неговиот „живот“ завршува, заедно со иницијалната смисла на неговото создавање. Од објект по себе, тој се трансформира во градба, предмет или претстава и се сместува во категоријата – профано или сакрално наследство.

Во музеите и во бирократските процедури на институциите за заштита, артефактите атрофираат, замира нивната примарна функција во отсуство на природната средина во која била остварувана.

Во оваа смисла, автентичноста како поим е поврзана со изгледот и степенот на сочуваност на артефактот во моментот кога истиот добива правен статус на заштитено добро, независно на која категорија припаѓа (движно или недвижно културно добро). Појавата на првите музеи и реставрацијата, како нова општествена дејност, ја следат бројни контроверзи и директно спротивставени ставови – за и против ригорозните зафати на сакралните објекти. Во однос на музеите треба да се подвлече дека сè уште се предмет на филозофски расправи бројни мислења и ставови, особено ставот на Теодор В. Адорно, за „музеите како фамилијарни гробници на уметничките предмети“ (Valery Proust Museum, 1967). Не помалку значајни се есеите на Андре Малро, познат теоретичар, писател и поранешен министер за култура. За Малро, „музеите се модерен производ – институции кои во денешната форма постојат само околу двеста години. Во други култури и времиња, сликите имаат различна улога од онаа која им се припишува денес. Многу од предметите кои ние денес ги нарекуваме уметност – како што се африканските ритуални маски или египетските скулптури, изворно воопшто не биле перцепирани како уметност. Во културите од кои потекнуваат, тие претставувале фигури на нивните претци, или слики на бoгови“. Од времето, кога го напишал своето познато дело „Имагинарен музеј“(1954) па сè до денес, музеите опстојуваат, се развиваат и постојано се збогатуваат со нови тематски поставки. Денес, светот не може да се замисли без постоење на музеи и заштитени споменици на култура сочувани во автентична состојба. Чувањето на автентичноста, нужно подразбира „умртвување“ на уметничкото дело во материјал, форма и изглед од времето на нивното создавање во т.н. природна средина. Музејските предмети сместени во витрините, поседуваат одредена предност во однос на чувањето на автентичноста, затоа што се заштитени од надворешни влијанија.

Сосема е поинаква „судбината“ на недвижното културното наследство, на различните видови градби кои се заштитени со закон, со нов статус, а сè уште ја извршуваат првобитната функција за која биле наменети (сакрални/религиозни храмови, приватни објекти за домување, институции од јавен карактер…). Според Иво Маројевиќ, во заштитата на недвижното културно наследство исто така се применува музеолошкиот пристап, но со одредени разлики кои се поврзани со нивната активна функција. Тој, во овој контекст како пример ги посочува токму сакралните објекти (цркви и манастирски комплекси) во кои доаѓа до преклопување на доминантните содржински одредувања – тие истовремено служат за извршување на примарните функции и презетирање на сочуваните вредности, при што често се доближуваат до отворената музејска содржина. Имено, една црква како простор, со сите украсни декоративни аспекти (од фреско живопис, преку иконостас, икони и друг црковен мобилијар) во материјал и форма затекната во моментот на заштита се „музеализира“, а движните предмети сочувани во внатрешноста стануваат нејзин инвентар. Доколку овој процес е доследно изведен, тој гарантира целосно чување на споменикот во неговата автентична состојба во форма, материјал и техника. Во овој контекст, исто како и изложените предмети во витрините, музеализацијата на недвижното културно наследство гарантира чување на автентичноста.

Но, што се подразбира под автентичност во контекст на заштитата на недвижното културно наследство/споменикот на култура? Од самите почетоци на реставрацијата во Европа, посебо во Франција (средина на 19 век), до првите конвенции за заштита и реставрација, поимите автентичност и реставрација, постојано се менуваат во зависност од историското и културно миље на реализираните реставраторски зафати. Во оваа смисла, она што под реставрација и автентичност подразбирале француските деветнаестовековни реставратори (Eugene – Emmanuel Viollet -le – Duc), е различно од современите принципи содржани во Венецијанската повелба (1964), Нара документот за автентичност (1994) или Повелбата од Рига за автентичност и реконструкција (2000).

Нара документот за автентичност е еден од најцитираните од ваков вид (посебно точките 9-13), бидејќи во него се содржани главните насоки и аспекти, кои го одредуваат поимот и значењето на овој принцип. Имено, во документот се истакнува дека, според карактерот и видот на културното наследство, проценката за автентичноста е поврзана со бројни извори на информации, но посебно со неколку кои се појавуваат како клучни а тоа се: „…форма и обликување, материјал и суштина, намена и функција, традиција и техники, положба и локација, дух и сетилност и др.“ Користењето на овие извори овозможува утврдување на специфичните уметнички, историски, општествени и научни аспекти на културното наследство кое е предмет на проучување. Во суштина, во секое дело кое е предмет на анализа и реставрација, автентичноста е содржана во четири елементи – форма, материјал, техника и функција. Тоа значи, дека секој споменик поседува посебна автентична форма, обликувана со посебна автентична техника, материјал и функција. Доколку во самиот пристап кон споменикот се занемари еден од овие елементи како параметри, се нарушува автентичноста на целината.

Овие четири елементи како параматери ги поседуваат сите видови на недвижно културно наследство – од цркви, џамии, преку профани јавни објекти, анови, безистени, амами, тврдини, театри, аквадукти… до приватни објекти за домување. Kонзерваторската пракса покажува дека во пристапот кон споменикот најнапред се заобиколуваaт или недоволно „се користат“ изворите кои овозможуваат утврдување на специфичните уметнички, историски, општествени и научни аспекти на културното наследство“ кои се таксативно наведени во Нара документот за автентичност. Кога говориме за изворите, мислиме на изворите содржани во самиот споменик, и кога говориме за научните аспекти мислиме на техничките и материјалните аспекти од кои треба да учиме за да го сочуваме во автентична состојба.

Но, за жал, нашата конзерваторска пракса сведочи дека единствено што задржуваме и чуваме е формата и тоа во обем кој не соодветствува со степенот на сочуваност во времето на стекнување статус заштитено добро! Другите елементи, посебно материјалот и техниката целосно се отфрлаат заедно со нивната автентичност. Како пример за ваквата пракса ги посочуваме обемните реконструкции на тврдините (Самуилова тврдина, Скопско кале…) за кои несоодветно го употребуваме поимот „реконструкција“, затоа што реконструкцијата претпоставува постапка на обнова во ист материјал и со иста техника на градење. Она што го гледаме денес е нововековна тврдина изградена со армирано-бетонска конструкција и обложена со камен. За овој вид на споменици не може да се примени ниту еден принцип содржан во конвенциите, најмалку оние од Нара документот за автентичност. Но, има уште полоши примери и од тврдините и од авторските кровови на византиските цркви на кои повторно ќе се навраќаме во следните текстови.

Сега ќе се задржиме на феноменот „факсимилна реконструкција“ за која Зоран Павлов (Аутентичност vs факсимилне обнове као израз очувања културног наслеђа – Охрид) говори како за „појава на нова тенденција во поимањето на терминот реконструкција“. Тоа е факсимилната обнова, која на „некој начин“ би требало да биде разбрана како зачувување на автентичноста. Според авторот на цитираниот текст, едно од најчестите образложенија за пристапот кон факсимилна обнова е дотраеност/истрошност на градбите. Во текстот е присутна блага доза на критика на образложението, со укажување дека главната причина за таквата состојба, парафразирам, може да се прифати само доколку системот не функционира.

Дека системот не функционира одамна е познато, како што е познато дека (со мали исклучоци) скоро сите стари куќи во Охрид се факсимилно обновени такашто ниту една не е автентична (освен оние на кои не е извршена каква било интервенција). Но, она што е спорно во овој текст е прашањето, дали во Охрид навистина се врши факсимилна обнова или станува збор за нешто друго. Доколку се повикаме на значњето на поимот факсимилна обнова и ставовите на познатиот професор Т. Марасовиќ, она што се прави во Охрид не може да припадне во категоријата факсимилна обнова. Познато е дека во светот факсимилната обнова се прави во исклучителни услови на големи насилни разурнувања на споменици, во случај на војна или елементарна непогода. И тоа крајно селективно и со добро образложение. Дополнително, при обновата се користи расположивата документација за прввобитниот изглед и обновата се прави во иста техника и материјал. А што се случува во Охрид? Во проектите кои ја поминуваат стручната контрола е предвидено до темел да се рушат старите куќи за да се изградат нови, потоа се градат нови куќи со армирано бетонска конструкција и фасада налик на старата. Токму овој начин на т.н. обнова не може да поврзе со поимот „факсимилна обнова“. И тука се појавува суштинска разлика меѓу т.н. факсимилна реконструкција вградена во Законот за прогласување на старото градско јадро во Охрид како културно наследство од особено значење и ставот на професорот Марасовиќ.

На крајот наместо епилог: ако проектантските авторски покриви во „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Перивлепта, Нерези, Никита… значително ја нарушија автентичноста на градбата, тие сепак можат да се реституираат и да се вратат во првобитната состојба (за жал не и живописот кој е неповратно уништен), староградската архитектура на Охрид како целина и поединечно е срушена (што ќе правиме со Охрид?). Таму оригиналите се трајно изгубени, а она што им го покажуваме на туристите и експертите од УНЕСКО не е ниту копија а најмалку чување на „автентичниот изглед“. Следствено, не може а да не се запрашаме: како е возможно од Управата да бидат одобрени проекти за факсимилна обнова, со образложение дека „ќе бидат сочувани автентичните примери на охридска староградска архитектура, објекти кои се карактеристичен пример на конструкции и форми на традиционално градење и урбанистички концепти од крајот на 18 век“???

Сподели